Економија
Околу 100 домашни компании заинтересирани за услугите на странски експерти
Околу 100 компании покажале интерес за владиниот проект за обезбедување на странски експерти за потребите на домашните компании, изјави во среда владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев.
Тој додаде дека од денеска почнува и втората фаза од проектот која ќе резултира со конкретно доведување на експертите во Република Македонија и нивна поддршка во функција на домашните компании согласно процедурите и истакнатите потреби.
„Проектот во првата фаза ги постигна целите кои беа предвидени. Она што радува е дека компаниите го препознаа бенефитот од проектот и покажаа голем одѕив за користење на услугите од истиот, односно се пријавија околу 100 компании кои вработуваат околу 10000 работници. Притоа се јавија компании од сите реони на државата, од различни економски сфери и од сите видови на претпријатија според обемот на дејност и вработеност“, рече Ѓорѓиев.
Согласно територијалниот аспект, најголем број на компаниите се од скопскиот регион или 48 компании, од Битола 8, Прилеп 7, Струмица 6, Охрид, Струга, Виница по 4 и со пријави на компании од сите реони во државата.
„Во однос на дејноста најголем број од компаниите се од преработувачката индустрија или 25 од пријавените, 11 компании од информатичко-комуникациската технологија, 8 од земјоделството, 6 од градежништвото и од други сектори, меѓу кои и од трговијата, сметководството, образованието, енергетиката и други“, појасни Ѓорѓиев.
Според него, значајно е дека има пријави од компании од различна големина, мали, средни и големи претпријатија.
„Со пет вработени лица имаме шест компании, со вработени од пет до 50 лица 59 компании, со вработени од 50-150 лица 21 компанија, со вработени од 150 до 300 лица се пријавија шест компании, од 300 до 700 вработени имаме 11 компании, и две компании со над 700 вработени кои се пријавија на огласот“, истакна владиниот портпарол.
Втората фаза започнува од денеска, со тоа што во следниот период од 30 до 45 дена, значи некаде до крајот на годината ќе бидат разгледувани поднесоците и пријавите од компаниите, а стручни тимови ќе посетат и дел од овие компании со цел да се поразговара со менаџментот на истите, да се увиди конкретниот профил на потребниот експерт, делот од производствениот, технолошкиот или пак услужниот процес каде што е потребна таа експертиза и на тој начин да се конкретизира и прецизира видот на експертот.
Потоа, по овој дел, во јануари следната година, Владата ќе испрати барање до меѓународните организации кои се партнери во процесот, кои се стручни и специјализирани за оваа намена и кои во своите регистри имаат голем број на експерти за различни потреби.
Досега е веќе воспоставена соработка со организации од Холандија и Германија, а се прават обиди да се обезбеди и ваква помош и од САД и Швајцарија. По добивањето на одговорот од организацијата до Владата, понудениот експерт ќе биде проследен до компанијата која ќе може да направи комуникација со него, да поразговараат и да ја увидат можноста и правецот на соработката, да се намалат точките на ризик и да се прецизира интервалот на соработка и конкретните процеси од истата.
По конкретизацијата на овие процедури експертот ќе дојде во Република Македонија и ќе соработува и функционира за потребите на домашната компанија која пројавила интерес за тоа, ќе учествува во нејзината работа, и тоа во интервал кој е потребен за тоа.
Притоа, како што беше кажано, најголем дел од компаниите нема да имаат никаков трошок за ангажманот на експертот, освен во определени исклучоци и тоа со задолжителна претходна согласност на компанијата за учество со минимален партиципативен надоместок, со цел поголема инклузивност помеѓу двата субјекта, но тоа ќе биде исклучок, правилото е дека компаниите нема да бидат подложни на трошоци, особено не од поголем обем.
„Веруваме и очекуваме дека со овој проект и со обезбедувањето на странските експерти за потребите на домашните компании, ќе се даде значителна поддршка на истите, што ќе придонесе за нивна поголема ефективност, продуктивност и профитабилност, отворање на нови работни места, што ќе значи и можност за општ економски раст и развој на државата“, рече Ѓорѓиев. /крај/со/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Сали на министерски состанок на ЕК за спроведување на CBAM: Земјата активно работи и на интеграцијата на електроенергетскиот пазар со европскиот систем
Министерот за европски прашања, Беким Сали, учествуваше на министерскиот состанок посветен на Механизмот за прилагодување на јаглерод на граница (CBAM), каде ја истакна посветеноста на Северна Македонија кон европските цели за декарбонизација и усогласување со климатското и енергетското законодавство на ЕУ.
Состанокот беше организиран од Европската комисија со цел да се информираат земјите од Западен Балкан за најновите случувања поврзани со спроведувањето на Механизмот за прилагодување на јаглерод на граница (CBAM), кој стапи во сила на 1 јануари 2026 година и има директни импликации врз процесот на проширување и енергетските сектори во регионот.
Тој нагласи дека Владата во јануари 2026 година го усвои нацрт-Законот за климатска акција, со кој се поставува правната основа за системот за мониторинг, известување, верификација и акредитација на емисиите, како клучен чекор кон воведување на јаглеродно ценообразување.
Сали посочи дека земјата активно работи и на интеграцијата на електроенергетскиот пазар со европскиот систем, што е важен дел од постепеното вклучување во заедничкиот европски пазар на електрична енергија.
Во однос на CBAM, министерот истакна дека Северна Македонија ги поддржува целите на механизмот, но дека е неопходно да се земат предвид специфичните карактеристики на земјите кандидати и договорните страни на Енергетската заедница, особено поради нивната изложеност на ценовни разлики и техничките предизвици во прекуграничната трговија со електрична енергија.
Тој повика на внимателна и постепена имплементација, вклучително и продолжување на транзицискиот период, со цел да се избегнат несакани ефекти врз регионалните пазари и да се поддржи интеграцијата на обновливите извори на енергија.
Министерот Сали подвлече дека Северна Македонија останува силно посветена на европската зелена агенда и на постепено воведување на инструменти за јаглеродно ценообразување, со крајна цел целосно интегриран, безбеден и декарбонизиран европски енергетски пазар.
Економија
Предпремиера на новиот Cayenne Electric во Porsche Center Skopje
Во ексклузивна атмосфера и во присуство на клиенти, партнери и медиуми, Porsche Macedonia ја одржа предпремиерата на новиот Cayenne Electric во Porsche Center Skopje. Настанот означи почеток на ново поглавје за еден од најуспешните модели на брендот, кој повеќе од две децении поставува стандарди во SUV сегментот.


Генералниот директор на Porsche Macedonia, г-дин Златко Муцунски, во своето обраќање истакна:
„Cayenne отсекогаш бил модел со стратешко значење за Porsche. Тој ја трансформираше компанијата и го редефинираше сегментот. Денес, со новата генерација, го продолжуваме тој дух на храброст и визија – со технологија која го засилува она што отсекогаш било суштината на Porsche: перформанс без компромис.“

Тој додаде дека новиот Cayenne Electric претставува „логична еволуција на еден лидер – комбинација од инстантна моќност, врвна динамика и иновативна електрична архитектура, поставена во препознатливиот Cayenne дизајн.“

Маркетинг Менаџерот на брендот Porsche, г-дин Стефан Јовановски, нагласи дека интересот на македонскиот пазар е значителен:
„Публиката во Македонија е сè поотворена кон електрична мобилност во премиум сегментот. Cayenne Electric носи ново ниво на спортска динамика и дигитална софистицираност. Тоа не е само електричен SUV – тоа е Porsche во својата најнапредна форма.“

Јовановски потенцираше дека предпремиерата во Porsche Center Skopje им овозможи на присутните да бидат помеѓу првите во светот кои одблизу ќе се запознаат со новата технологија, дизајнерскиот правец и иновативните решенија кои го дефинираат моделот.


Настанот беше организиран како ексклузивно претставување со техничка презентација, детално запознавање со електричната платформа и интеракција со експертскиот тим на Porsche Center Skopje.

Со оваа предпремиера, Porsche Macedonia уште еднаш ја потврдува својата посветеност кон иновации, одржлива мобилност и понуда на најсовремени решенија во премиум сегментот на македонскиот пазар.



За повеќе информации, посетете го Porsche Center Skopje или контактирајте го тимот на Porsche Mac-edonia.
ПР
Економија
Гувернерот Трајко Славески учествува на конференција на гувернери во Брисел, во фокус глобалните економски предизвици
Гувернерот на Народната банка, Трајко Славески учествува на конференцијата на гувернерите од Kонституенцата на Меѓународниот монетарен фонд, на која се разгледуваат клучните предизвици и идните насоки на централнобанкарските политики во услови на зголемена глобална неизвесност и променет геоекономски амбиент.
Во фокусот на дискусиите се изгледите за инфлацијата и монетарната политика, како и улогата на централните банки во одржувањето стабилни финансиски системи. Особено внимание е посветено на можните трендови на дерегулација и нивните потенцијални импликации врз финансиската стабилност.
На конференцијата се разговара и за влијанието на технолошките иновации и геостратегиските промени врз економскиот развој и финансиските текови, како фактори што сè повеќе го обликуваат глобалниот финансиски систем.
Во рамките на настанот, се одвива размена на искуства и ставови со гувернери, претставници на европските институции и меѓународните организации, што придонесува кон креирање политики засновани на знаење и соработка, како и кон зајакнување на капацитетите на централните банки за справување со современите економски предизвици и обезбедување стабилен и предвидлив економски амбиент.

