Економија
Сараќини: Со новиот буџет предвидени се нови, развојни проекти
Во Буџетот за 2014 година, предвидени повеќе значајни капитални, инфраструктурни проекти за северозападниот регион, како автопатот Кичево-Охрид-Струга, железничката пруга до албанската граница и инвестиции во ТИРЗ Тетово.
Како што ги информирал министерот за економија Ваљон Сараќини, на работна та средба, претставниците на Стопанската комора на Северозападна Македонија, предводени од нејзиниот претседател Мендерес Кучи, со новиот Буџет се предвидени бројни активности за поддршка на бизнис заедницата.
„Неодамна во Владата бевме известени од „Ексим“ Банката на Кина, а потоа и од нивното Министерството за трговија дека во завршна фаза на одобрување е заемот за автопатот од Кичево до Охрид и Струга ( 57 км), под поволни услови, со преференцијална камата од 2 отсто, а тендерската документација за тендер за проектирање на железничка линија Кичево – Струга- Албанска граница е доставена до Европската Комисија и чека на одобрување за финансирање преку ИПА фондовите. Овие два проекти во голема мерка ќе го олеснат транспортот во овој регион, кој е значајна алка во работењето на деловните субјекти“, рече Сараќини
Споменувајќи го ТИРЗ Тетово, како еден од крупните проекти во Полошкиот регион, Сараќини истакна дека во оваа зона дадена под концесија за изградба и управување, веќе има.најави за инвестиции.
„Она што би сакал да го потенцирам кога станува збор за буџетот, е зголемувањето во делот на субвенции и трансфери, и тоа за 2,6 отсто повеќе средства, односно наспроти годинешните 7.175.000 денари наменети за субвенции за приватни претпријатија, со буџетот за 2014 година се предвидуваат 12.000.000 денари. Но и од годинешниве средства фирмите се’ уште можат да аплицираат за субвенциите во делот на индустриската политика и тоа за развој на пазар, како и за поддршка на патенти“, рече министерот Сараќини.
„Денеска добивме некои појаснувања од страна на министерот Сараќини за буџетот на РМ за 2014 година, односно разменивме мислења како од социјален буџет да го направиме развоен. Ние во конкретниот случај бараме буџет кој ќе биде 25 отсто од БДП и ќе оди во развојни цели, но не можеме да го оспориме фактот дека буџетот за 2014 година е поголем од минатите години. Секако дека во заеднички интерес е и континуираниот дијалог во однос на инвестициите и во однос на инфраструктурните проекти, при што ние како комора не сакаме да им дадеме етничка конотација“, рече по средбата Кучи./крај/со/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Гувернерот Трајко Славески учествува на конференција на гувернери во Брисел, во фокус глобалните економски предизвици
Гувернерот на Народната банка, Трајко Славески учествува на конференцијата на гувернерите од Kонституенцата на Меѓународниот монетарен фонд, на која се разгледуваат клучните предизвици и идните насоки на централнобанкарските политики во услови на зголемена глобална неизвесност и променет геоекономски амбиент.
Во фокусот на дискусиите се изгледите за инфлацијата и монетарната политика, како и улогата на централните банки во одржувањето стабилни финансиски системи. Особено внимание е посветено на можните трендови на дерегулација и нивните потенцијални импликации врз финансиската стабилност.
На конференцијата се разговара и за влијанието на технолошките иновации и геостратегиските промени врз економскиот развој и финансиските текови, како фактори што сè повеќе го обликуваат глобалниот финансиски систем.
Во рамките на настанот, се одвива размена на искуства и ставови со гувернери, претставници на европските институции и меѓународните организации, што придонесува кон креирање политики засновани на знаење и соработка, како и кон зајакнување на капацитетите на централните банки за справување со современите економски предизвици и обезбедување стабилен и предвидлив економски амбиент.
Економија
Божиновска на средби со меѓународни партнери за унапредување на енергетиката и рударството
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, денеска оствари низа работни средби со меѓународни партнери со цел продлабочување на соработката и размена на искуства во енергетскиот и рударскиот сектор.
На средба со амбасадорот на Кралството Шведска во Република Северна Македонија, Ола Солстром, беше разговарано за интензивирање на билатералната соработка во секторот рударство, вклучително размена на добри практики од шведски експерти и соработка со македонските универзитети за унапредување на техничките и научните капацитети. Дополнително, на средбата беа разгледани теми поврзани со развој на обновливи извори на енергија и проекти за подобрување на квалитетот на амбиенталниот воздух како дел од заложбите за одржлив економски развој и зелена транзиција.
Министерката Божиновска оствари средба и со амбасадорката на Кралството Холандија, Узлем Џанел, со која разговараа за унапредување на соработката во енергетскиот сектор, вклучително поддршка за обновливи извори на енергија, зајакнување на енергетската ефикасност. Соговорниците ja нагласија важностa од континуирана експертска соработка и размена на иновативни решенија помеѓу двете земји.
Божиновска оствари средба и со преставници на Strategic and Social Research Foundation – Marmara Group. Фокус на разговорот беше организацијата на 29-тиот Евроазиски Економски Самит и официјалната покана до министерката Божиновска за учество на Самитот. На средбата се разговараше и за инвестициони можности во соларната енергија, како и тековните активности и планови на Министерството за енергетика.
Министерката Божиновска ја истакна важноста на овие средби за промоција на Северна Македонија како модерна, инвестиционо атрактивна и еколошки одговорна земја, која континуирано го унапредува енергетскиот и рударскиот сектор и ја зајакнува регионалната соработка.
Економија
Мицкоски: Очекувам убави вести за шеесетина македонски производи да се извезуваат во САД по повластена тарифа
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски денеска одговарајќи на новинарско прашање во однос на очекувањата за поволна одлука за тарифите од САД, изјави:
„Да, очекувам денеска убава вест. Изминативе месеци жестоко преговаравме. Се сеќавате тогаш кога излегуваа голем дел од опозициските, условно кажано, медиуми коишто критикуваа како Македонија добила 34% тарифи, не знам што и не знам како. Очекувам сето тоа да биде потврдено со заедничка изјава денеска. Очекувам поволни вести од таму и очекувам негде околу 63-64 производи коишто се за нас стратешки, да бидат со повластена тарифа којашто ќе биде едноцифрена и ќе се движи меѓу 0 и 6,5%.“
фото/Depositphotos

