Економија
Сараќини ги запозна градежниците со Правилниците за енергетска ефикасност

Министерот за економија Ваљон Сараќини во понеделник во Сојузот на стопански комори на Македонија оствари работна средба со претставници на градежни компании и со претседателот на Градежната комора Сеад Кочан.
„Целта на денешната средба е да ги запознаеме градежните компании со придобивките, но и со обврските кои произлегуваат од Правилникот за енергетските карактеристики на зградите и Правилникот за енергетска контрола, кои што беа изработени од страна на експерти и кои што се веќе објавени во ‘Службен весник на Република Македонија’. Почнувајќи од следната година, пред да се даде дозвола за градба, потребно е да се достави и елаборат за енергетска ефикасност, за да можат инвеститорите, градежните компании и сите други субјекти кои што се занимаваат со градежните работи, да се обврзат дека новите објекти кои ќе бидат изградени ќе бидат енергетски ефикасни“, потенцираше министерот Сараќини, додавајќи дека не само новите објекти, туку и голем дел од постоечките објекти ќе треба да се реновираат и да станат енергетски ефикасни.
Според Сараќини, во Република Македонија потребно е да се реновираат околу 1.100.000 квадратни метри од станбениот фонд на згради до 2020 година, што значи дека почнувајќи од следната година, според препораките од Европска Унија, потребно е да се реновираат по 3 отсто од приватниот и 5 отсто од јавниот фонд годишно.
Бидејќи во Република Македонија има недостиг од работна сила на пазарот, потребно е да се вработат 16. 000 нови работници во градежниот сектор до 2020 година, како дополнување на сегашната бројка од 40.000 работници, за што ќе бие потребна обука на околу 2.800 работници годишно за воведување на мерките за енергетска ефикасност.
„Затоа веќе во септември ќе се објави и првиот јавен повик од Агенцијата за енергетика, за првата група на градежни работници или други правни лица, кои што е потребно да ги поминат обуките за енергетска ефикасност и енергетски контролори, и затоа сакам да ги повикам сите градежни компании, градежни работници, но и други физички лица, кои што се заинтересирани да станат енергетски контролори, од септември да се пријават на јавниот повик, а веќе од октомври да почнат да ги следат обуките“, информираше министерот Сараќини.
Претседателот на градежната комора Сеад Кочан, пак, истакна дека донесувањето на правилниците за енергетска ефикасност е нов сегмент, односно нова ера во градежниот сектор, што конкретно би значело, отварање на нови работни места, поголема продажба на материјали кои што се енергетски ефикасни, поголем број на изградени квалитетни згради, но и помали давачки за електрична енергија, што би значело остварување на голем бенефит, не само во градежниот сектор, туку и пошироко. /крај/со/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Франција го казни „Шеин“ со 40 милиони евра за лажни попусти

Франција го казни кинескиот онлајн-продавач на облека „Шеин“ со 40 милиони евра за заведување на клиентите со тврдења за попусти.
Од 1 октомври 2022 година до 31 август DGCCRF анализира наводно намалени цени за илјадници производи на француската веб-страница на „Шеин“.
Истрагата откри дека некои цени на платформата биле зголемени непосредно пред попустите или не ги вклучувале претходните попусти, објави регулаторот. Цените на повеќе од половина од анализираните производи, 57 проценти, воопшто не биле намалени, откри DGCCRF, а речиси една петтина од попустите биле помали од рекламираните.
Во 11 проценти од случаите цената била уште повисока, објави DGCCRF. „Шеин“ исто така не успеа да достави докази на својата веб-страница за да ги поткрепи своите тврдења за еколошки свесно работење, како што е намалувањето на емисиите на стакленички гасови за 25 проценти.
(Фото: ЕПА)
Економија
(Видео) Николовски: Власта удри по земјоделците, крати 478 милиони денари во ребалансот

Власта предлага антинароден и расипнички ребаланс на буџетот, со кој се кратат 478 милиони денари од поддршката за земјоделците. Во најголемиот буџет власта нема пари за земјоделците, нема пари за поголеми субвенции, но затоа има повеќе пари, 30 милиони евра за владиниот луксуз, обвини пратеникот од СДСМ, Љупчо Николовски.
Тој додаде дека во време кога земјоделците се соочуваат со драстично зголемени трошоци за нафта, ѓубрива, механизација и работна рака, власта им го завртува грбот. Наместо поддршка, рече Николовски, добиваат игнорирање.
„Спротивно на оваа антинародна политика, СДСМ останува цврсто на страната на земјоделците. Пратеничката група на СДСМ поднесува амандмани со кој бара да се врати предвидената сума за субвенции и дополнително бара конкретни мерки за реална поддршка на земјоделското производство“, рече тој.
Николовски додаде дека СДСМ предлага враќање на поддршката од 12.000 денари по грло говедо за сточарите; зголемување на поддршката за оризова арпа за реколта 2024; интервентна субвенција од 8 денари по килограм сончоглед; поддршка од 5 денари по килограм за предадена пченица; мерка од 3 денари за продадена пченка во откупни капацитети; враќање на мерката од 1.000 денари за предадено јагне и итна распределба на картичките за зелена нафта за 50.000 земјоделци.
Николовски кажа дека СДСМ и во време на ковид пандемија и војна во Украина не кратела од земјоделците туку напротив, интервенирала со дополнителни субвенции, закони и програми.
„Апелираме до Владата: наместо да уриваат што е создадено, продолжете ги добрите практики кои функционираа. Не ги оставате земјоделците сами, не им кратете од она што им припаѓа! Земјоделството не смее да биде жртва на вашата расипничка политика“, рече Николовски.
Економија
Конституенцата на ММФ и СБ: Народната банка e столб на макроекономската и на финансиската стабилност

Гувернерот Трајко Славески, и министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, ја предводеа делегацијата на годишниот состанок на Конституенцата на Меѓународиот монетарен фонд (ММФ) и Светската банка (СБ), на која ѝ припаѓа нашата земја, а којшто годинава се одржува во Луксембург.
Дел од делегацијата е и вицегувернерката Ана Митреска. На билатералните средби коишто ги остварија беше потврдена улогата на Народната банка како столб на макроекономската и финансиската стабилност во земјава.
За време на средбите со високите претставници од ММФ и Светската банка − Јерун Клик, Марникс ван Рај, Марк Хортон и Јуџин Ругенаат − се водеа плодни дискусии за сегашните предизвици на централните банки.
Во рамките на дијалогот беше истакната важноста на координацијата меѓу централните банки и меѓународните финансиски институции за унапредување на финансиската вклученост, дигитализацијата на финансискиот систем и унапредувањето на регулативните рамки. Се разговараше и за начините на кои Народната банка ја поддржува макроекономската стабилност преку ефикасно управување со монетарната политика и силна регулаторна улога.
Овие средби ја потврдија довербата во капацитетот и посветеноста на Народната банка како стабилен и кредибилен партнер, што придонесува кон создавање отпорна и успешна економија, со подобри услови за граѓаните и за стопанските субјекти.
Народната банка и во иднина ќе биде посветена на својата мисија за обезбедување сигурност и стабилност на финансискиот систем, како основа за одржлив економски развој и напредок на земјава.