Економија
МЗШВ: Изјавите на СДСМ покажуваат дека никогаш не се симнале меѓу вистинските земјоделци
Следејќи ги таканаречените успешни теренски посети на водечката четворка на СДСМ може да се констатира дека конечно на виделина излезе на кој начин СДСМ „двојно“ ќе ги зголемува субвенциите за земјоделците, секако на нив својствен начин со кратење од најранливите категории на мали земјоделски стопанства констатира во вторникот Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Според оцените на министерството, всушност најголемата опозициска партија двојно ќе ги зголеми субвенциите на сметка на намалување на исплатите на малите фарми.
„Македонското земјоделство се карактеризира со 90 отсто мали земјоделски стопанства чиј просечен принос на пченица изнесува едвај два тона по хектар. Поставувајќи ја границата на принос за поголеми субвенции над три тона по хектар, значи дека можеби само 10 отсто од земјоделските стопанства ќе ја користат оваа ‘ветена придобивка’. А другите, доколку сакаат поголеми субвенции едноставно ќе треба да си копаат бунари“, се вели во анализата на МЗВШ за ветувањето на СДСМ дека кога ќе дојде на власт ќе исплаќа ткн „двојни субвенции“:
Постоењето и специфичните состојби на „мали земјоделски стопанства“ чиј број изнесува околу 50 отсто од вкупната структура на фарми на ниво на ЕУ, ја натера Европската унија да ја реформира својата земјоделска политика кон креирање на посебни пакети за поддршка на малите фарми во периодот од 2014 до 2020 година, појаснуваат од МЗВШ.
„И додека Европа и светските организации за храна и земјоделство годината 2014-та ја најавуваат како година на малите фарми, СДСМ најавува нивно целосно уништување!“, заклучуваат во министерството.
Додаваат, дека од изјавите на челните луѓе во СДСМ произлегува дека веќе „долги години не влегле во оранжерија, ниту помирисале свежо изорана нива, односно не ни се симнале од тронот на којшто седат сонувајќи за сите, но реализирајќи за себе. Грабајќи се по капиталот на комбинатите и директорските места по оранжериите кои ги приватизираа во сопствена корист, го упропастуваат македонското земјоделство“.
Македонското земјоделство и македонскиот земјоделец, посочуваат од МЗВШ, денес е поинаков од оној којшто го доживуваат и третираат како граѓанин од втор ред којшто постојано го омаловажуваа за време на нивните мандати и којшто продолжуваат да го манипулираат со нивните памфлет политики на еден лист хартија.
„Ветувањето дека СДСМ ќе ја распределува земјоделската земја на вистинските земјоделци претставува уште еден бисер на, пред се непознавање на состојбата, но истовремено и на колективната амнезија за начинот на кој токму тие до 2006 тоа го правеа“, велат натаму од земјоделство.
Потсетуваат дека повеќе од 96 илјади хектари државно земјоделско земјиште СДСМ „подели, распредели или подари, или уште поточно украде“ од малите земјоделци доделувајќи го на „свои само 412 земјоделци“. И констатираат дека за социјалдемократите „вистински земјоделци“ се токму оние коишто приграбиле огромни површини земјоделска почва.
Уште еднаш ги потсетуваат „многу стручните и загрижени во СДСМ“ дека актуелната Владата во 2006 година направи ребаланс на Буџетот да им го исплати на тутунарите „она што тие им го ветија во 2005 година и години наназад, го коригираше токму од нив зголемениот ДДВ во земјоделството од 18, на 5 отсто и 0 отсто, донесе повеќегодишни програми за развој на земјоделството со јасни критериуми за распределба на субвенциите – денес корисници на субвенции се околу 100 илјади земјоделски стопанства, а за време на мандатите на СДСМ едвај илјади, денес целокупното државно земјиште се користи за земјоделско производство со 12 илјади склучени договори на транспарентен начин, а во времето на СДСМ едвај 100-ина повеќето со непосредно спогодување“.
„Евидентно е дека впрочем СДСМ ‘пука од мака’ што Владата на Република Македонија исплаќа 500 милиони евра и најавува зголемување и тоа во делот на подобрување на системите за наводнување, проширување на мрежата за наводнување, развој на патната инфраструктура во руралните средини, поттикнување на инвестиции во набавка на механизација и опрема во земјоделството, отворање на модерни откупно-дистрибутивни центри и многу реални проекти за достоинствен живот на македонскиот земјоделец и подобрување на квалитетот на живот во селото“, се вели во реакцијата на МЗВШ.
Според министерството СДСМ ‘пука од мака’ и поради по петти пат дадениот позитивен извештај од Европската комисија во делот на земјоделството.
„Впрочем и во дискусијата на матичната собраниска комисија СДСМ тоа не се ни трудеше да го сокрие“, се додава во изјавата на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и се констатира дека Владата со задоволство го прифаќа епитетот „земјоделско-селанска влада“ и оти има единствена цел – да го подигне достоинството на земјоделецот, да му помогне да го одржи земјоделското производство и да постигне повеќе. /крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Гувернерот Трајко Славески учествува на конференција на гувернери во Брисел, во фокус глобалните економски предизвици
Гувернерот на Народната банка, Трајко Славески учествува на конференцијата на гувернерите од Kонституенцата на Меѓународниот монетарен фонд, на која се разгледуваат клучните предизвици и идните насоки на централнобанкарските политики во услови на зголемена глобална неизвесност и променет геоекономски амбиент.
Во фокусот на дискусиите се изгледите за инфлацијата и монетарната политика, како и улогата на централните банки во одржувањето стабилни финансиски системи. Особено внимание е посветено на можните трендови на дерегулација и нивните потенцијални импликации врз финансиската стабилност.
На конференцијата се разговара и за влијанието на технолошките иновации и геостратегиските промени врз економскиот развој и финансиските текови, како фактори што сè повеќе го обликуваат глобалниот финансиски систем.
Во рамките на настанот, се одвива размена на искуства и ставови со гувернери, претставници на европските институции и меѓународните организации, што придонесува кон креирање политики засновани на знаење и соработка, како и кон зајакнување на капацитетите на централните банки за справување со современите економски предизвици и обезбедување стабилен и предвидлив економски амбиент.
Економија
Божиновска на средби со меѓународни партнери за унапредување на енергетиката и рударството
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, денеска оствари низа работни средби со меѓународни партнери со цел продлабочување на соработката и размена на искуства во енергетскиот и рударскиот сектор.
На средба со амбасадорот на Кралството Шведска во Република Северна Македонија, Ола Солстром, беше разговарано за интензивирање на билатералната соработка во секторот рударство, вклучително размена на добри практики од шведски експерти и соработка со македонските универзитети за унапредување на техничките и научните капацитети. Дополнително, на средбата беа разгледани теми поврзани со развој на обновливи извори на енергија и проекти за подобрување на квалитетот на амбиенталниот воздух како дел од заложбите за одржлив економски развој и зелена транзиција.
Министерката Божиновска оствари средба и со амбасадорката на Кралството Холандија, Узлем Џанел, со која разговараа за унапредување на соработката во енергетскиот сектор, вклучително поддршка за обновливи извори на енергија, зајакнување на енергетската ефикасност. Соговорниците ja нагласија важностa од континуирана експертска соработка и размена на иновативни решенија помеѓу двете земји.
Божиновска оствари средба и со преставници на Strategic and Social Research Foundation – Marmara Group. Фокус на разговорот беше организацијата на 29-тиот Евроазиски Економски Самит и официјалната покана до министерката Божиновска за учество на Самитот. На средбата се разговараше и за инвестициони можности во соларната енергија, како и тековните активности и планови на Министерството за енергетика.
Министерката Божиновска ја истакна важноста на овие средби за промоција на Северна Македонија како модерна, инвестиционо атрактивна и еколошки одговорна земја, која континуирано го унапредува енергетскиот и рударскиот сектор и ја зајакнува регионалната соработка.
Економија
Мицкоски: Очекувам убави вести за шеесетина македонски производи да се извезуваат во САД по повластена тарифа
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски денеска одговарајќи на новинарско прашање во однос на очекувањата за поволна одлука за тарифите од САД, изјави:
„Да, очекувам денеска убава вест. Изминативе месеци жестоко преговаравме. Се сеќавате тогаш кога излегуваа голем дел од опозициските, условно кажано, медиуми коишто критикуваа како Македонија добила 34% тарифи, не знам што и не знам како. Очекувам сето тоа да биде потврдено со заедничка изјава денеска. Очекувам поволни вести од таму и очекувам негде околу 63-64 производи коишто се за нас стратешки, да бидат со повластена тарифа којашто ќе биде едноцифрена и ќе се движи меѓу 0 и 6,5%.“
фото/Depositphotos

