Економија
Заеднички настап на трети пазари договорија Сараќини и амбасадорите на соседните земји
Огромната економска соработка со соседните земји може и да се поправи, ако се води постојан дијалог, а со јужниот сосед Грција, секако, по решавањето на спорот за името, беше речено на средбата на министерот за економија, Ваљон Сараќини со амбасадорите на соседните земји.
Сараќини имаше работен појадок со амбасадорите на земјите од регионот, Република Бугарија, Република Србија, Република Косово, Република Албанија и Република Грција.
На појадокот министерот Сараќини, покрај тоа што укажа на неопходноста од почитување на принципите во рамки на ЦЕФТА, ја актуелизираше можноста и потребата од регионално економско здружување во настапите на трети пазари, како и заедничко дејствување во правец на реализација на заеднички регионални проекти во областа на енергетиката, сообраќајот, туризмот, царината, прекуграничната соработка, борбата против економскиот криминал, корупцијата и сл.
„Искористувањето на сите расположливи можности за соработка во рамки на ЦЕФТА треба да е наш приоритет, но и да работиме во насока на изнаоѓање на сите можни начини за намалување на трошоците, олеснување и забрзување на меѓусебната соработка, создавање регионални брендови, создавање балканска берза, зголемување на квалитетот и конкурентноста на сопствените производи во трговијата со трети земји, формирање фонд за економска помош на земјите што се соочуваат со финансиски проблеми итн. Тоа би бил начин, меѓу другото, за соочување со последиците од актуелната и со заканите од евентуална идна економска криза, но и за поефикасен и покус пат за зачленување во ЕУ“, речеа Сараќини на средбата.
Дел од темите на кои беше разговарано на работниот појадок беа во насока на засилување на меѓусебната соработка на планот на туризмот и поттикнување на туристичката размена меѓу одделните земји, со акцент на создавање заедничка туристичка понуда, како и поголема заедничка промоција на регионот како дестинација на трети пазари; интензивирање на реализацијата на регионални (прекугранични) проекти за заедничко користење на ИПА фондови за прекугранична соработка; интензивирање на инвестициските активности меѓу одделните земји; интензивирање на меѓукоморската соработка на соседните земји; надминување на повремените проблеми во трговските односи меѓу одделните земји.
Амбасадорот на Република Косово, Илбер Хиса, изјави дека е потребен постојан дијалог меѓу двете држави за да се избегнат сите проблеми и пречки кои можат да се појават во трговските односи.
„Преку граничниот премин „Блаце“ годишно во Македонија влегуваат 1,1 милион граѓани на Косово, ние сме најголеми увозници на македонски производи, 30 милиони евра годишно граѓаните од Косово трошат само за здравствени услуги, многу косовски семејства имаат роднини во Македонија, најзначаен пазар за Македонија е Косово,“ изјави за новинарите Хиса.
Шефот на Канцеларијата за врски на Грција Теоксарис Лалакос, рече дека Грција е еден од најголемите инвеститори во земјава.
„Грција е еден од најзначајните економски партнери, многу грчки компании се наоѓаат во вашата земја, ние сме еден од најголемите инвеститори овде, но убедени сме дека економската соработка ќе се продлабочи многу, по решавањето на проблемот со името’, изјави за медиумите Лалакос.
Покрај ова, дипломатските претставници на соседните земји се согласија дека продлабочувањето на регионалната економска соработка треба да биде приоритет за сите, особено во делот на заеднички настап на трети пазари, за чија цел е договорено од следниот месец да се организираат мешовити комитети со по две земји месечно, како и активности за привлекување на регионални инвестиции, за што во план е формирање на експертски тим кој ќе работи на привлекување на инвестиции во регионот од инвестициските фондови.
Што се однесува до барањата на компаниите од земјите во регионот, кои инвестирале во Македонија, договорено е своите барања да ги упатат преку своите амбасади до Министерството за економија, за да може навремено да се реагира во насока на изнаоѓање на заедничко прифатливо решение./крај/со/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Божиновска на средби со меѓународни партнери за унапредување на енергетиката и рударството
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, денеска оствари низа работни средби со меѓународни партнери со цел продлабочување на соработката и размена на искуства во енергетскиот и рударскиот сектор.
На средба со амбасадорот на Кралството Шведска во Република Северна Македонија, Ола Солстром, беше разговарано за интензивирање на билатералната соработка во секторот рударство, вклучително размена на добри практики од шведски експерти и соработка со македонските универзитети за унапредување на техничките и научните капацитети. Дополнително, на средбата беа разгледани теми поврзани со развој на обновливи извори на енергија и проекти за подобрување на квалитетот на амбиенталниот воздух како дел од заложбите за одржлив економски развој и зелена транзиција.
Министерката Божиновска оствари средба и со амбасадорката на Кралството Холандија, Узлем Џанел, со која разговараа за унапредување на соработката во енергетскиот сектор, вклучително поддршка за обновливи извори на енергија, зајакнување на енергетската ефикасност. Соговорниците ja нагласија важностa од континуирана експертска соработка и размена на иновативни решенија помеѓу двете земји.
Божиновска оствари средба и со преставници на Strategic and Social Research Foundation – Marmara Group. Фокус на разговорот беше организацијата на 29-тиот Евроазиски Економски Самит и официјалната покана до министерката Божиновска за учество на Самитот. На средбата се разговараше и за инвестициони можности во соларната енергија, како и тековните активности и планови на Министерството за енергетика.
Министерката Божиновска ја истакна важноста на овие средби за промоција на Северна Македонија како модерна, инвестиционо атрактивна и еколошки одговорна земја, која континуирано го унапредува енергетскиот и рударскиот сектор и ја зајакнува регионалната соработка.
Економија
Мицкоски: Очекувам убави вести за шеесетина македонски производи да се извезуваат во САД по повластена тарифа
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски денеска одговарајќи на новинарско прашање во однос на очекувањата за поволна одлука за тарифите од САД, изјави:
„Да, очекувам денеска убава вест. Изминативе месеци жестоко преговаравме. Се сеќавате тогаш кога излегуваа голем дел од опозициските, условно кажано, медиуми коишто критикуваа како Македонија добила 34% тарифи, не знам што и не знам како. Очекувам сето тоа да биде потврдено со заедничка изјава денеска. Очекувам поволни вести од таму и очекувам негде околу 63-64 производи коишто се за нас стратешки, да бидат со повластена тарифа којашто ќе биде едноцифрена и ќе се движи меѓу 0 и 6,5%.“
фото/Depositphotos
Економија
Премиерот најави стабилизирање на инфлацијата: „Очекувам да се движиме околу 3 проценти“
Премиерот, Христијан Мицкоски, одговарајќи денеска на новинарско прашање за инфлацијата, изјави дека очекува стабилизирање на ценовните движења во 2024 година.
„Како што веќе кажав во неколку наврати, очекувам инфлацијата оваа година да се стабилизира под 3 проценти“, рече Мицкоски.
„Очекувам месечна негативна динамика, односно опаѓање споредено со лани. Во јануари минатата година имавме т.н. кошничка, па очекувам оваа година да се движиме некаде околу 3 отсто – можеби малку под или малку над – но со јасна негативна тенденција месец за месец.“
Тој додаде дека во следните денови се очекува објавување на параметрите од страна на надлежните институции, и нагласи дека Владата спроведува политики што се во интерес на стандардот на граѓаните:
„Водиме домаќински политики, работиме на консолидација на состојбите. Од хаотична ситуација, распаднати институции и уништен систем, дојдовме до точка каде можеме да кажеме дека сме стабилизирани. Сега е време да ја развиваме Македонија каква што ја посакуваат сите граѓани“, додаде премиерот.

