Економија
Владата годинава со 1,5 милиони евра ќе го помогне рибарството и аквакултурата
Владата на Република Македонија ја донесе Програмата за финансиска поддршка во рибарството и аквакултурата за 2014 година.
Вкупно средства за финансиска поддршка во рибарството и аквакултурата за 2014 година изнесуваат 90 000 000 денари, или 1,5 милиони евра.
„Со овие средства со кои ќе се финансираат мерки и активности во оваа област не само што ќе се подобрат условите за стопанските субјекти кои функционираат во оваа област за раст на нивниот бизнис и отворање на нови работни места и ќе се подобрат можностите на граѓаните, туку и се придонесува во унапредување на природната средина“, рече во вторник на прес конференција владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев.
Тој додаде дека целата програма се состои од повеќе мерки кои се групирани во две поголеми подгрупи, и тоа за рибарство за која се издвоени 21 600 000 денари, и за аквакултура која ќе биде финансирана со 64 000 000 денари.
Прво, предвидената финансиска поддршка во рибарството ќе се реализира преку предложените мерки кои се однесуваат на порибување на риболовните води, изградба на риболовни пунктови, изградба на мандри за лов на риба и рехабилитација на риболовните води вклучително и мрестилишта.
Во областа на рибарството значајно е да се истакне дека оваа година за порибување на Охридското Езеро со пастрмка се издвоени 13 000 000 денари, двојно повеќе средства во однос на минатата година. Со континуираната поддршка во овој сектор и со новиот зголемен обем на средства кој ќе биде употребен за оваа година, врз основа на еколошки одржливи параметри, ќе се создадат услови за зголемување на дозволениот улов на охридска пастрмка за 2014 година и согласно риболовната основа за оваа година тој ќе изнесува 16 500 килограми, обем во кој се опфатени и стопанскиот и рекреативниот риболов. Овој зголемен обем на дозволен улов ќе биде од несомнено значење за стопанските субјекти кои се занимаваат со оваа дејност и за граѓаните од езерскиот регион.
Со средства од оваа програма ќе се изврши и порибување на Дојранското и Преспанското Езеро и вештачките езера Шпилје и Тиквеш, но и на останатите риболовни води и водите на кои не е доделена концесијата за риби.
Се предвидуваат и финансиски средства за изградба на нови и реконструкција на постоечки мандри за враќање на традиционален начин на лов на риба на Дојранското Езеро, која ќе се реализира во соработка со единицата на локална самоуправа и концесионерите на рибите, а за која се издвоени околу еден и половина милион денари.
Покрај овие мерки се предвидуваат и средства за отстранување на мрежите кои од разни причини се останати во водите на кои се врши стопански риболов, изградба на пунктови и рехабилитација на пунктови за порибување и останати потреби.
Второ, аквакултурата ќе се финансира со 64 000 000 денари.
„Основната цел на планираните мерки е зголемување на производството на риби во рибнички услови преку овозможување на искористувањето на проектираните капацитети за производството на риби во постоечките рибници и овозможување на производство на риба во новоизградени капацитети“, рече Ѓорѓиев.
Средства во овој дел се наменети за инвестиции во подигнување, изградба и проширување, реконструкција, адаптација и модернизација на постоечките капацитети, за изградба на нови капацитети за преработка на рибите, како и за набавка на опрема за доработка, преработка, складирање и пакување на рибите. За инвестициите се предвидени средства во вкупен износ од 19 400 000 денари.
Покрај ова, се предвидуваат и средства за директна поддршка, кои се наменети за реализација на две мерки.
Со мерката финансиска поддршка за порибителен материјал се врши покривање на дел од трошоците за чување на рибни матици и нивна селекција. За реализација на оваа мерка се предвидени средства во вкупен износ од 30 000 000 денари. Висината на вредноста на оваа поддршка изнесува 600 денари по матица за не повеќе од 700 броја обележани полово зрели матици по одделен вид риба за видовите охридска, речна и виножитна пастрмка и поточна златовчица, за не повеќе од 300 броја од видот крап и за не повеќе од 50 броја од видовите амур, сом и толстолобик.
Во оваа година како мерка за директна поддршка се предвидуваат и финансиски средства за произведен и продаден килограм риба на пазарот. На барање на рибопризводителите се предлага да се исплати надомест за килограм произведена и продадена риба на пазарот во 2014 година и тоа за автохтоните ендемични видови риби надомест во износ од 20 денари по килограм, а за останатите видови риби кои се произведуваат во рибниците надомест во висина од 10 денари по килограм. За реализација на оваа мерка се предвидени финансиски средства во вкупен износ од 15 000 000 денари. На овој начин и со оваа континуирана поддршка ќе се овозможи продолжување на трендот на зголемување на обемот на произведена риба, кој досега во изминатите неколку години е зголемен за два и половина пати.
Со овие средства ќе се финансираат и технички потреби, пилот проекти, развој на нови пазари и промотивни кампањи и колективни мерки и други мерки и активности. /крај/со/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Битиќи: Осигурителните компании да го повлечат зголемувањето на цените, а на граѓаните да им се компензираат средствата
Вицепремиерот задолжен за европски прашања, Фатмир Битиќи, на својата официјална Фејсбук страница имаше реакција на едностраната одлука на осигурителните компании за менување на тарифата и зголемувањето на цените на задолжителната осигурителна полиса за регистрација на возила.
„Згрозен сум од зголемувањето на сумата за задолжителна осигурителна полиса од страна на осигурителните компании. Ова може да се толкува и како директен атак, или политичко мешање на компаниите за осигурување, бидејќи тарифникот со тие зголемувања два пати е доставен до Владата и два пати не е одобрен на Владина седница.
Ова е манипулативен начин со кој надвор од предвидената процедура осигурителните компании изнаоѓаат начин да ја зголемат цената на авто осигурувањето на грбот на граѓаните.
Ова е пример за длабоката држава која мора да се искорени.
Го повикувам ресорното министерство за финансии и комисијата за заштита на конкуренција да постапат и да покренат постапка за олигополско здружување и осигурителните компании да го повлечат зголемувањето на цените, а на граѓаните кои веќе платиле повисоки цени очекувам да им се компензираат средствата“, реагира вицепремиерот.
Економија
ЕУ одвои 13,79 милиони евра за прекуграничен одржлив развој во Македонија и Албанија
Македонија и Албанија заедно ја започнаа Програмата за прекугранична соработка ИПА 3 во Корча.
Финансирана од ЕУ со буџет од 13,79 милиони евра, оваа Програма ја потенцира ангажираноста на двете земји да се усогласат со стандардите на ЕУ за одржлив развој и регионална интеграција до 2027 година.
Дополнително на промоцијата, беше најавен и предстојниот повик за предлози во рамките на програмата ИПА 3, поканувајќи заинтересирани страни да учествуваат во оваа Програма.
„Оваа иницијатива не само што се фокусира на клучни области како што се еколошката одржливост и социо-економскиот развој, туку исто така претставува клучен чекор кон нашата конечна цел за интеграција во ЕУ. Токму денеска најавуваме дека новиот повик за предлози ќе биде отворен многу наскоро, обезбедувајќи можности за конкретни и клучни проекти“, изјави Алтин Зечо, директор за конвергенција и кохезија со ЕУ, Државна агенција за стратешко планирање и координација на помош (САСПАК).
Зечо дополнително истакна дека членство во ЕУ бара зголемена соработка помеѓу нашите две земји, каде координирањето на заеднички политики и меѓусебната поддршка за постигнување на нашите цели и приоритети кон интеграција во ЕУ останува важен процес.
Вулнет Арифи, шеф на одделот за ЕУ и координатор за СБС, при Министерство за локална самоуправа на Република Северна Македонија, ја истакна улогата на Програмата во забрзувањето на аспирациите за членство во ЕУ.
„Со изградба на основите поставени од ИПА 2, оваа Програма не само што ја проширува соработката меѓу земјите, туку и повеќе ги усогласува нашите регионални политики со стандардите на ЕУ, отворајќи го патот за нашето очекувано пристапување. Претстојниот повик за предлози дополнително ќе ги активира нашите заедници да се ангажираат длабоко со нашиот процес на интеграција во ЕУ“, изјави Арифи.
Брисеида Ѓоза од Антена канцеларијата Северна Македонија – Албанија го истакна целосниот пристап на програмата: „ИПА 3 е детално креирана за да ги зголеми нашите регионални капацитети за исполнување на критериумите на ЕУ, фокусирајќи се на климатска отпорност, одржлив туризам и зачувување на културното наследство. Ги охрабруваме заинтересираните страни да се подготват за претстојниот повик, кој ветува дека ќе ги зајакне нашите заеднички напори.“
Ова стратешко вложување од ЕУ преку Програмата ИПА 3 е доказ за постојаните напори на Северна Македонија и Албанија за влез во ЕУ, испраќајќи директна порака за нивното патување кон европската интеграција.
Економија
Потпишан договор за реализација на новата инвестиција на турската компанија Шахтерм во ТИРЗ
Директорот на ТИРЗ, Јован Деспотовски и генералниот менаџер на компанијата „Шахтерм“, Фарук Шахин, потпишаа договор за реализација на новата турска инвестиција во Македонија. Со договорот кој го потпишаа во Бурса, се предвидува закуп на земјиште во ТИРЗ Скопје 2 со површина од над 20.000 м2 и изградба на објект со површина од над 13.000 м2. Ова е прва од двете фази на реализација на инвестицијата.
Потпишувањето на договорот следи само 4 месеци по најавата за новата турска инвестиција во земјава. Турската компанија ја зголеми и првично планираната инвестиција од 70 милиони евра на 100 милиони евра. Според деловниот план компанијата во наредните 10 години предвидува отворање на 1000 нови работни места. Новата инвестиција ќе опфати и центар за истражување и развој, а ќе преставува прв производствен капацитет на „Шахтерм“ надвор од Република Турција.
Потпишувањето на договорот е во рамки на посетата на Турција на делегација на ТИРЗ предводена од Деспотовски во рамки на која е предвидена и презентација на инвестициските можности пред турски компании. На потпишувањето присуствуваше и македонскиот амбасадор во Турција, Јован Манасиевски и Џунејт Шенер, потпретседател на бордот на директори на Стопанската комора на Бурса.
Инаку компанијата “Шахтерм“ има повеќе од 40 години искуство во дизајн и производство на системи за греење за бела техника и апарати за домаќинство. Во моментот, „Шахтерм“ е дел од водечките пет компании во оваа дејност на глобално ниво, со повеќе од половина од годишното производство наменето за пазарите надвор од Турција.
Листата на клиенти е составена од познати светски производители на бела техника и апарати за домаќинство како „Вирпул“, „Амика“, „Горење“, „Беко“ и „Кенди“.