Економија
Во Швајцарија референдум за ограничување на платите
Во недела на 24 ноември, Швајцарците ќе излезат на референдум на кој ќе одлучуваат за предлогот „Иницијатива 1:12“, со кој би се поставил лимит на платите во компаниите. Доколку референдумот помине, најголемата плата во некоја компанија не би можела да биде 12 пати поголема од најниската плата во истата компанија. Иницијативата 1:12 е покрената од Швајцарските млади социјалисти.
Собирањето на потписите за референдумот започнало уште есента 2009 година, а „Иницијативата 1:12“ успешно била регистрирана во април 2011 година. Земајќи во предвид дека парламентот и сојузната влада предложиле иницијативата да се одбие, расправата по овој предлог започнала дури по две години, пишува World Socialist Web Site.
Поголем дел од населението го поддржува ограничувањето на високите плати, а според анкетата која пред референдумот била спроведена од Swiss radio, 44 проценти од граѓаните планираат да гласаат во корист на иницијативата додека 12 проценти се неодлучни, а 44 отсто се против оваа иницијатива.
Економскиот и истражувачки оддел на ETH Zürich (KOF), спровел истражување кое покажало дека со оваа мерка биле зафатени 1200 компании, а поголем дел од нив се наоѓаат во финансискиот сектор, и секторите на трговијата и осигурувањето. Платите на 4400 лица кои најмногу заработуваат, би биле намалени за 1,22 милијарди евра.
Во последните десет години, разликата во платите постојано расте, а платите на водечките лица во банкарскиот сектор, осигурителните куќи и големите интернационални сектори ги пробиле сите бариера, додека од друга страна, поголем дел од швајцарското население ја немало таа среќа. Нивната плата во последните десет години била едвај зголемена, а оние кои имаат најмали примања, доживеале намалување на куповната моќ, и покрај зголемувањето на платата за 5 проценти. За стотици илјади граѓани, нивните плати не им се доволно за плаќање на сметките, а немаат ни никаква заштеда.
Во периодот од 2000 до 2010 година, платите на лицата со високи примања доживеале раст од 19 проценти, а тој раст не бил намален нити од економската криза во 2008 година, и ќе продолжи и оваа година. Иако банката UBS пријавила загуба од 2,5 милијарди франци за 2012 година, сепак уредни ги исплатила бонусите во истиот износ.
Еден отсто од најбогатата популација во Швајцарија контролира неверојатни 39 проценти од вкупното богатство на земјата. 10 проценти од најбогатите поседуваат 74 проценти од богатството, додека останатите 90 проценти контролираат само 26 проценти. Од 1989 година, богатството на 300-те најбогати Швајцарци се зголемило за пет пати, и од 86 милијарди франци, пораснало на 449 милијарди.
Овие бројки покажуваат дека драстичната разлика во платите е голем проблем за швајцарското општество, и дури и да се прифати предлогот на иницијативата, тој феномен не би се променил, нити би ставил крај на оваа општествена нееднаквост, која е длабоко вкоренета.
„Наместо поддржување на слободата на интересите на капиталистите, економијата мора да биде организирана како би придонела за целото општество. Но оваа цел мора да биде поддржана од сите партии во парламентот. Несогласувањето во политичкиот естаблишмент, кога се работи за иницијативата 1:12 покажува несогласување околу најдобрите методи за стабилизирање на капиталистичкото владеење. Оние кои се за иницијативата 1:12 веруваат дека на огорчениот народ некогаш мора да му се попушти, додека оние кои се против иницијативата 1:12 сметаат дека ако сега им се попушти, тоа ќе доведе до нови барања, така што најдобро е ништо да не им се даде“, заклучува World Socialist Web Site./крај/мф/бс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Битиќи: Осигурителните компании да го повлечат зголемувањето на цените, а на граѓаните да им се компензираат средствата
Вицепремиерот задолжен за европски прашања, Фатмир Битиќи, на својата официјална Фејсбук страница имаше реакција на едностраната одлука на осигурителните компании за менување на тарифата и зголемувањето на цените на задолжителната осигурителна полиса за регистрација на возила.
„Згрозен сум од зголемувањето на сумата за задолжителна осигурителна полиса од страна на осигурителните компании. Ова може да се толкува и како директен атак, или политичко мешање на компаниите за осигурување, бидејќи тарифникот со тие зголемувања два пати е доставен до Владата и два пати не е одобрен на Владина седница.
Ова е манипулативен начин со кој надвор од предвидената процедура осигурителните компании изнаоѓаат начин да ја зголемат цената на авто осигурувањето на грбот на граѓаните.
Ова е пример за длабоката држава која мора да се искорени.
Го повикувам ресорното министерство за финансии и комисијата за заштита на конкуренција да постапат и да покренат постапка за олигополско здружување и осигурителните компании да го повлечат зголемувањето на цените, а на граѓаните кои веќе платиле повисоки цени очекувам да им се компензираат средствата“, реагира вицепремиерот.
Економија
ЕУ одвои 13,79 милиони евра за прекуграничен одржлив развој во Македонија и Албанија
Македонија и Албанија заедно ја започнаа Програмата за прекугранична соработка ИПА 3 во Корча.
Финансирана од ЕУ со буџет од 13,79 милиони евра, оваа Програма ја потенцира ангажираноста на двете земји да се усогласат со стандардите на ЕУ за одржлив развој и регионална интеграција до 2027 година.
Дополнително на промоцијата, беше најавен и предстојниот повик за предлози во рамките на програмата ИПА 3, поканувајќи заинтересирани страни да учествуваат во оваа Програма.
„Оваа иницијатива не само што се фокусира на клучни области како што се еколошката одржливост и социо-економскиот развој, туку исто така претставува клучен чекор кон нашата конечна цел за интеграција во ЕУ. Токму денеска најавуваме дека новиот повик за предлози ќе биде отворен многу наскоро, обезбедувајќи можности за конкретни и клучни проекти“, изјави Алтин Зечо, директор за конвергенција и кохезија со ЕУ, Државна агенција за стратешко планирање и координација на помош (САСПАК).
Зечо дополнително истакна дека членство во ЕУ бара зголемена соработка помеѓу нашите две земји, каде координирањето на заеднички политики и меѓусебната поддршка за постигнување на нашите цели и приоритети кон интеграција во ЕУ останува важен процес.
Вулнет Арифи, шеф на одделот за ЕУ и координатор за СБС, при Министерство за локална самоуправа на Република Северна Македонија, ја истакна улогата на Програмата во забрзувањето на аспирациите за членство во ЕУ.
„Со изградба на основите поставени од ИПА 2, оваа Програма не само што ја проширува соработката меѓу земјите, туку и повеќе ги усогласува нашите регионални политики со стандардите на ЕУ, отворајќи го патот за нашето очекувано пристапување. Претстојниот повик за предлози дополнително ќе ги активира нашите заедници да се ангажираат длабоко со нашиот процес на интеграција во ЕУ“, изјави Арифи.
Брисеида Ѓоза од Антена канцеларијата Северна Македонија – Албанија го истакна целосниот пристап на програмата: „ИПА 3 е детално креирана за да ги зголеми нашите регионални капацитети за исполнување на критериумите на ЕУ, фокусирајќи се на климатска отпорност, одржлив туризам и зачувување на културното наследство. Ги охрабруваме заинтересираните страни да се подготват за претстојниот повик, кој ветува дека ќе ги зајакне нашите заеднички напори.“
Ова стратешко вложување од ЕУ преку Програмата ИПА 3 е доказ за постојаните напори на Северна Македонија и Албанија за влез во ЕУ, испраќајќи директна порака за нивното патување кон европската интеграција.
Економија
Потпишан договор за реализација на новата инвестиција на турската компанија Шахтерм во ТИРЗ
Директорот на ТИРЗ, Јован Деспотовски и генералниот менаџер на компанијата „Шахтерм“, Фарук Шахин, потпишаа договор за реализација на новата турска инвестиција во Македонија. Со договорот кој го потпишаа во Бурса, се предвидува закуп на земјиште во ТИРЗ Скопје 2 со површина од над 20.000 м2 и изградба на објект со површина од над 13.000 м2. Ова е прва од двете фази на реализација на инвестицијата.
Потпишувањето на договорот следи само 4 месеци по најавата за новата турска инвестиција во земјава. Турската компанија ја зголеми и првично планираната инвестиција од 70 милиони евра на 100 милиони евра. Според деловниот план компанијата во наредните 10 години предвидува отворање на 1000 нови работни места. Новата инвестиција ќе опфати и центар за истражување и развој, а ќе преставува прв производствен капацитет на „Шахтерм“ надвор од Република Турција.
Потпишувањето на договорот е во рамки на посетата на Турција на делегација на ТИРЗ предводена од Деспотовски во рамки на која е предвидена и презентација на инвестициските можности пред турски компании. На потпишувањето присуствуваше и македонскиот амбасадор во Турција, Јован Манасиевски и Џунејт Шенер, потпретседател на бордот на директори на Стопанската комора на Бурса.
Инаку компанијата “Шахтерм“ има повеќе од 40 години искуство во дизајн и производство на системи за греење за бела техника и апарати за домаќинство. Во моментот, „Шахтерм“ е дел од водечките пет компании во оваа дејност на глобално ниво, со повеќе од половина од годишното производство наменето за пазарите надвор од Турција.
Листата на клиенти е составена од познати светски производители на бела техника и апарати за домаќинство како „Вирпул“, „Амика“, „Горење“, „Беко“ и „Кенди“.