Економија
По 35 години нови возови во Македонија
По 35 години во вторникот беше објавен повик за набавка на гарнитури за превоз на патници во железничкиот сообраќај, при што ќе бидат набавени четири дизел патнички гарнитури и шест патнички гарнитури на електричен погон во вкупна вредност од 25 милиони евра, со кои ќе може да се превезуваат вкупно 1.200 патници.
Министерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески, истакна дека новите патнички гарнитури ќе бидат употребени на најфреквентните линии и според анализата направена во „Македонски железници“ со нив ќе бидат покриени 60 отсто од линиите во железничкиот сообраќај, со што на патниците ќе им биде овозможен поудобен и поквалитетен превоз.
„Патничките гарнитури ќе бидат по највисоки европски стандарди. Истите ќе бидат целосно климатизирани, со вакуум тоалети, ќе бидат енергетски ефикасни, а ќе можат да ги користат и лица со ограничена мобилност“, рече Јанакиески. Прецизираше дека ќе треба да ги исполнуваат највисоките европски стандарди за превоз на патници, како во поглед на техничките карактеристики, така и во поглед на задоволување на стандардите за квалитетен превоз на патниците, односно ќе бидат направени согласно техничките стандарди за интероперабилност на Европската унија.
По набавката на патничките гарнитури, Јанакиески очекува да се зголеми бројот на патници кои ќе го користат железничкиот сообраќај.
Обновата, како што додаде Јанакиески, нема да значи автоматско зголемување на цените на билетите, а возовите ќе се движат со зголемена брзина од 100 до 120 километри на час.
Министерот очекува договорот со избраната компанија да биде потпишан во декември годинава, а најдоцна во почетокот на идната година, по што во рок од 12 месеци ќе пристигнат првите гарнитури кои сите наеднаш ќе бидат пуштени во сообраќај.
Повикот е за набавка на нови дизел-моторни и електро-моторни гарнитури за превоз на патници во железницата е објавен на интернет-страницата на Европската банка за обнова и развој.
Како што нагласи Јанакиески, станува збор за „уште еден чекор од реализирањето на стратегијата на Владата на Република Македонија за подобрување на состојбите во железниците, односно конкретно имплементирање на проектот за обнова на возниот парк во железничкиот превоз“.
Со оглед на тоа дека се работи за двостепена процедура за набавка, понудувачите своите првични понуди треба да ги достават до 8-ми октомври кога ќе започне нивна евалуација, по што квалификуваните компании од првиот степен своите финални понуди треба да ги поднесат на почетокот на декември оваа година. Се очекува во рок од 12 месеци од потпишувањето на договорот да пристигнат и првите гарнитури во Република Македонија, што значи дека може да се очекуваат и во текот на 2014 година.
Јанакиески потсети дека покрај овој проект за набавка на нови возни средства, изминатиот период целосно беа репарирани десет класични патнички вагони и две дизел моторни гарнитури. Со овој потег, како што посочи министерот за транспорт и врски, веќе е значително намалена потрошувачката на нафта, односно заштедата изнесува околу 20 отсто, што доведува до енергетски поефикасно одвивање на патничкиот превоз. Спореди дека во однос на 2011 година, минатата година е направена заштеда од 1.000 тони нафта. Со новите возни средства, освен драстично подобрување на квалитетот и удобноста на превозот за патниците, се очекува уште поголема заштеда на средства кои сега се одвојуваат за одржување и експлоатација на старите возни средства./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Гувернерот Трајко Славески учествува на конференција на гувернери во Брисел, во фокус глобалните економски предизвици
Гувернерот на Народната банка, Трајко Славески учествува на конференцијата на гувернерите од Kонституенцата на Меѓународниот монетарен фонд, на која се разгледуваат клучните предизвици и идните насоки на централнобанкарските политики во услови на зголемена глобална неизвесност и променет геоекономски амбиент.
Во фокусот на дискусиите се изгледите за инфлацијата и монетарната политика, како и улогата на централните банки во одржувањето стабилни финансиски системи. Особено внимание е посветено на можните трендови на дерегулација и нивните потенцијални импликации врз финансиската стабилност.
На конференцијата се разговара и за влијанието на технолошките иновации и геостратегиските промени врз економскиот развој и финансиските текови, како фактори што сè повеќе го обликуваат глобалниот финансиски систем.
Во рамките на настанот, се одвива размена на искуства и ставови со гувернери, претставници на европските институции и меѓународните организации, што придонесува кон креирање политики засновани на знаење и соработка, како и кон зајакнување на капацитетите на централните банки за справување со современите економски предизвици и обезбедување стабилен и предвидлив економски амбиент.
Економија
Божиновска на средби со меѓународни партнери за унапредување на енергетиката и рударството
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, денеска оствари низа работни средби со меѓународни партнери со цел продлабочување на соработката и размена на искуства во енергетскиот и рударскиот сектор.
На средба со амбасадорот на Кралството Шведска во Република Северна Македонија, Ола Солстром, беше разговарано за интензивирање на билатералната соработка во секторот рударство, вклучително размена на добри практики од шведски експерти и соработка со македонските универзитети за унапредување на техничките и научните капацитети. Дополнително, на средбата беа разгледани теми поврзани со развој на обновливи извори на енергија и проекти за подобрување на квалитетот на амбиенталниот воздух како дел од заложбите за одржлив економски развој и зелена транзиција.
Министерката Божиновска оствари средба и со амбасадорката на Кралството Холандија, Узлем Џанел, со која разговараа за унапредување на соработката во енергетскиот сектор, вклучително поддршка за обновливи извори на енергија, зајакнување на енергетската ефикасност. Соговорниците ja нагласија важностa од континуирана експертска соработка и размена на иновативни решенија помеѓу двете земји.
Божиновска оствари средба и со преставници на Strategic and Social Research Foundation – Marmara Group. Фокус на разговорот беше организацијата на 29-тиот Евроазиски Економски Самит и официјалната покана до министерката Божиновска за учество на Самитот. На средбата се разговараше и за инвестициони можности во соларната енергија, како и тековните активности и планови на Министерството за енергетика.
Министерката Божиновска ја истакна важноста на овие средби за промоција на Северна Македонија како модерна, инвестиционо атрактивна и еколошки одговорна земја, која континуирано го унапредува енергетскиот и рударскиот сектор и ја зајакнува регионалната соработка.
Економија
Мицкоски: Очекувам убави вести за шеесетина македонски производи да се извезуваат во САД по повластена тарифа
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски денеска одговарајќи на новинарско прашање во однос на очекувањата за поволна одлука за тарифите од САД, изјави:
„Да, очекувам денеска убава вест. Изминативе месеци жестоко преговаравме. Се сеќавате тогаш кога излегуваа голем дел од опозициските, условно кажано, медиуми коишто критикуваа како Македонија добила 34% тарифи, не знам што и не знам како. Очекувам сето тоа да биде потврдено со заедничка изјава денеска. Очекувам поволни вести од таму и очекувам негде околу 63-64 производи коишто се за нас стратешки, да бидат со повластена тарифа којашто ќе биде едноцифрена и ќе се движи меѓу 0 и 6,5%.“
фото/Depositphotos

