Економија
Сараќини ги слушна проблемите на бизнисмените од Услужната и Трговската комора
За реалните проблеми поврзани со сертификација, начин на спроведување на привремените вработувања, состојбата со увоз на моторни возила, продажбата на моторни возила од страна на нерегистрирани субјекти, декларацијата на производите, разговараа во понеделник претставниците на Услужната и Трговска комора и министерот за економија Ваљон Сараќини.
Она што произлезе како заклучок од состанокот е да се изготват детални анализи за наведените проблеми, поединечно да се разговара за секоја од нив и да се изнајде заедничко прифатливо решение за подобрување на целокупната состојба.
Претставникот на импортерите Владимир Билбилов, ја поздрави иницијативата на Министерството за економија, со која се создава можност отворено да се дискутира со министерот Сараќини и неговиот тим, за реалните проблеми со кои се соочуваат бизнисмените, надевајќи се дека со тоа ќе се придонесе и кон нивно побрзо надминување.
„Нашата стратешка определба е спроведување на континуирани, системски реформи, со цел создавање на предвидлива бизнис клима, подобрување на условите на делување на деловните субјекти, но и истовремено почитување на правата и обврските. Со креирањето и менувањето на законската регулатива нудиме можности за унапредување на условите за работа на деловните субјекти, но и заштита на правата и интересите на граѓаните, преку полесно почитување на законот, со што ќе овозможиме отстранување на аномалиите кои можат да се појават“, истакна Сараќини на средбата, презентирајќи ги пред стопанствениците новитетите на Законот за трговија.
Реформите кои ги има преземено Владата на Република Македонија во насока на подобрување на бизнис климата беше една од темите на средбата. Имено, измените на законот претпоставуваат воведување на е-потсетник, преку кој фирмите 30 дена пред истекување на лиценцата ќе бидат електронски информирани од Министерството за економија дека ќе треба да ја обноват за наредниот период. Потсетувањето ќе се врши преку доставување на електронска порака на е-маил адресата од тековната состојба на правното лице и со СМС-порака, доколку носителите на лиценца дале претходна согласност дека тоа ќе биде на нивни трошок. На тој начин се овозможува олеснување на деловните субјекти со цел намалување на случаите на казнувања кај ненамерно пропуштање на роковите за обновување на лиценците, односно доследно почиување на пропишаната законска регулатива. Станува збор за лиценци за продажба на алкохол и лиценци за вршење на угостителска и туристичка дејност, односно за категоризација на угостителски објекти./крај/со/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Божиновска на средби со меѓународни партнери за унапредување на енергетиката и рударството
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, денеска оствари низа работни средби со меѓународни партнери со цел продлабочување на соработката и размена на искуства во енергетскиот и рударскиот сектор.
На средба со амбасадорот на Кралството Шведска во Република Северна Македонија, Ола Солстром, беше разговарано за интензивирање на билатералната соработка во секторот рударство, вклучително размена на добри практики од шведски експерти и соработка со македонските универзитети за унапредување на техничките и научните капацитети. Дополнително, на средбата беа разгледани теми поврзани со развој на обновливи извори на енергија и проекти за подобрување на квалитетот на амбиенталниот воздух како дел од заложбите за одржлив економски развој и зелена транзиција.
Министерката Божиновска оствари средба и со амбасадорката на Кралството Холандија, Узлем Џанел, со која разговараа за унапредување на соработката во енергетскиот сектор, вклучително поддршка за обновливи извори на енергија, зајакнување на енергетската ефикасност. Соговорниците ja нагласија важностa од континуирана експертска соработка и размена на иновативни решенија помеѓу двете земји.
Божиновска оствари средба и со преставници на Strategic and Social Research Foundation – Marmara Group. Фокус на разговорот беше организацијата на 29-тиот Евроазиски Економски Самит и официјалната покана до министерката Божиновска за учество на Самитот. На средбата се разговараше и за инвестициони можности во соларната енергија, како и тековните активности и планови на Министерството за енергетика.
Министерката Божиновска ја истакна важноста на овие средби за промоција на Северна Македонија како модерна, инвестиционо атрактивна и еколошки одговорна земја, која континуирано го унапредува енергетскиот и рударскиот сектор и ја зајакнува регионалната соработка.
Економија
Мицкоски: Очекувам убави вести за шеесетина македонски производи да се извезуваат во САД по повластена тарифа
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски денеска одговарајќи на новинарско прашање во однос на очекувањата за поволна одлука за тарифите од САД, изјави:
„Да, очекувам денеска убава вест. Изминативе месеци жестоко преговаравме. Се сеќавате тогаш кога излегуваа голем дел од опозициските, условно кажано, медиуми коишто критикуваа како Македонија добила 34% тарифи, не знам што и не знам како. Очекувам сето тоа да биде потврдено со заедничка изјава денеска. Очекувам поволни вести од таму и очекувам негде околу 63-64 производи коишто се за нас стратешки, да бидат со повластена тарифа којашто ќе биде едноцифрена и ќе се движи меѓу 0 и 6,5%.“
фото/Depositphotos
Економија
Премиерот најави стабилизирање на инфлацијата: „Очекувам да се движиме околу 3 проценти“
Премиерот, Христијан Мицкоски, одговарајќи денеска на новинарско прашање за инфлацијата, изјави дека очекува стабилизирање на ценовните движења во 2024 година.
„Како што веќе кажав во неколку наврати, очекувам инфлацијата оваа година да се стабилизира под 3 проценти“, рече Мицкоски.
„Очекувам месечна негативна динамика, односно опаѓање споредено со лани. Во јануари минатата година имавме т.н. кошничка, па очекувам оваа година да се движиме некаде околу 3 отсто – можеби малку под или малку над – но со јасна негативна тенденција месец за месец.“
Тој додаде дека во следните денови се очекува објавување на параметрите од страна на надлежните институции, и нагласи дека Владата спроведува политики што се во интерес на стандардот на граѓаните:
„Водиме домаќински политики, работиме на консолидација на состојбите. Од хаотична ситуација, распаднати институции и уништен систем, дојдовме до точка каде можеме да кажеме дека сме стабилизирани. Сега е време да ја развиваме Македонија каква што ја посакуваат сите граѓани“, додаде премиерот.

