Економија
Скромен раст на прометот во американската малопродажба во јуни
Прометот во американската малопродажба благо пораснал во јуни, извести во понеделникот американското министерство за трговија, чиишто податоци се надоврзуваат на серијата сигнали за забавувањето на растот на најголемата светска економија.
Така, според податоците на министерството за трговија на САД, прометот во малопродажбата во јуни 2013 година пораснала во однос на претходниот месеца за 0,4 отсто, откако во мај беше зголемен за 0,5 проценти.
Најмногу пораснала продажбата на автомобилите, а дополнителна поддршка на прометот во малопродажбата му пружиле и повисоките цени на бензините. Продажбата на градежните материјали, пак, забележала најголем пад во повеќе од последните 12 месеци, што може да биде сингл и за слабости на пазарот на недвижнини.
Доколку се изземат автомобилите, бензините и градежните материјали, основниот промет е зголемен за 0,1 отсто, по 0,2-процентниот раст во мај. Таканаречениот основен промет најтесно кореспондира со личната потрошувачка во рамките на бруто домашниот производ (БДП).
Сигналите за послабата домашна потрошувачка се надоврза на неодамнешните слаби трговски податоци и временски се совпаднаа со расправата во американската централна банка Federal Reserve (Fed) за намалување на месечната програма во износ од 85 милијарди американски долари за откуп на сопствености, чија цел е да се поттикне растот и задржување на трошоците на задолжувањето на ниско ниво.
Гувернерот на Fed, Бен Бернанке минатиот месец изјави дека централната банка ќе започне да ги намалува тие поттикнувачки мерки во втората половина од 2013 година и веројатно целосно ќе ги згасне до средината на следната 2014 година, доколку се покаже дека економското заздравување е одржливо.
Ве меѓувреме, сепак, Бернанке нагласи дека банката мора да истрае во поттикнувачката монетарна политика, имајќи го предвид ниското ниво на инфлација и се уште високата стапка на невработеност. Во втората половина од оваа седмица, Бернанке во американскиот Конгрес ќе зборува за ситуацијата во домашната економија./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Народна банка: Макроекономските движења се во рамките на проекциите
Советот на Народната банка, на редовната седница одржана во февруари, ги разгледа најновите макроекономски показатели и Извештајот за управувањето и инвестирањето на девизните резерви во четвртиот квартал на 2025 година.
Според Информацијата за најновите макроекономски показатели, и натаму преовладуваат оцените за стабилен светски економски раст за периодот 2025 – 2027 година, но ризиците се надолни и главно произлегуваат од трговските и од геополитичките тензии.
„Во домашната економија, најновите показатели главно се во согласност со проекциите. Во третиот квартал од 2025 година, реалниот раст на БДП изнесува 3,8% и е малку над очекувањата, а расположливите високофреквентни податоци упатуваат на раст и во текот на четвртиот квартал. Просечната стапка на инфлација, во 2025 година, изнесува 4,1% и е близу до проекциите. Во јануари 2026 година, девизните резерви забележаа раст и се на ниво коешто, согласно прифатените меѓународни стандарди, е соодветно за одржување на стабилноста на девизниот курс. Податоците од монетарниот сектор покажуваат годишен раст на депозитите од 10% и на кредитите од 13%, во декември 2025 година, што е умерено над проекциите за крајот на годината“, соопшти НБРМ.
Според Извештајот за управувањето и инвестирањето на девизните резерви, во четвртиот квартал од 2025 година, девизните резерви се зголемиле и на крајот на декември достигнале 4.925 милиони евра. Во согласност со инвестициската поставеност, околу 74,2% од девизните резерви се вложени во должнички хартии од вредност, главно во државни обврзници издадени од земји членки на еврозоната, по што следуваат монетарното злато (16,5%) и депозитите и паричните средства (9,3%).
„Сигурноста и ликвидноста во управувањето со девизните резерви се обезбедуваа преку пласмани во финансиски инструменти со висок кредитен рејтинг коишто овозможуваат брза достапност до ликвидни средства, а условите на меѓународните финансиски пазари и внимателниот и врамнотежен пристап кон инвестирањето придонесоа за поволни финансиски остварувања во 2025 година“, се наведува во соопштението од Народната банка.
Економија
Дизелот поскапува
Од ноќеска на полноќ, цените на дизелот и на Екстра лесното масло за домаќинство ќе се зголемат за два денари, додека цените на бензините остануваат исти, соопшти Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ).
Од 28.2.2026 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 73,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 75,50 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 71,00 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 70,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 34,520 (денари/килограм)
Малопродажните цени на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и на Екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) се зголемуваат за 2,00 ден/лит.
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 и на Мазутот М-1 НС не се менуваат.
Економија
АЛКАЛОИД АД Скопје ќе исплати за 14,3 % поголема дивиденда во однос на минатата година
АЛКАЛОИД АД Скопје објави дека седницата на годишното Собрание на акционери на Друштвото ќе се одржи на ден 30.03.2026 година со почеток во 08:00 часот во деловните простории на Друштвото, Бул. Александар Македонски бр. 12, Скопје, Република Северна Македонија.
Управниот одбор на АЛКАЛОИД АД Скопје на седницата одржана на ден 26.02.2026 година донесе Предлог-Одлука со која му предлага на Собранието на акционери исплата на дивиденда за 2025 година во износ од 720,00 денари бруто односно 648,00 денари нето по акција, што во однос на исплатената дивиденда по акција за претходната година од 630,00 денари бруто односно 567,00 денари нето е поголема за 14,3%.
За исплатата на дивиденда и персонален данок на личен доход компанијата ќе издвои над 1 милијарда денари. Во согласност со предлог одлуката, исплатата на дивидендата ќе започне од 13.05.2026 година.
(ПР)

