Економија
Секој осми човек на светот е гладен
Секој осми човек на планетата е хронично неисхранет, објавија во вторникот агенциите за храна при Обединетите нации, предупредувајќи ги светските челници дека некои региони во светот нема да успеат да го преполоват бројот на гладните до половината на 2015 година.
Во новиот извештајот за прехранбената несигурност, агенциите на ОН проценуваат дека од 2011 до 2013 година 842 милиони луѓе биле хронично гладни, што е 12 отсто од светската популација и 17 отсто помалку отколку во периодот од 1990 до 1992 година. Оваа нова бројка, исто така, е пониска од минатата процена дека 868 милиони луѓе во периодот 2010 до 2012 година, како и од 1,02 милијарди луѓе во 2009 година, меѓутоа не е воедначен напредок во исполнувањето на милениумската развојна цел, според којашто до 2015 година би требало да биде преполовена гладта во светот.
Многу држави веројатно нема да ги исполнат целите кои ги усвоија светските лидери во Обединетите нации во 2000 година, објавија од Организацијата за храна и земјоделство (FAO), Светската програма за храна (WFP) и Меѓународниот фонд за земјоделски развој (IFAD).
„Државите коишто во последните две децении доживеаја судири веројатно ќе имаат позначителни проблеми во намалувањето на гладта. Земјите без излез на море се соочени со постојаните предизвици во пристапот до светските пазар на храна, а државите со слаба инфраструктура и институциите и со дополнителни ограничувања“, се вели во извештајот.
Политиките на поттикнување на земјоделската продуктивност и достапноста до храната се клучни за намалување на појавата на глад и таму каде што е раширена сиромаштијата, истакнуваат во извештајот споменатите три агенции на ОН.
„Кога тие (поттикнувањата и субвенциите -з.р.) ќе се комбинираат со социјалната грижа и другите мерки кои ги зголемуваат приходите на сиромашните семејства за да купат храна, тие може да имаат уште попозитивен ефект и да го поттикнат руралниот развој“. Роднините коишто испраќаат парична помош од странство, којашто е трипати поголема од официјалната развојна помош, има значително влијание и овозможува подобра исхрана“, се истакнува уште во извештајот.
Огромно мнозинство од гладните – 827 милиони луѓе, живеат во земјите во развој, каде што раширеноста на неисхранетоста во овој извештај се проценува на 14,3 отсто. Африка и натаму е регионот со највисока стапка на неисхранетост којашто погаѓа повеќе од петтина од населението, а ја следи јужна Азија./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Гувернерот Трајко Славески учествува на конференција на гувернери во Брисел, во фокус глобалните економски предизвици
Гувернерот на Народната банка, Трајко Славески учествува на конференцијата на гувернерите од Kонституенцата на Меѓународниот монетарен фонд, на која се разгледуваат клучните предизвици и идните насоки на централнобанкарските политики во услови на зголемена глобална неизвесност и променет геоекономски амбиент.
Во фокусот на дискусиите се изгледите за инфлацијата и монетарната политика, како и улогата на централните банки во одржувањето стабилни финансиски системи. Особено внимание е посветено на можните трендови на дерегулација и нивните потенцијални импликации врз финансиската стабилност.
На конференцијата се разговара и за влијанието на технолошките иновации и геостратегиските промени врз економскиот развој и финансиските текови, како фактори што сè повеќе го обликуваат глобалниот финансиски систем.
Во рамките на настанот, се одвива размена на искуства и ставови со гувернери, претставници на европските институции и меѓународните организации, што придонесува кон креирање политики засновани на знаење и соработка, како и кон зајакнување на капацитетите на централните банки за справување со современите економски предизвици и обезбедување стабилен и предвидлив економски амбиент.
Економија
Божиновска на средби со меѓународни партнери за унапредување на енергетиката и рударството
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, денеска оствари низа работни средби со меѓународни партнери со цел продлабочување на соработката и размена на искуства во енергетскиот и рударскиот сектор.
На средба со амбасадорот на Кралството Шведска во Република Северна Македонија, Ола Солстром, беше разговарано за интензивирање на билатералната соработка во секторот рударство, вклучително размена на добри практики од шведски експерти и соработка со македонските универзитети за унапредување на техничките и научните капацитети. Дополнително, на средбата беа разгледани теми поврзани со развој на обновливи извори на енергија и проекти за подобрување на квалитетот на амбиенталниот воздух како дел од заложбите за одржлив економски развој и зелена транзиција.
Министерката Божиновска оствари средба и со амбасадорката на Кралството Холандија, Узлем Џанел, со која разговараа за унапредување на соработката во енергетскиот сектор, вклучително поддршка за обновливи извори на енергија, зајакнување на енергетската ефикасност. Соговорниците ja нагласија важностa од континуирана експертска соработка и размена на иновативни решенија помеѓу двете земји.
Божиновска оствари средба и со преставници на Strategic and Social Research Foundation – Marmara Group. Фокус на разговорот беше организацијата на 29-тиот Евроазиски Економски Самит и официјалната покана до министерката Божиновска за учество на Самитот. На средбата се разговараше и за инвестициони можности во соларната енергија, како и тековните активности и планови на Министерството за енергетика.
Министерката Божиновска ја истакна важноста на овие средби за промоција на Северна Македонија како модерна, инвестиционо атрактивна и еколошки одговорна земја, која континуирано го унапредува енергетскиот и рударскиот сектор и ја зајакнува регионалната соработка.
Економија
Мицкоски: Очекувам убави вести за шеесетина македонски производи да се извезуваат во САД по повластена тарифа
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски денеска одговарајќи на новинарско прашање во однос на очекувањата за поволна одлука за тарифите од САД, изјави:
„Да, очекувам денеска убава вест. Изминативе месеци жестоко преговаравме. Се сеќавате тогаш кога излегуваа голем дел од опозициските, условно кажано, медиуми коишто критикуваа како Македонија добила 34% тарифи, не знам што и не знам како. Очекувам сето тоа да биде потврдено со заедничка изјава денеска. Очекувам поволни вести од таму и очекувам негде околу 63-64 производи коишто се за нас стратешки, да бидат со повластена тарифа којашто ќе биде едноцифрена и ќе се движи меѓу 0 и 6,5%.“
фото/Depositphotos

