Економија
НБРМ: Раст на економијата остварен е и во третиот квартал
Народната банка на Република Македонија (НБРМ) проценува дека во третиот квартал македонската економија остварила раст, но помал во споредба од вториот квартал (3,9 отсто) и не ја исклучи можноста од понатамошно монетарно олабавување.
Во истражувањето на „Најнови макроекономски показатели – Преглед на тековната состојба“, објавено на сајтот на банката, се констатира раст на девизните резерви во третиот квартал од годинава, раст на економијата и помал трговски дефицит.Прегледот на тековната состојба има за цел да даде осврт на најновите макроекономски податоци (август-септември 2013 година) и да направи споредба со последните макроекономски проекции (април 2013 год).Последните макроекономски показатели и оцени не упатуваат на поголеми промени во согледувањето на амбиентот и ризиците во однос на оцените дадени во рамки на минатомесечните оцени. И понатаму, еден дел од показателите одат во прилог на понатамошно монетарно олабавување. Во однос на реалниот сектор, расположливите високофреквентни показатели за третото тримесечје покажуваат дека економијата и натаму ќе расте, но веројатно послабо во однос на вториот квартал. Монетарните показатели, според последните податоци за септември упатуваат на значаен ризик за остварување на проектираните кредитни текови за третото тримесечје и до крајот на годината. Вкупната инфлација постојано се движи по проектираната патека, а последните оцени повторно покажуваат врамнотежени ризици околу проекцијата за инфлацијата за 2013 година. Показателите за економската активност покажуваат дека економијата ќе забележи раст и во третото тримесечје (најверојатно послаб од оној во вториот квартал), за кој и понатаму не се очекува дека ќе создаде нерамнотежи. Кредитниот раст е под проектираниот, во услови на сѐ уште присутни согледувања за ризик. Податоците за денарското и девизното штедење покажуваат одржување на склоноста за штедење во денари, а последните преземени мерки за зголемување на задолжителната резерва во девизи може дополнително да придонесат во оваа насока. Притоа, склоностите за денарско штедење сѐ уште се поголеми во однос на оцените вградени во априлските проекции. Фактори коишто упатуваат на потреба од поголема претпазливост при водењето на монетарната политика и понатаму постојат. Ова во голема мера се однесува на неизвесното надворешно окружување, при повторно надолно ревидирање на цените на металите на светскиот пазар, што може да има неповолни ефекти врз надворешната позиција на македонската економија. Воедно, и покрај врамнотежените инфлациски ризици кај вкупната инфлација, базичната инфлација на месечно ниво забрза и сѐ уште се одржува на релативно високо ниво, сигнализирајќи поголеми пренесени ефекти од растот на цените на храната и енергијата врз останатите цени во економијата.„Прегледот на тековната состојба“ има за цел да даде осврт на најновите макроекономски податоци за периодот август-септември и споредба со последните макроекономски проекции од април оваа година . /крај/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Божиновска на средби со меѓународни партнери за унапредување на енергетиката и рударството
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, денеска оствари низа работни средби со меѓународни партнери со цел продлабочување на соработката и размена на искуства во енергетскиот и рударскиот сектор.
На средба со амбасадорот на Кралството Шведска во Република Северна Македонија, Ола Солстром, беше разговарано за интензивирање на билатералната соработка во секторот рударство, вклучително размена на добри практики од шведски експерти и соработка со македонските универзитети за унапредување на техничките и научните капацитети. Дополнително, на средбата беа разгледани теми поврзани со развој на обновливи извори на енергија и проекти за подобрување на квалитетот на амбиенталниот воздух како дел од заложбите за одржлив економски развој и зелена транзиција.
Министерката Божиновска оствари средба и со амбасадорката на Кралството Холандија, Узлем Џанел, со која разговараа за унапредување на соработката во енергетскиот сектор, вклучително поддршка за обновливи извори на енергија, зајакнување на енергетската ефикасност. Соговорниците ja нагласија важностa од континуирана експертска соработка и размена на иновативни решенија помеѓу двете земји.
Божиновска оствари средба и со преставници на Strategic and Social Research Foundation – Marmara Group. Фокус на разговорот беше организацијата на 29-тиот Евроазиски Економски Самит и официјалната покана до министерката Божиновска за учество на Самитот. На средбата се разговараше и за инвестициони можности во соларната енергија, како и тековните активности и планови на Министерството за енергетика.
Министерката Божиновска ја истакна важноста на овие средби за промоција на Северна Македонија како модерна, инвестиционо атрактивна и еколошки одговорна земја, која континуирано го унапредува енергетскиот и рударскиот сектор и ја зајакнува регионалната соработка.
Економија
Мицкоски: Очекувам убави вести за шеесетина македонски производи да се извезуваат во САД по повластена тарифа
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски денеска одговарајќи на новинарско прашање во однос на очекувањата за поволна одлука за тарифите од САД, изјави:
„Да, очекувам денеска убава вест. Изминативе месеци жестоко преговаравме. Се сеќавате тогаш кога излегуваа голем дел од опозициските, условно кажано, медиуми коишто критикуваа како Македонија добила 34% тарифи, не знам што и не знам како. Очекувам сето тоа да биде потврдено со заедничка изјава денеска. Очекувам поволни вести од таму и очекувам негде околу 63-64 производи коишто се за нас стратешки, да бидат со повластена тарифа којашто ќе биде едноцифрена и ќе се движи меѓу 0 и 6,5%.“
фото/Depositphotos
Економија
Премиерот најави стабилизирање на инфлацијата: „Очекувам да се движиме околу 3 проценти“
Премиерот, Христијан Мицкоски, одговарајќи денеска на новинарско прашање за инфлацијата, изјави дека очекува стабилизирање на ценовните движења во 2024 година.
„Како што веќе кажав во неколку наврати, очекувам инфлацијата оваа година да се стабилизира под 3 проценти“, рече Мицкоски.
„Очекувам месечна негативна динамика, односно опаѓање споредено со лани. Во јануари минатата година имавме т.н. кошничка, па очекувам оваа година да се движиме некаде околу 3 отсто – можеби малку под или малку над – но со јасна негативна тенденција месец за месец.“
Тој додаде дека во следните денови се очекува објавување на параметрите од страна на надлежните институции, и нагласи дека Владата спроведува политики што се во интерес на стандардот на граѓаните:
„Водиме домаќински политики, работиме на консолидација на состојбите. Од хаотична ситуација, распаднати институции и уништен систем, дојдовме до точка каде можеме да кажеме дека сме стабилизирани. Сега е време да ја развиваме Македонија каква што ја посакуваат сите граѓани“, додаде премиерот.

