Економија
Груевски – Чакрабарти: ЕБРД со инвестициска поддршка за инфраструктурни проекти

Македонија направи одличен напредок во макроекономските показатели, многу повеќе од просекот на земјите во Југоисточна Европа, и се опоравува подобро од земјите во еврозоната, истакнал претседателот на Европската банка за обнова и развој Сума Чакрабарти, по средбата со премиерот Никола Груевски што се одржа во понеделникот, во седиштето на ЕБРД во Лондон.
Индикаторите покажуваат значаен напредок на земјата во овозможување услови за инвестиции, и иако невработеноста се уште е голема, таа се намалува, а ова е значајно прашање не само за нас, туку и за Владата.
„Она што исто така е значајно, а треба да се нагласи е подобрувањето на инвестициската клима“, изјавил Чакрабарти, притоа истакнувајќи дека во сите земји каде што патува им укажува на властите да учат од македонскиот пример.
Претседателот на ЕБРД посочил дека досега во Македонија имаат реализирано една милијарда евра во 60 проекти.
„Оваа година изгледа како добра за инвестиции од 80 милиони евра, а наредната ќе има повеќе за регионални проекти, енергетски и индустрија“, порачал Чакрабарти, притоа истакнувајќи дека премиерот Груевски има многу добар пристап кон регионалните проекти.
Тој за следната година прогнозира раст од 3,2 проценти и силна инвестициска година во инфраструктурни проекти.
Премиерот Груевски истакнал дека на средбата главно биле фокусирани на проектите што следат во иднина, бидејќи постоечките, како што рече, одат добро и нема отворени прашања по нив.
„Најпрво разговаравме за општата економска ситуација во Македонија, за најновите податоци што ги имаме дека растот во првите шест месеци е 3,3 проценти, дека тоа е над сите проекции што претходно беа дадени од сите меѓународни институции и дека тоа е добра ситуација. Зборувавме и за другите економски параметри, дека Македонија е четвртата најниско задолжена земја во Европа, но разговаравме и за другите случувања во економијата и за она што доаѓа“, изјавил Груевски.
На средбата станало збор и за проекти кои можат да бидат интересни во иднина, посочил Груевски.
„За дел од нив се започнати разговори кои се надеваме дека ќе завршат и со конкретни договори“, рекол премиерот Груевски, изразувајќи надеж дека сите проекти кои се во фаза на разговори ќе имаат добра шанса да бидат реализирани.
Груевски и Чакрабати разговарале и за соработка на проектот за интерконекција во високонапонска енергетска мрежа помеѓу Македонија и Албанија, проект, како што истакнуваат, многу извесен.
Средбата, според двајцата, била конструктивна, позитивна и плодотворна, со обезбеден напредок во неколку нови проекти.
„ЕБРД е еден од најдобрите партнери на Македонија во изминатите 15-20 години, со многу инвестиции и многу проекти, речиси сите успешно завршени. ЕБРД на некој начин учествуваше сериозно во економскиот развој на Република Македонија“, истакна македонскиот премиер./крај/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Објавен јавен повик за надомест на трошоци за одржување на висински пасишта и ливади и поддршка на традиционално сточарство

Денеска е објавен Јавниот повик 08/2025 за доставување на барање за исплата на средства од Програмата за финансиска поддршка на рурален развој за 2025 година.
Поддршката е наменета за надомест на трошоци за одржување на висински пасишта и ливади и поддршка на традиционално сточарство, со цел зачувување на руралните подрачја и промовирање на одржливо земјоделство.
Право на поддршка имаат земјоделски стопанства регистрирани согласно Законот за земјоделство и рурален развој во Единствениот регистар на земјоделски стопанства при Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Висина на поддршката:
• 100% од исплатената просечна нето-плата во период од 1 јануари 2024 година до 31 декември 2024 година, како трошок за чување и напасување на добитокот (овци, кози и/или говеда) на пасишта и ливади, односно регистрирани одгледувалишта кои се наоѓаат во населени места со надморска висина еднаква или повисока од 700 метри;
• 60% од исплатената просечна нето-плата во период од 1 јануари 2024 година до 31 декември 2024 година, како трошок за чување и напасување на добитокот (овци, кози и/или говеда) на пасишта и ливади, односно регистрирани одгледувалишта кои се наоѓаат во населени места со надморска висина пониска од 700 метри.
Услови за доделување:
• 1 вработено лице на 150 овци;
• 1 вработено лице на 100 кози;
• 1 вработено лице на 50 говеда, но не повеќе од 620.000 денари по вработено лице.
Задржување на истиот број вработени најмалку една година по исплатата.
Барањата со потребната документација потребно е да се поднесат најдоцна до 30.07.2025 година.
Економија
Божиновска: Македонија ја гради новата енергетска мапа на Балканот

Македонија влегува во клучна фаза на трансформација на енергетскиот систем, земјата не само што вложува во стабилноста и модернизацијата на сопствената мрежа, туку стана активен играч во регионалното поврзување и енергетската интеграција, изјави министерката за енергетика, Сања Божиновска.
Според неа, со новите интерконектори, стратешките трансформаторски станици и инвестициите во паметна енергетска инфраструктура, државата го поставува курсот кон енергетска независност и улога на регионален енергетски коридор.
Божиновска најави дека во следните денови официјално започнува изградбата на гасниот интерконектор со Грција.
„Интерконекторот е долг 68 километри, ќе пренесува не само природен гас, туку и водород, остварена e заштеда од 12 милиони евра и ќе биде изграден од македонска компанија – директна корист за домашната економија“, рече таа.
Во меѓувреме, додаде Божиновска, Македонија и Србија направија значаен исчекор кон ново енергетско поврзување – минатата недела се потпиша Меморандум за соработка меѓу НОМАГАС и Србијагас за изградба на интерконектор меѓу Клечовце и Врање, со вкупна должина од 70 километри, од кои 23 километри ќе бидат на македонска територија. Во рамки на проектот ќе се изградат и мерни станици од двете страни на границата. Студиите за изводливост и за влијание врз животната средина се веќе во тек, со поддршка од Инвестициската рамка за Западен Балкан (WBIF).
„Преку овие две стратешки поврзувања, Македонија се позиционира како нова транзитна точка за природен гас на релација Југ – Север, односно од ТАП гасоводот и ЛНГ терминалот во Александруполис кон Србија и Средна Европа, со капацитет до 3 милијарди нормални метри кубни годишно. Ова е директна поддршка на енергетската диверзификација на целиот регион, со зголемена употреба на гас од различни извори“, рече таа.
Изградбата на 400/110 kV врската Охрид – Елбасан, пак, ќе го заокружи електроенергетското поврзување на Македонија со сите соседни држави – стратегиски проект за цел регион.
„Ова е новата сила на македонската енергетика. Со регионалните интерконектори, Македонија веќе не е само краен потрошувач – станува активен учесник во преносот и стабилноста на енергетиката во Југоисточна Европа. Ова е патот кон сигурна енергија, економска отпорност и стратешка позиција на енергетската карта на Балканот. Македонија ја гради новата енергетска мапа на Балканот.“, вели министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска.
Економија
Министерката Димитриеска-Кочоска ќе учествува на 4. меѓународна конференција за финансирање на развојот во Севилја

Министерката за финансии Гордана Димитриеска- Кочоска заедно со претседателката Гордана Сиљановска-Давкова од денеска ќе престојува во работна посета на Кралството Шпанија.
Министерката Димитриеска-Кочоска ќе се обрати на Тркалезна маса „Leveraging private business and finance“ во рамки на 4. Меѓународна конференција за финансирање на развојот (FfD4), којашто под покровителство на Организацијата на Обединетите нации ќе се одржи во Севиља.
На Конференцијата, на којашто е најавено учество на педесетина шефови на држави и влади, министри, претставници на меѓународните организации, на бизнис заедниците и граѓанското општество, треба да биде усвоен „Договорот од Севиља“.
Целта на лидерскиот собир е изнаоѓање на решенија за справувањето со финансиските предизвици во исполнувањето на Целите за одржливиот развој и Агендата 2030, реформирање на меѓународната финансиска архитектура и поттикнување на инвестиции од страна на приватниот сектор.
Во рамки на посетата, предвидено е претседателката Сиљановска-Давкова да одржи билатерална средба со премиерот на Шпанија, Педро Санчез, а на средбата ќе присуствува и министерката Димитриеска -Кочоска.