Економија
Македонија искористила 210 милиони евра од ИПА фондови на ЕУ
Од вкупно 615 милиони евра кои од Европската унија (ЕУ) преку фондовите на Инструментот за Предпристапна Помош (ИПА) и се ставени на располагање на Македонија за периодот од 2007 до 2013 година, земјава досега искористила 210 милиони евра, односно 35 проценти, соопшти вицепремиерот за евроинтеграции Фатмир Бесими.
Според него, иако процентот на искористеност може да биде и поголем, сликата за искористеноста на ИПА фондовите се подобрува, бидејќи се лоцирани областите каде што треба да се интервенира.
„Сакаме да дадеме одговор на ова поради тоа што имаме одговорност да ја подобриме сликата за ИПА фондовите, сликата за искористеноста на ИПА не е идеална, туку се подобрува, и важно е да се подобри. Констатиравме четири области каде треба да се интервенира, тоа се стратешкото планирање и програмирање, односно ИПА секторите добиваат и други задачи, со што ова губи од приоритетите и тоа да се подобри. Потоа исто така организациската поставеност и процедурите за поставеност на ИПА, одредени институции не се доволно добро организациски поставени, а има и долги процедури за обука на кадрите“, изјави Бесими.
За евроамбасадор Аиво Орав, сите пари кои ЕУ им ги дава на земјите кандидати се теоретски пари, и поради комплицираноста на процедурите, секогаш е тешко да се исполни целта за 100 процентна искористеност на овие пари.
„Парите кои ЕУ ги дава на земјите кандидатки се теоретски пари, односно алокации, на истиот начин ЕУ дава пари на земјите членки, и бројките таму се многу повисоки. Теортески, земјата може да искористи 100 проценти од парите што се алоцираат, исто и земјите кандидати, а ние од наша страна се обидуваме да го дадеме најдоброто од себе и да ви помогнеме да ги искористите овие пари 100 отстотно. Идеално би било доколку овие пари би се искористиле така што граѓаните во земјата чувствуваат дека земјата станува сè поблиску до ЕУ, а важно е и нашите даночни обврзници во земјите на ЕУ, Португалија, Латвија, Малта, Грција да речат „да, ова се пари кои се добро искористени во Македонија“. Секако дека има проблеми, не е лесно да се справите со ИПА средствата, процедурите се комплексни бидејќи станува збор за многу пари и секогаш треба да бидеме внимателни и да гарантираме дека овие пари ќе се искористат во таа намена. Потребна е подобра комуникација и координација меѓу министерствата, не е можно да станете експерти за ИПА за две недели или два месеца. Стратешкото планирање е навистина потребно за парите да се искористат подобро, затоа сметам дека нема да се исполни целта и да се искористат 100 проценти од овие пари“, појасни евроамбасадорот Орав.
Оние проекти каде што можат да се видат и конкретно резултати од искористеноста на овие пари се обично помалите проекти, вели Орав.
„Резултатите во помалите процеси се повидливи, како што се тоа инфраструктурните процеси, меѓуграничната соработка, а има проекти од животната средина, и тука би сакал да ги потенцирам проектите како што беше поставувањето на инструментите за мерењето на загаденоста на воздухот во Скопје, Центар и Чаир. Пред тоа за ова имаше само перцепција околу тоа дали воздухот е чист или не, а сега имаме јасни податоци за ова“, изјави евроамбасадорот.
Македонската влада веќе соработува со Европската комисија (ЕК) и договара и нови средства за периодот од ИПА фондовите за периодот од 2014 до 2020 година, вели Бесими.
„Работиме на соработка со ЕК во однос на ИПА 2014 до 2020 година и договораме нови 600 милиони евра за Република Македонија и евроинтеграцискиот процес, а со успешна имплементација на средствата од ИПА ние ќе пратиме јасен сигнал до ЕУ дека европските пари се инвестиција за ЕУ“, заклучи вицепремиерот./крај/мф/бс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Владата предложи покачување на платите за администрацијата до 40 отсто, со почетно зголемување од 8 проценти од април
Премиерот Христијан Мицкоски, изјави дека денешната средба со Синдикатот на УПОЗ била конструктивна и дека на маса е предлог за зголемување на платите на административните службеници за 40 проценти во наредниот период.
Во интервју за Дневникот на МРТ, Мицкоски рече дека Владата ги презентирала условите и правилата под кои е подготвена да го реализира процесот на покачување на платите и дека сега се очекува одговор од синдикатите дали го прифаќаат предлогот.
„Денеска имавме состанок со УПОЗ. Ние дадовме понуда, истата онаа понуда за која јас зборував во јавноста. Ги поставивме условите и правилата под кои сме подготвени да го движиме овој процес напред“, изјави Мицкоски.
Тој посочи дека претставниците на УПОЗ и КСС најавиле дека ќе се консултираат со своите раководства и дека во текот на утрешниот ден ќе ја соопштат нивната одлука. Доколку се постигне согласност, според најавите, договорот би бил финализиран во недела, а од понеделник би започнала изработка на примерок на индивидуален синдикален договор.
Мицкоски појасни дека исплатата на зголемените плати би започнала во април, за мартовската плата, со осумпроцентно зголемување на збирот од постојната плата и минималната плата. Истиот модел би се применувал и во 2027 и во 2028 година.
„Тоа значи дека за околу две години и два до три месеци, административните службеници ќе имаат најмалку 40 проценти повисоки плати во споредба со сегашното ниво“, истакна премиерот.
Економија
Биткоинот забележа силен пад
Цената на биткоинот денеска падна под 67.000 долари, првпат од ноември 2023 година, во услови на засилена распродажба и намалена доверба кај инвеститорите, објави Си-Ен-Би-Си.
Биткоинот се тргуваше по цена од околу 67.500 долари, откако претходно во текот на денот падна под психолошката граница од 70.000 долари, што дополнително ја засили распродажбата. Само оваа недела вредноста на криптовалутата е намалена за околу 20%, а во однос на рекордното ниво од октомври минатата година е пониска за речиси 47%.
Аналитичарите предупредуваат дека нивото од 70.000 долари претставува клучна техничка и психолошка граница и дека нејзиното пробивање отвора простор за понатамошен пад, потенцијално кон опсегот од 60.000 до 65.000 долари.
Падот на биткоинот се случува паралелно со слабеењето на технолошките акции во САД и зголемените присилни ликвидации на криптопазарот. Според податоци на Coinglass, оваа недела се ликвидирани повеќе од 2 милијарди долари во долги и кратки позиции.
Во исто време, институционалните инвеститори се повлекуваат. Аналитичката куќа CryptoQuant наведува дека побарувачката од институционални инвеститори значително се намалила. Другите криптовалути исто така бележат значителни загуби.
Економија
„Сетек“ отвора нов продажен салон во Godi Retail Park
Сетек – ја зацврстува својата лидерска позиција на македонскиот пазар со повеќе од 32 години доверба и врвна понуда на најновите производи од најпрестижните светски брендови.
Брендот продолжува со својата мисија да ја донесе технологијата поблиску до своите потрошувачи, да ги понуди најдобрите услови, најповолните цени и најдобрата услуга.
Големото отворање ќе се одржи од 6 до 8 февруари, ново место, нова енергија, нов, модерен Сетек продажен салон во Godi Retail Park – Скопје, со промотивни цени, најголеми попусти и над 300 подароци за најверните купувачи.
Во текот на отворањето, посетителите ќе имаат можност да уживаат во интерактивни демо-зони со тестирање и дегустации на врвни производи, како и специјална забавна програма.
СПЕЦИЈАЛНА ПРОГРАМА:
Петок, 6 февруари – забава со Гораст и Тони Зен
Сабота, 7 февруари – забава со Викса и DJ Дела
Подароци ве очекуваат со секоја сметка над 10.000 денари.
Посетете нè и бидете дел од најголемата технолошка забава во градот!
Количините се ограничени. Промотивните цени важат исклучиво во СЕТЕК Godi Retail Park – Скопје.
(ПР)

