Економија
Груевски: Договорот за „Јужен тек“ ќе се потпише во вторник

Премиерот Никола Груевски во неделата информираше дека во понеделник ќе предводи делегација во Москва, каде се очекува во вторник да биде потпишан договорот за гасоводот „Јужен тек“.
„Морам да кажам дека ова е исклучително значаен проект за нас затоа што со Јужен тек практично на долг рок се гарантира енергетската стабилност на Македонија. Се обезбедуваат нови количини на гас кои ќе направат и проектот за внатрешна инфраструктура за преносот на гас во Македонија да добие една поголема смисла бидејќи внатрешната инфраструктура за која исто така имаме зацртано план како да ја реализираме и планираме брзо да почнеме, зависи од тоа дали ќе имаме доволни количества гас, истакна Груевски.
Тој додаде дека со склучувањето на договорот за Јужен тек сите други понатамошни операции за гасификација на Македонија, за градење на внатрешна инфраструктура на гасоводи добива смисла.
Груевски истакна дека руската страна треба да одлучи дали кракот во Македонија ќе дојде од Бугарија или од Србија.
Владата на Руската федерација објави пред две седмици дека е потпишан договор со владата на Република Македонија за соработка во изградбата на крак од гасоводот „Јужен тек“ за снабдување на гас во земјата, според документот објавен на интернет страницата на руската влада.
Според договорот, во случај да се потврди физибилити студијата за целисходноста на градењето врз основа на анализата, рускиот енергетски гигант во државна сопственост „Газпром“ АД и македонската компанија „Македонски енергетски ресурси“ АД ќе формираат заедничка компанија за реализација на проектот за кракот на гасоводот со подеднаква распределба на акциите, односно по 50 отсто. Во компанијата ќе може да се привлекуваат и нови акционери со натамошно прераспределба на акциите.
Се забележува, притоа, дека трасата на кракот на гасоводот кој ќе минува низ Македонија и неговиот капацитет ќе бидат договорени од страна на основачите по добивањето на резултатите од аналзата.
Конкретните износи, условите и роковите за снабдувањето со природен гас на Македонија ќе се утврдат во договорите меѓу „Газпром“ и „Македонски енергетски ресурси“. Права, пак, за користење на сите објекти на гасоводот му припаѓаат на „Газпром“.
Договорот, исто така, ја утврдува обврската на македонската страна да не воведува никакви ограничувања за руските инвестиции во Македонија, спроведени во рамките на договорот, како и да и` обезбеди на компанијата царински и даночни повластици.
„Страните ќе им дадат поддршка на основачите и компанијата при добивањето на сите неопходни дозволи поврзани со проектот за кракот на гасоводот, како и за набавки на неопходната опрема и машини, за извршување на градежните работи и други услуги за потребите на проектот“, се вели во соопштението на владата на Руската Федерација./крај/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Мицкоски: Имаме раст на извозот, градежништвото и туризмот гарантираат раст на БДП и подобар стандард на граѓаните

Во одговор на новинарско прашање, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, истакна дека увозот е многу помал за околу 8% во евра, или за 12-13% во долари, додека пак извозот е во пораст во евра 23%, додека пак во долари е 28%.
„Ако ги споредите првите два месеци април и мај од оваа година, со првите два месеци април и мај од 2024 година, длабоки анализи правиме, ќе видите дека за 80 милиони долари е намален трговскиот дефицит, а тоа е цели 13% и тоа ќе учествува во БДП. Ако на тоа се додаде растот на индустриското производство коешто е во просек за април и мај, првите два месеци од вториот квартал 5,5%, а само во мај 9,4%’’, истакна Мицкоски.
Мицкоски додаде дека растот на туризмот и градежништвото, ќе доведат до зголемување на животниот стандард на граѓаните, но и зголемување на бруто домашниот производ.
„Растот на туризмот повеќе од 20%, инвестициската активност повеќе од 15%, растот и бумот во градежниот сектор, сето тоа нас ни гарантира еден успешен резултат за БДП во вториот квартал којшто очекувам да продолжи и во третиот и четвртиот квартал’’, заклучи Мицкоски.
Економија
Македонската „Green Machines“ ја зацврстува дистрибутивната мрежа во САД

Green Machines на БРАКО, познат по своите иновативни еколошки возила за чистење на јавни површини, бележи сериозен раст на американскиот пазар со мрежа на реномирани дистрибутери низ повеќе од 30 американски сојузни држави.
Најнов партнер е компанијата Mar-co Equipment од регионот на Лос Анџелес, која стана ексклузивен дистрибутер за Јужна Калифорнија.
Моментално, Green Machines има дистрибутери во следниве американски држави:
Owen Equipment – Вашингтон, Орегон, Северна Калифорнија, Невада, Ајдахо, Монтана, Јута, Колорадо, Ново Мексико
Industrial Disposal Supply – Тексас
Mar-co Equipment – Јужна Калифорнија
United Rentals – достапен низ сите држави и територии на САД
Grainger – достапен низ целата територија на САД
Equipment Depot – Луизијана, Мисисипи, Кентаки, Индијана, Охајо, Пенсилванија, Масачусетс, Конектикат, Њу Џерси, Мејн, Вирџинија, Милвоки, Висконсин, Флорида, Орегон, Вашингтон
Van Keppel – Канзас, Арканзас, Илиноис, Висконсин, Ајова
Овој успех претставува уште еден доказ за конкурентноста на македонскиот индустриски производ и неговата технолошка супериорност. Со новите дистрибутерски партнери, Green Machines продолжува да ја шири својата глобална визија за почисти, поеколошки и поефикасни урбани средини.
ПР текст
Економија
Муцунски: Владините политики за извоз даваат резултати – раст од 23,44 отсто во мај

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, утрово на социјалните мрежи сподели податоци за кои рече дека го потврдуваат ефектот од економските политики на Владата, при чија реализација значајна улога има и Министерството што го предводи. Статистиката покажува стабилни и позитивни трендови во извозот, дури и во услови на стагнација на европскиот пазар.
Според објавените податоци, македонскиот извоз во мај 2025 бележи раст од 23,44 проценти, додека за првите пет месеци од годината порастот изнесува 3,15 отсто. Во истиот период, увозот е зголемен за само 1 отсто, што упатува на стабилен трговски биланс и позитивно салдо.
„Податоците укажуваат на значително поголем извоз од увоз – што значи повеќе свеж капитал во државата, зајакната девизна позиција и дополнителен поттик за економски раст. Зголемениот извоз отвора нови работни места, го зајакнува домашното производство и ја зголемува конкурентноста на македонските производи“, напиша министерот Муцунски.