Економија
Подобри закони за поголеми инвестиции во областа на обновливи извори на енергија
Првиот од серијата на форуми на чинители и засегнати страни во областа на обновливи извори на енергија се одржува во среда во Стопанска комора на Македонија.
Иницијативите кои ќе произлезат од овој форум ќе придонесат за подобрување на законската и регулаторна рамка за инвестирање во оваа област, и ќе помогнат за решавање на проблемите со кои се соочуваат инвеститорите.
„Ако сакаме да видиме поголеми инвестиции и искористување на богатите обновливи извори кои ги поседува Македонија – како што се ветерот, сончевата енергија, водите или биогасот – потребно е да се олесни процесот за потенцијалните инвеститори, без притоа да се доведе во прашање зачувувањето на животната средина“, изјави Џејмс Стајн, Директор на Мисијата на УСАИД во Македонија.
„Ние соработуваме со Министерството за економија и Министерството за животна средина и просторно планирање, како и со други клучни чинители почнувајќи од 2012 година. Нашата програма воспоставува партнерства со локални и меѓународни инвеститори во обновливи извори на енергија и се стреми да ги унапреди нивните технички решенија и можноста за кредитирање на инвестиционите проекти“, изјави Небојша Арсенијевиќ, Програмски менаџер на Балканската програма за обновливи извори на енергија на Меѓународната финансиска корпорација.
„Се надеваме дека постоечките инвеститори во обновливи извори на енергија, кои што имаат значително искуство ќе дадат свој придонес во дискусиите, и ќе понудат сугестии за подобро отпочнување и имплементација на проекти“, истакна Кочо Анѓушев, Претседател на Групацијата на производители на обновливи извои на енергија, при Стопанска комора на Македонија.
Главната цел на Форумот е да се овозможи на едно место да се соберат сите чинители и засегнати страни во областа на обновливи извори на енергија, вклучително лица што работат на развој на проекти, инвеститори, локални организации, претставници од релевантни министерства, агенции и меѓународни донатори и да се генерираат нови иницијативи, и предлози за законски решенија.
Темите за дискусија на првиот форум се однесуваат на поедноставување на процедурите за обновливи извори на енергија, новиот модел на договор за концесија за мали хидроелектрани, како и моделите за договори за откуп на енергија и поврзување со мрежа. /крај/со/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Божиновска на средби со меѓународни партнери за унапредување на енергетиката и рударството
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, денеска оствари низа работни средби со меѓународни партнери со цел продлабочување на соработката и размена на искуства во енергетскиот и рударскиот сектор.
На средба со амбасадорот на Кралството Шведска во Република Северна Македонија, Ола Солстром, беше разговарано за интензивирање на билатералната соработка во секторот рударство, вклучително размена на добри практики од шведски експерти и соработка со македонските универзитети за унапредување на техничките и научните капацитети. Дополнително, на средбата беа разгледани теми поврзани со развој на обновливи извори на енергија и проекти за подобрување на квалитетот на амбиенталниот воздух како дел од заложбите за одржлив економски развој и зелена транзиција.
Министерката Божиновска оствари средба и со амбасадорката на Кралството Холандија, Узлем Џанел, со која разговараа за унапредување на соработката во енергетскиот сектор, вклучително поддршка за обновливи извори на енергија, зајакнување на енергетската ефикасност. Соговорниците ja нагласија важностa од континуирана експертска соработка и размена на иновативни решенија помеѓу двете земји.
Божиновска оствари средба и со преставници на Strategic and Social Research Foundation – Marmara Group. Фокус на разговорот беше организацијата на 29-тиот Евроазиски Економски Самит и официјалната покана до министерката Божиновска за учество на Самитот. На средбата се разговараше и за инвестициони можности во соларната енергија, како и тековните активности и планови на Министерството за енергетика.
Министерката Божиновска ја истакна важноста на овие средби за промоција на Северна Македонија како модерна, инвестиционо атрактивна и еколошки одговорна земја, која континуирано го унапредува енергетскиот и рударскиот сектор и ја зајакнува регионалната соработка.
Економија
Мицкоски: Очекувам убави вести за шеесетина македонски производи да се извезуваат во САД по повластена тарифа
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски денеска одговарајќи на новинарско прашање во однос на очекувањата за поволна одлука за тарифите од САД, изјави:
„Да, очекувам денеска убава вест. Изминативе месеци жестоко преговаравме. Се сеќавате тогаш кога излегуваа голем дел од опозициските, условно кажано, медиуми коишто критикуваа како Македонија добила 34% тарифи, не знам што и не знам како. Очекувам сето тоа да биде потврдено со заедничка изјава денеска. Очекувам поволни вести од таму и очекувам негде околу 63-64 производи коишто се за нас стратешки, да бидат со повластена тарифа којашто ќе биде едноцифрена и ќе се движи меѓу 0 и 6,5%.“
фото/Depositphotos
Економија
Премиерот најави стабилизирање на инфлацијата: „Очекувам да се движиме околу 3 проценти“
Премиерот, Христијан Мицкоски, одговарајќи денеска на новинарско прашање за инфлацијата, изјави дека очекува стабилизирање на ценовните движења во 2024 година.
„Како што веќе кажав во неколку наврати, очекувам инфлацијата оваа година да се стабилизира под 3 проценти“, рече Мицкоски.
„Очекувам месечна негативна динамика, односно опаѓање споредено со лани. Во јануари минатата година имавме т.н. кошничка, па очекувам оваа година да се движиме некаде околу 3 отсто – можеби малку под или малку над – но со јасна негативна тенденција месец за месец.“
Тој додаде дека во следните денови се очекува објавување на параметрите од страна на надлежните институции, и нагласи дека Владата спроведува политики што се во интерес на стандардот на граѓаните:
„Водиме домаќински политики, работиме на консолидација на состојбите. Од хаотична ситуација, распаднати институции и уништен систем, дојдовме до точка каде можеме да кажеме дека сме стабилизирани. Сега е време да ја развиваме Македонија каква што ја посакуваат сите граѓани“, додаде премиерот.

