Економија
Да се оживуваат неискористените индустриски капацитети
За можностите што ги нуди општина Гостивар за забрзан економски развој, преку влез на нови инвестиции, со што ќе се отварат нови работни места и ќе се подобри животниот стандард на граѓаните, разговарале во четврток министерот за економија, Ваљон Сараќини и градоначалникот, Невзат Бејта.
Министерот Сараќини и градоначалникот Бејта го посетија АДГ „Маврово“ во стечај, како една четирите локациите во општината, наменети токму за привлекување на т.н. brownfield инвестиции, односно инвестиции кои што се реализираат во веќе постоечки, но неискористени капацитети, кои што се во сопственост на разни субјекти од државата.
„Brownfield инвестициите се нов модалитет кон кој Владата работи за привлекување на инвестициите, тие се поранешно индустриско земјиште, кое е сега слободно, не се користи, но има потенцијал да биде повторно развиено за нови потреби“, изјави Сараќини.
Според него, ова е подеднаква можност и за домашните деловни субјекти кои би сакале да почнат или да прошират дел од бизнисот, да ги искористат можностите што Владата ги нуди.
Министерот Сараќини појасни дека преку процес на рекомпонирање, реструктуирање, реновирање и воведување на нови процеси за работа, за производство или извршување друг вид дејност овие индустриски локации, претставуваат шанса за нови бизнис можности, можен профит на празни или неискористени имоти, но и бенефити за општината и регионот каде се наоѓаат, како и пристап до нови пазари за инвеститорите.
„На територијата на Република Македонија постојат над 400 единици на ресурси, односно потенцијални локации кои се наoѓаат на листата на просторни капацитети наменети за т.н. brownfield инвестиции, изготвена од страна на Владата на Република Македонија. Станува збор за Регистар на хали, со вкупна површина на објекти околу 1.700.000 метри квадратни, а вкупниот број на површини наменети за ваков тип инвестиции изнесува околу 4.700.000 метри квадратни“, рече Сараќини.
Регистарот е објавен на веб-страната на Агенцијата за привлекување странски инвестиции, со детален приказ на капацитетите, како и со сите модалитети за одредениот капацитет.
„Поддршката на граѓаните на Гостивар е континуирана, особено што целта на оваа денешна средба е оживувањето на старите неискористени објекти, кои ги има многу на територијата на Гостивар, а подолго време не се во употреба, а можат да придонесат за побрз економски развој. Со помош на Министерството за економија ќе ги вознобновиме овие капацитети, па од нив ќе се родат нови објекти, кои ќе придонесат за нови вработувања, но и ќе ја разубават општината“, рече градоначаникот Невзат Бејта./крај/со/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Божиновска на средби со меѓународни партнери за унапредување на енергетиката и рударството
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, денеска оствари низа работни средби со меѓународни партнери со цел продлабочување на соработката и размена на искуства во енергетскиот и рударскиот сектор.
На средба со амбасадорот на Кралството Шведска во Република Северна Македонија, Ола Солстром, беше разговарано за интензивирање на билатералната соработка во секторот рударство, вклучително размена на добри практики од шведски експерти и соработка со македонските универзитети за унапредување на техничките и научните капацитети. Дополнително, на средбата беа разгледани теми поврзани со развој на обновливи извори на енергија и проекти за подобрување на квалитетот на амбиенталниот воздух како дел од заложбите за одржлив економски развој и зелена транзиција.
Министерката Божиновска оствари средба и со амбасадорката на Кралството Холандија, Узлем Џанел, со која разговараа за унапредување на соработката во енергетскиот сектор, вклучително поддршка за обновливи извори на енергија, зајакнување на енергетската ефикасност. Соговорниците ja нагласија важностa од континуирана експертска соработка и размена на иновативни решенија помеѓу двете земји.
Божиновска оствари средба и со преставници на Strategic and Social Research Foundation – Marmara Group. Фокус на разговорот беше организацијата на 29-тиот Евроазиски Економски Самит и официјалната покана до министерката Божиновска за учество на Самитот. На средбата се разговараше и за инвестициони можности во соларната енергија, како и тековните активности и планови на Министерството за енергетика.
Министерката Божиновска ја истакна важноста на овие средби за промоција на Северна Македонија како модерна, инвестиционо атрактивна и еколошки одговорна земја, која континуирано го унапредува енергетскиот и рударскиот сектор и ја зајакнува регионалната соработка.
Економија
Мицкоски: Очекувам убави вести за шеесетина македонски производи да се извезуваат во САД по повластена тарифа
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски денеска одговарајќи на новинарско прашање во однос на очекувањата за поволна одлука за тарифите од САД, изјави:
„Да, очекувам денеска убава вест. Изминативе месеци жестоко преговаравме. Се сеќавате тогаш кога излегуваа голем дел од опозициските, условно кажано, медиуми коишто критикуваа како Македонија добила 34% тарифи, не знам што и не знам како. Очекувам сето тоа да биде потврдено со заедничка изјава денеска. Очекувам поволни вести од таму и очекувам негде околу 63-64 производи коишто се за нас стратешки, да бидат со повластена тарифа којашто ќе биде едноцифрена и ќе се движи меѓу 0 и 6,5%.“
фото/Depositphotos
Економија
Премиерот најави стабилизирање на инфлацијата: „Очекувам да се движиме околу 3 проценти“
Премиерот, Христијан Мицкоски, одговарајќи денеска на новинарско прашање за инфлацијата, изјави дека очекува стабилизирање на ценовните движења во 2024 година.
„Како што веќе кажав во неколку наврати, очекувам инфлацијата оваа година да се стабилизира под 3 проценти“, рече Мицкоски.
„Очекувам месечна негативна динамика, односно опаѓање споредено со лани. Во јануари минатата година имавме т.н. кошничка, па очекувам оваа година да се движиме некаде околу 3 отсто – можеби малку под или малку над – но со јасна негативна тенденција месец за месец.“
Тој додаде дека во следните денови се очекува објавување на параметрите од страна на надлежните институции, и нагласи дека Владата спроведува политики што се во интерес на стандардот на граѓаните:
„Водиме домаќински политики, работиме на консолидација на состојбите. Од хаотична ситуација, распаднати институции и уништен систем, дојдовме до точка каде можеме да кажеме дека сме стабилизирани. Сега е време да ја развиваме Македонија каква што ја посакуваат сите граѓани“, додаде премиерот.

