Економија
Невработеност во еврозоната и ЕУ во август стагнирала
Сезонски прилагодената стапка на невработеноста во еврозоната и 28-члената Европска унија во август останала непроменета во однос на еден месец претходно, покажуваат во вторникот објавените најнови податоци на Eurostat.
Стапката на невработеност во август во 17-члената еврозона изнесувала 12 отсто, додека во 28-члената Европска унија 10,9 отсто. Притоа од Eurostat надолу за 0,1 процентен поен го ревидираа податокот за невработеноста во јули, односно на 12 отсто во еврозоната и 10,9 отсто во ЕУ.
Eurostat ги пресметува хармонизираните стапки на невработеност за ЕУ, еврозоната и земјите членки според методологијата на Меѓународната организација за труд (ILO), и тоа врз основа на хармонизираните Анкетата на работна сила во Европската унија (LFS).
Во европската статистичка агенција проценуваат дека во 28-те членки на ЕУ во август имало невработени вкупно 26.595 милиони луѓе, од кои 19.178 милини се во земјите од еврозоната. На месечното ниво бројот невработени останал речиси непроменет во двата блока. Во споредба, пак, со ланскиот август, во ЕУ бројот невработени е зголемен за 882 илјади, а во еврозоната за 895 илјади луѓе.
Најниските стапки на невработеност во ЕУ повторно во август забележале Австрија од 4,9 отсто, Германија – 5,2 и Луксембург од 5,8 отсто. Највисоки стапки на невработеност, пак, имале Грција 27,9 отсто (но за јули 2013-та) и Шпанија од 26,2 проценти.
Што се однесува до невработеноста меѓу младите до 24 години, таа во ЕУ изнесувала 23,3 отсто, додека во еврозоната – 23,7 отсто. Со тоа благо е зголемена во однос на претходниот месец која изнесуваше 23,1 односно 23,4 отсто. Во август, така, без работа во ЕУ биле 5,499 милиони млади, од кои 3,457 милиони во еврозоната. На годишно ниво нивната бројка е намалена за 123 илјади во ЕУ, и за 52 илјади во еврозоната, објави Eurostat.
Стапката на бројот на невработени млади лица во август во Грција изнесувала 61,5 за јули, во Шпанија во август изнесувала 56 отсто, додека во вториот квартал од 2013 година во најмладата земја членка на ЕУ Хрватска изнесувала 52 отсто. Најниски стапки на невработеност меѓу младите во август имале Германија и Австрија, од 7,7, односно 8,6 отсто.
Најновиот извештај на Eurostat покажа дека невработеноста меѓу мажите во еврозоната во споредба со претходниот месец во август останала непроменета, на 11,9 отсто како и меѓу жените од 12,3 отсто. Во 28-те земји членки на ЕУ невработеноста меѓу мажите, пак, благо се намалила на месечно ниво на 10,8 отсто, додека меѓу жените се задржала на 11 проценти./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Божиновска на средби со меѓународни партнери за унапредување на енергетиката и рударството
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, денеска оствари низа работни средби со меѓународни партнери со цел продлабочување на соработката и размена на искуства во енергетскиот и рударскиот сектор.
На средба со амбасадорот на Кралството Шведска во Република Северна Македонија, Ола Солстром, беше разговарано за интензивирање на билатералната соработка во секторот рударство, вклучително размена на добри практики од шведски експерти и соработка со македонските универзитети за унапредување на техничките и научните капацитети. Дополнително, на средбата беа разгледани теми поврзани со развој на обновливи извори на енергија и проекти за подобрување на квалитетот на амбиенталниот воздух како дел од заложбите за одржлив економски развој и зелена транзиција.
Министерката Божиновска оствари средба и со амбасадорката на Кралството Холандија, Узлем Џанел, со која разговараа за унапредување на соработката во енергетскиот сектор, вклучително поддршка за обновливи извори на енергија, зајакнување на енергетската ефикасност. Соговорниците ja нагласија важностa од континуирана експертска соработка и размена на иновативни решенија помеѓу двете земји.
Божиновска оствари средба и со преставници на Strategic and Social Research Foundation – Marmara Group. Фокус на разговорот беше организацијата на 29-тиот Евроазиски Економски Самит и официјалната покана до министерката Божиновска за учество на Самитот. На средбата се разговараше и за инвестициони можности во соларната енергија, како и тековните активности и планови на Министерството за енергетика.
Министерката Божиновска ја истакна важноста на овие средби за промоција на Северна Македонија како модерна, инвестиционо атрактивна и еколошки одговорна земја, која континуирано го унапредува енергетскиот и рударскиот сектор и ја зајакнува регионалната соработка.
Економија
Мицкоски: Очекувам убави вести за шеесетина македонски производи да се извезуваат во САД по повластена тарифа
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски денеска одговарајќи на новинарско прашање во однос на очекувањата за поволна одлука за тарифите од САД, изјави:
„Да, очекувам денеска убава вест. Изминативе месеци жестоко преговаравме. Се сеќавате тогаш кога излегуваа голем дел од опозициските, условно кажано, медиуми коишто критикуваа како Македонија добила 34% тарифи, не знам што и не знам како. Очекувам сето тоа да биде потврдено со заедничка изјава денеска. Очекувам поволни вести од таму и очекувам негде околу 63-64 производи коишто се за нас стратешки, да бидат со повластена тарифа којашто ќе биде едноцифрена и ќе се движи меѓу 0 и 6,5%.“
фото/Depositphotos
Економија
Премиерот најави стабилизирање на инфлацијата: „Очекувам да се движиме околу 3 проценти“
Премиерот, Христијан Мицкоски, одговарајќи денеска на новинарско прашање за инфлацијата, изјави дека очекува стабилизирање на ценовните движења во 2024 година.
„Како што веќе кажав во неколку наврати, очекувам инфлацијата оваа година да се стабилизира под 3 проценти“, рече Мицкоски.
„Очекувам месечна негативна динамика, односно опаѓање споредено со лани. Во јануари минатата година имавме т.н. кошничка, па очекувам оваа година да се движиме некаде околу 3 отсто – можеби малку под или малку над – но со јасна негативна тенденција месец за месец.“
Тој додаде дека во следните денови се очекува објавување на параметрите од страна на надлежните институции, и нагласи дека Владата спроведува политики што се во интерес на стандардот на граѓаните:
„Водиме домаќински политики, работиме на консолидација на состојбите. Од хаотична ситуација, распаднати институции и уништен систем, дојдовме до точка каде можеме да кажеме дека сме стабилизирани. Сега е време да ја развиваме Македонија каква што ја посакуваат сите граѓани“, додаде премиерот.

