Економија
Македонија ја интензивира економската соработка со Хрватска
Македонија и Хрватска најавија интензивирање на економската соработка со цел да се зголеми трговската размена, да се спроведат заеднички енергетските и инфраструктурните проекти, како и да се инвестира во експлоатација на минерални суровини и во туризмот.
За ова станало збор на средбата што министерот за економија Ваљон Сараќини во понеделникот ја оствари со претставниците на хрватска делегација, предводена од министерот за економија Иван Врдољак. „Македонија и Хрватска имаат одлични политички односи, а наша задача како министри е тие односи да се потрудиме да се рефлектираат и на полето на економијата. За само месец дена од последната посета во Хрватска, веќе ги реализиравме сите точки кои беа договорени. Најавената хрватска инвестиција од шест милиони евра во отварање на фабрика за вода ’Мали Лошињ’ веќе почна да се реализира. “, информираше Сараќини.Тој потенцираше дека соработката меѓу двете држави не треба да биде само на ниво на влади, туку треба да се интензивира и меѓу самите компании и коморите, поради што во текот на посетата беше организиран и бизнис форум.Сараќини најави можност од отварање на канцеларии во самите министерства на двете земји, чија цел ќе биде поддршка на компаниите во водење бизнис, како и можност македонските компании да се обратат во канцеларијата во Хрватска, а хрватските во Македонија. Беше разгледана и можноста за воведување на чартер линии Скопје-Дубровник, Сплит-Скопје, Скопје-Загреб и обратно, бидејќи значењето од овие линии е повеќекратно, и за македонските, и за хрватските туристи. Покрај ова, беше укажано на можноста да се пренесе хрватското искуство во искористувањето на европските фондови, но и околу либерализацијата на пазарот на струја.„Големината на економската размена помеѓу Македонија и Хрватска не можеме да ја сметаме за доволна, цифрата од 200 милиони евра е неприфатлива. Таа бројка може да биде многу поголема со оглед на можностите кои ги имаме во заедничката работа. Тоа што сакаме да го направиме е партнерство. Хрватска е врата во ЕУ и ние сме отворени за сите наши пријатели“, изјави хрватскиот министер за економија Иван Врдољак.По средбата беше потпишан Договорот за изменување и дополнување на договорот за економска соработка и трговија, усогласен со европското законодавство, со кој се создава правна рамка за продлабочување на долгорочната соработка во повеќе области, производство на машини, енергетика и електротехничка индустрија, инфраструктура, земјоделство и прехранбена индустрија, фармацевтска и хемиска индустрија, дрвна индустрија, соработка меѓу мали и средни претпријатија, туризам, како и други области на стопанска и индустриска соработка, кои можат меѓусебно да бидат договорени.По средбата, министрите Сараќини и Врдољак го отворија бизнис форумот кој се организира со цел да се воспостават деловни контакти меѓу македонски и хрватски компании од различни стопански дејности. Поздравувајќи ги бизнисмените од Хрватска и Македонија, Сараќини истакна дека правната рамка на билатералната стопанска соработка е веќе воспоставена, а со организирањето на Бизнис форумот започна да се делува во правец на нејзина реализација, при што главната алка се токму стопанствениците, кои треба да ги искористат директните бизнис средби на форумот за продлабочување на веќе постојните бизнис релации, но и за воспоставување на нови бизнис врски за идна конкретна соработка. /крај/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Гувернерот Трајко Славески учествува на конференција на гувернери во Брисел, во фокус глобалните економски предизвици
Гувернерот на Народната банка, Трајко Славески учествува на конференцијата на гувернерите од Kонституенцата на Меѓународниот монетарен фонд, на која се разгледуваат клучните предизвици и идните насоки на централнобанкарските политики во услови на зголемена глобална неизвесност и променет геоекономски амбиент.
Во фокусот на дискусиите се изгледите за инфлацијата и монетарната политика, како и улогата на централните банки во одржувањето стабилни финансиски системи. Особено внимание е посветено на можните трендови на дерегулација и нивните потенцијални импликации врз финансиската стабилност.
На конференцијата се разговара и за влијанието на технолошките иновации и геостратегиските промени врз економскиот развој и финансиските текови, како фактори што сè повеќе го обликуваат глобалниот финансиски систем.
Во рамките на настанот, се одвива размена на искуства и ставови со гувернери, претставници на европските институции и меѓународните организации, што придонесува кон креирање политики засновани на знаење и соработка, како и кон зајакнување на капацитетите на централните банки за справување со современите економски предизвици и обезбедување стабилен и предвидлив економски амбиент.
Економија
Божиновска на средби со меѓународни партнери за унапредување на енергетиката и рударството
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, денеска оствари низа работни средби со меѓународни партнери со цел продлабочување на соработката и размена на искуства во енергетскиот и рударскиот сектор.
На средба со амбасадорот на Кралството Шведска во Република Северна Македонија, Ола Солстром, беше разговарано за интензивирање на билатералната соработка во секторот рударство, вклучително размена на добри практики од шведски експерти и соработка со македонските универзитети за унапредување на техничките и научните капацитети. Дополнително, на средбата беа разгледани теми поврзани со развој на обновливи извори на енергија и проекти за подобрување на квалитетот на амбиенталниот воздух како дел од заложбите за одржлив економски развој и зелена транзиција.
Министерката Божиновска оствари средба и со амбасадорката на Кралството Холандија, Узлем Џанел, со која разговараа за унапредување на соработката во енергетскиот сектор, вклучително поддршка за обновливи извори на енергија, зајакнување на енергетската ефикасност. Соговорниците ja нагласија важностa од континуирана експертска соработка и размена на иновативни решенија помеѓу двете земји.
Божиновска оствари средба и со преставници на Strategic and Social Research Foundation – Marmara Group. Фокус на разговорот беше организацијата на 29-тиот Евроазиски Економски Самит и официјалната покана до министерката Божиновска за учество на Самитот. На средбата се разговараше и за инвестициони можности во соларната енергија, како и тековните активности и планови на Министерството за енергетика.
Министерката Божиновска ја истакна важноста на овие средби за промоција на Северна Македонија како модерна, инвестиционо атрактивна и еколошки одговорна земја, која континуирано го унапредува енергетскиот и рударскиот сектор и ја зајакнува регионалната соработка.
Економија
Мицкоски: Очекувам убави вести за шеесетина македонски производи да се извезуваат во САД по повластена тарифа
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски денеска одговарајќи на новинарско прашање во однос на очекувањата за поволна одлука за тарифите од САД, изјави:
„Да, очекувам денеска убава вест. Изминативе месеци жестоко преговаравме. Се сеќавате тогаш кога излегуваа голем дел од опозициските, условно кажано, медиуми коишто критикуваа како Македонија добила 34% тарифи, не знам што и не знам како. Очекувам сето тоа да биде потврдено со заедничка изјава денеска. Очекувам поволни вести од таму и очекувам негде околу 63-64 производи коишто се за нас стратешки, да бидат со повластена тарифа којашто ќе биде едноцифрена и ќе се движи меѓу 0 и 6,5%.“
фото/Depositphotos

