Економија
Се засилуваат економските активности на дипломатско-конзуларните претставништва
Македонските дипломатско-конзуларни претставништва во иднина ќе имаат поголеми економски активности, а стопанските комори во земјава ќе имаат достап до сите релевантни информации кои би можеле да придонесат за привлекувањето на странскиот капитал, и носењето на нов бизнис во земјата.
Министерот за надворешни работи Никола Попоски и претседателите на стопанските комори во земјава, разговарале и за воспоставувањето на поблиска комуникација за сите промотивни активности на дипломатско-конзуларните претставништва, како и на можноста за дополнително истражување на пазарите, и зголемено присуство во сите фирми кои сакаат да воспостават контакти.
Македонија последниот период ја зголемува својата промоција надвор, а пред се, од МНР се цели на тоа, дипломатите да бидат со засилен економски профил, вели шефот на дипломатијата.
„Во рамките на МНР, дипломатите кои ги упатуваме надвор се со засилен економски профил, потоа настојуваме оценувањето да биде фокусирано на економските активности, односно секој дипломат надвор и секое дипломатско-конзуларно претставништво е редовно оценувано за интензитетот и резултатите во делот на економската промоција, инвеститори и извоз, па зависно од тоа преземаме мерки на позитивна и негативна стимулација, таму каде што има резултати да наградиме, а таму каде што нема да поттикнеме“, изјави Попоски по средбата со претседателите на стопанските комори.
Претседателите на стопанските комори пак, до Попоски доставиле и свои предлози околу тоа како може да се подобри активноста на дипломатско-конзуларните претставништва, во економски аспект.
„Денес слушнавме дека и самите амбасадори ќе бидат вклучени во економско дипломатските активности, што за нас е многу важно бидејќи се добива тежина на целата таа работа. Од наша страна беа доставени предлози како од типот стратешки пазари, пазари кои што се интересни за нас, заеднички настап на тие пазари, навремено информирање, комуникацијата да биде институционализирана, и најбитно е да има фолоу ап на сите роуд шоу-а, саеми, застапување на наши фирми, и се донесе заклучок дека ќе се направи дата база на податоци каде што сите ние ќе гледаме кои се најавени роуд шоу-а, а економските промотори ќе треба да внесуваат податоци после настаните, кои фирми биле заинтересирани, за што заинтересирани, каде што ќе можеме во секое време да имаме увид за заинтересираните за нас“, изјави претседателот на Сојузот на стопанските комори, Златко Калеников.
„После долго време се прекршува една матрица која функционираше подолго време, а тоа е нашите конзуларни претставништва да не ја застапуваат македонската економија, едно време беше и забрането тие да се занимаваат со економски активности, а денес се случува промена на генералната клима, мислиме дека промената на курсот ќе биде корисна, преку тоа што амбасадорите и нашите дипломатски претставници ќе можат да се занимаваат со промоција на економијата, ќе имаме шанса да ги искористиме нивните авторитети во земјите каде што настапуваме бидејќи кредибилитетот на компаниите е подобар, и третата карактеристика е што на ваков начин ќе можеме поорганизирано да настапиме на тие пазари“, смета Антони Пешев од Стопанската комора на Македонија.
Според него, еден од битните проблем е и како да се олесни визниот режим за бизнисмените кои престојуваат во Македонија или имаат бизнис во земјата, а коморите како решение понудиле да посредуваат со дефинирање на кредибилитетот на партнерите со кои странските компаниите работат во Македонија, со што би му се олеснило и на македонското МНР при оценката дали се тоа релевантни економски субјекти./крај/мф/бс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Битиќи: Осигурителните компании да го повлечат зголемувањето на цените, а на граѓаните да им се компензираат средствата
Вицепремиерот задолжен за европски прашања, Фатмир Битиќи, на својата официјална Фејсбук страница имаше реакција на едностраната одлука на осигурителните компании за менување на тарифата и зголемувањето на цените на задолжителната осигурителна полиса за регистрација на возила.
„Згрозен сум од зголемувањето на сумата за задолжителна осигурителна полиса од страна на осигурителните компании. Ова може да се толкува и како директен атак, или политичко мешање на компаниите за осигурување, бидејќи тарифникот со тие зголемувања два пати е доставен до Владата и два пати не е одобрен на Владина седница.
Ова е манипулативен начин со кој надвор од предвидената процедура осигурителните компании изнаоѓаат начин да ја зголемат цената на авто осигурувањето на грбот на граѓаните.
Ова е пример за длабоката држава која мора да се искорени.
Го повикувам ресорното министерство за финансии и комисијата за заштита на конкуренција да постапат и да покренат постапка за олигополско здружување и осигурителните компании да го повлечат зголемувањето на цените, а на граѓаните кои веќе платиле повисоки цени очекувам да им се компензираат средствата“, реагира вицепремиерот.
Економија
ЕУ одвои 13,79 милиони евра за прекуграничен одржлив развој во Македонија и Албанија
Македонија и Албанија заедно ја започнаа Програмата за прекугранична соработка ИПА 3 во Корча.
Финансирана од ЕУ со буџет од 13,79 милиони евра, оваа Програма ја потенцира ангажираноста на двете земји да се усогласат со стандардите на ЕУ за одржлив развој и регионална интеграција до 2027 година.
Дополнително на промоцијата, беше најавен и предстојниот повик за предлози во рамките на програмата ИПА 3, поканувајќи заинтересирани страни да учествуваат во оваа Програма.
„Оваа иницијатива не само што се фокусира на клучни области како што се еколошката одржливост и социо-економскиот развој, туку исто така претставува клучен чекор кон нашата конечна цел за интеграција во ЕУ. Токму денеска најавуваме дека новиот повик за предлози ќе биде отворен многу наскоро, обезбедувајќи можности за конкретни и клучни проекти“, изјави Алтин Зечо, директор за конвергенција и кохезија со ЕУ, Државна агенција за стратешко планирање и координација на помош (САСПАК).
Зечо дополнително истакна дека членство во ЕУ бара зголемена соработка помеѓу нашите две земји, каде координирањето на заеднички политики и меѓусебната поддршка за постигнување на нашите цели и приоритети кон интеграција во ЕУ останува важен процес.
Вулнет Арифи, шеф на одделот за ЕУ и координатор за СБС, при Министерство за локална самоуправа на Република Северна Македонија, ја истакна улогата на Програмата во забрзувањето на аспирациите за членство во ЕУ.
„Со изградба на основите поставени од ИПА 2, оваа Програма не само што ја проширува соработката меѓу земјите, туку и повеќе ги усогласува нашите регионални политики со стандардите на ЕУ, отворајќи го патот за нашето очекувано пристапување. Претстојниот повик за предлози дополнително ќе ги активира нашите заедници да се ангажираат длабоко со нашиот процес на интеграција во ЕУ“, изјави Арифи.
Брисеида Ѓоза од Антена канцеларијата Северна Македонија – Албанија го истакна целосниот пристап на програмата: „ИПА 3 е детално креирана за да ги зголеми нашите регионални капацитети за исполнување на критериумите на ЕУ, фокусирајќи се на климатска отпорност, одржлив туризам и зачувување на културното наследство. Ги охрабруваме заинтересираните страни да се подготват за претстојниот повик, кој ветува дека ќе ги зајакне нашите заеднички напори.“
Ова стратешко вложување од ЕУ преку Програмата ИПА 3 е доказ за постојаните напори на Северна Македонија и Албанија за влез во ЕУ, испраќајќи директна порака за нивното патување кон европската интеграција.
Економија
Потпишан договор за реализација на новата инвестиција на турската компанија Шахтерм во ТИРЗ
Директорот на ТИРЗ, Јован Деспотовски и генералниот менаџер на компанијата „Шахтерм“, Фарук Шахин, потпишаа договор за реализација на новата турска инвестиција во Македонија. Со договорот кој го потпишаа во Бурса, се предвидува закуп на земјиште во ТИРЗ Скопје 2 со површина од над 20.000 м2 и изградба на објект со површина од над 13.000 м2. Ова е прва од двете фази на реализација на инвестицијата.
Потпишувањето на договорот следи само 4 месеци по најавата за новата турска инвестиција во земјава. Турската компанија ја зголеми и првично планираната инвестиција од 70 милиони евра на 100 милиони евра. Според деловниот план компанијата во наредните 10 години предвидува отворање на 1000 нови работни места. Новата инвестиција ќе опфати и центар за истражување и развој, а ќе преставува прв производствен капацитет на „Шахтерм“ надвор од Република Турција.
Потпишувањето на договорот е во рамки на посетата на Турција на делегација на ТИРЗ предводена од Деспотовски во рамки на која е предвидена и презентација на инвестициските можности пред турски компании. На потпишувањето присуствуваше и македонскиот амбасадор во Турција, Јован Манасиевски и Џунејт Шенер, потпретседател на бордот на директори на Стопанската комора на Бурса.
Инаку компанијата “Шахтерм“ има повеќе од 40 години искуство во дизајн и производство на системи за греење за бела техника и апарати за домаќинство. Во моментот, „Шахтерм“ е дел од водечките пет компании во оваа дејност на глобално ниво, со повеќе од половина од годишното производство наменето за пазарите надвор од Турција.
Листата на клиенти е составена од познати светски производители на бела техника и апарати за домаќинство како „Вирпул“, „Амика“, „Горење“, „Беко“ и „Кенди“.