Економија
Сараќини го презентираше Предлог законот за заклучување на стечајните постапки
Министерот за економија Ваљон Сараќини го презентираше предлог на законот за заклучување на стечајните постапки, отворени согласно законот за присилно порамнување, стечај, ликвидација и законот за стечај. Во изработка на Законот, беа вклучени претставници на повеќе институции во државата, домашни и надворешни експерти.
„Според анализата беше утврдено дека во постоечките одредби на Законот за присилно порамнување стечај и ликвидација како и во Законот за стечај не беше можно утврдување на правен статус на бесправните објекти кои преставуваа имот на стечајниот должник. ,заради што се изработи специјален Закон кој што ќе важи за околу 300 стечаи, а со кој очекуваме за нешто помалку од една година, да ги заклучиме односно решиме сите стари стечајни постапки, сите тие стечајни постапки кои траат долго поради неможноста за продажба на имот со неутврден правен статус“, истакна министерот Сараќини.
Постапката за утврдување на правен статус на имотот на должникот во стечајна постапка е многу едноставна, а започнува со поднесување на предлог во вонпарична постапка до вонпаричниот оддел во судот на чие подрачје се спроведува постапката.
Сараќини појасни дека предлогот за утврдување на правен статус на бесправен објект во стечајна постапка содржи, означување на судот, назив и седиште на стечајниот управник, опис на недвижниот имот (за кој се предлага утврдување на правен статус), а кон предлогот се доставува правосилно решение за отварање на стечајна постапка или пак одобрен план за реорганизација, доказ за приклучок на комунална инфраструктура (и тоа со датум пред отворање на стечајна постапка) и геодетски елаборат за утврдување на фактичката состојба на бесправен објект.
Вториот чекор, постапката за впаричување на имотот кој влегува во стечајната маса подразбира продажбата на имотот од стечајната маса се врши попат на електронска продажба (со јавно наддавање), доколку се случи неуспешна прва продажба на имотот од стечајната маса, продажбата се повторува само уште еднаш (со тоа што целата продажба треба да заврши во рок 70 дена) и доколку пак и втората продажба е неуспешна.
„Во законот се предвидени и казнени одредби односно глоба во износ од 10 000-15 000 евра, а ќе му се изрече за прекршок на одговорното лице ако во утврдениот рок не постапи по барањето на стечајниот управник за повлекување на барањето за утврдување на правен статус“, информира Сараќини, додавајќи дека со ова законско решение ќе се решат многу работи, најпрвин ќе имаме брза продажба на имотот на стечајниот должник, ќе се зголеми процентот на намирување на доверителите, ќе се реши правниот статус на бесправните објекти, ќе се довршат објектите кои поради стечај на инвеститорот подолг период се наоѓаат во разни фази на градба, значи останале недоградени, ќе се зголеми бројот на изградени станови кои повеќе години стојат како недовршени, се отвараат можности за нови инвестиции во градежништвото.
Директорот на катастар Трпески истакна дека пред конечната распределба на имотот на стечајниот должник, стечајниот управник, е должен да ги исплати трошоците за изработка на геодетски елаборат на Агенцијата за катастар на недвижности доколку таквиот елаборат не бил поднесен како прилог кон барањето за утврдување на правен статус на бесправен објект./крај/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Гувернерот Трајко Славески учествува на конференција на гувернери во Брисел, во фокус глобалните економски предизвици
Гувернерот на Народната банка, Трајко Славески учествува на конференцијата на гувернерите од Kонституенцата на Меѓународниот монетарен фонд, на која се разгледуваат клучните предизвици и идните насоки на централнобанкарските политики во услови на зголемена глобална неизвесност и променет геоекономски амбиент.
Во фокусот на дискусиите се изгледите за инфлацијата и монетарната политика, како и улогата на централните банки во одржувањето стабилни финансиски системи. Особено внимание е посветено на можните трендови на дерегулација и нивните потенцијални импликации врз финансиската стабилност.
На конференцијата се разговара и за влијанието на технолошките иновации и геостратегиските промени врз економскиот развој и финансиските текови, како фактори што сè повеќе го обликуваат глобалниот финансиски систем.
Во рамките на настанот, се одвива размена на искуства и ставови со гувернери, претставници на европските институции и меѓународните организации, што придонесува кон креирање политики засновани на знаење и соработка, како и кон зајакнување на капацитетите на централните банки за справување со современите економски предизвици и обезбедување стабилен и предвидлив економски амбиент.
Економија
Божиновска на средби со меѓународни партнери за унапредување на енергетиката и рударството
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, денеска оствари низа работни средби со меѓународни партнери со цел продлабочување на соработката и размена на искуства во енергетскиот и рударскиот сектор.
На средба со амбасадорот на Кралството Шведска во Република Северна Македонија, Ола Солстром, беше разговарано за интензивирање на билатералната соработка во секторот рударство, вклучително размена на добри практики од шведски експерти и соработка со македонските универзитети за унапредување на техничките и научните капацитети. Дополнително, на средбата беа разгледани теми поврзани со развој на обновливи извори на енергија и проекти за подобрување на квалитетот на амбиенталниот воздух како дел од заложбите за одржлив економски развој и зелена транзиција.
Министерката Божиновска оствари средба и со амбасадорката на Кралството Холандија, Узлем Џанел, со која разговараа за унапредување на соработката во енергетскиот сектор, вклучително поддршка за обновливи извори на енергија, зајакнување на енергетската ефикасност. Соговорниците ja нагласија важностa од континуирана експертска соработка и размена на иновативни решенија помеѓу двете земји.
Божиновска оствари средба и со преставници на Strategic and Social Research Foundation – Marmara Group. Фокус на разговорот беше организацијата на 29-тиот Евроазиски Економски Самит и официјалната покана до министерката Божиновска за учество на Самитот. На средбата се разговараше и за инвестициони можности во соларната енергија, како и тековните активности и планови на Министерството за енергетика.
Министерката Божиновска ја истакна важноста на овие средби за промоција на Северна Македонија како модерна, инвестиционо атрактивна и еколошки одговорна земја, која континуирано го унапредува енергетскиот и рударскиот сектор и ја зајакнува регионалната соработка.
Економија
Мицкоски: Очекувам убави вести за шеесетина македонски производи да се извезуваат во САД по повластена тарифа
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски денеска одговарајќи на новинарско прашање во однос на очекувањата за поволна одлука за тарифите од САД, изјави:
„Да, очекувам денеска убава вест. Изминативе месеци жестоко преговаравме. Се сеќавате тогаш кога излегуваа голем дел од опозициските, условно кажано, медиуми коишто критикуваа како Македонија добила 34% тарифи, не знам што и не знам како. Очекувам сето тоа да биде потврдено со заедничка изјава денеска. Очекувам поволни вести од таму и очекувам негде околу 63-64 производи коишто се за нас стратешки, да бидат со повластена тарифа којашто ќе биде едноцифрена и ќе се движи меѓу 0 и 6,5%.“
фото/Depositphotos

