Економија
Сараќини на економски самит во Бурса ги презентираше можностите за инвестирање во Македонија
Министерот за економија Ваљон Сараќини, на Меѓународниот економски самит на балканските земји во Бурса, Турција, ги презентираше економските состојби во Македонија и можностите за инвестирање.
Сараќини, пред присутните министри за економија од земјите во регионот, како и околу 800 бизнисмени од регионот, акцентот во излагањето го стави врз поволната бизнис клима, реформите кои континуирано се спроведуваат со цел привлекување на инвестиции и поволностите кои се нудат Технолошко-индустриските развојни зони.
Покрај Сараќини, од Република Македонија на Самитот учествуваа и министерот без ресор Хади Незир и околу 10-тина претставници на деловните субјекти кои имаа Б2Б средби со туриските компании, а најголем интерес за инвестирање привлекоа текстилната, автомобилската индустрија, туризмот и енергетиката.
„Република Македонија е привлечна за турските инвеститори пред сѐ поради добрата геостратешка локација и близината до европскиот пазар, стабилната монетарна и макроекономиска политика, традиционалната пријателска и културна соработка со меѓу двете земји“, истакна министерот Сараќини.
Тој додаде дека најниските даноци во регионот, поволностите кои постојат во ТИРЗ-овите, ниските производни трошоци, расположивата едуцирана конкурентна работна сила, политиката на заштита на инвестициите, како и подддршката на инвеститорите од Владата на Република Македонија која е бизнис ориентирана, се главните причини зошто турските компании треба да инвестираат во Македонија.
Министерот Сараќини, упатувајќи покана до турските бизнисмени да ја посетат Македонија и да се запознаат лично со бизнис можностите, ги спомена веќе успешните бизнис приказни на веќе присутните големи турски инвестиции, меѓу изградбата на деловниот центар „Рамстор“ во Скопје и Тетово, „Зират банка“, односно „Халк банка“,во банкарскиот сектор, компанијата за аеродромски услуги -ТАВ, која стана концесионер на аеродромите во Скопје и Охрид и во наредните 20 години за нивна модернизација планира вложување на околу 200 милиони евра, па познатата турската очна болница во Скопје која е една од најсовремените во регионот, компаниите „Суташ“ и „Лимак“, како и последната голема инвестиција од компанијата „Џеваир холдинг“, исто така инвестиција од околу 200 милиони евра.
Министерот ги информираше турските бизнисмени дека за промовирање на Македонија како привлечна дестинација за инвестирање, по примерот на најуспешните земји во светот, во Турција се назначени 3 економски промотори, и тоа во Истанбул, во Измир и во Анкара.
На маргините на Самитот министерот Сараќини оствари средби со заменик претседателот на Владата на Република Турција Булент Аринч, како и со сопственици на повеќе големи компании од Турција.
По завршувањето на официјалниот дел од самитот, Сараќини потенцираше дека овој Самит беше одлична можност и за компаниите од Република Македонија присутни во Бурса, да пронајдат стратешки партнери кои ќе овозможат заеднички влез на трети пазари, како што се Азербејџан, Казахстан, Узбекистан и др.
Инаку, Самитот е во организација на РУМЕЛИСИАД, асоцијација на индустријалци на Турција, во соработка со градот Бурса и Стопанската комора на индустријалците на Бурса, град кој годишно извезува стоки во вредност од над 10 милијарди евра. /крај/со/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Битиќи: Осигурителните компании да го повлечат зголемувањето на цените, а на граѓаните да им се компензираат средствата
Вицепремиерот задолжен за европски прашања, Фатмир Битиќи, на својата официјална Фејсбук страница имаше реакција на едностраната одлука на осигурителните компании за менување на тарифата и зголемувањето на цените на задолжителната осигурителна полиса за регистрација на возила.
„Згрозен сум од зголемувањето на сумата за задолжителна осигурителна полиса од страна на осигурителните компании. Ова може да се толкува и како директен атак, или политичко мешање на компаниите за осигурување, бидејќи тарифникот со тие зголемувања два пати е доставен до Владата и два пати не е одобрен на Владина седница.
Ова е манипулативен начин со кој надвор од предвидената процедура осигурителните компании изнаоѓаат начин да ја зголемат цената на авто осигурувањето на грбот на граѓаните.
Ова е пример за длабоката држава која мора да се искорени.
Го повикувам ресорното министерство за финансии и комисијата за заштита на конкуренција да постапат и да покренат постапка за олигополско здружување и осигурителните компании да го повлечат зголемувањето на цените, а на граѓаните кои веќе платиле повисоки цени очекувам да им се компензираат средствата“, реагира вицепремиерот.
Економија
ЕУ одвои 13,79 милиони евра за прекуграничен одржлив развој во Македонија и Албанија
Македонија и Албанија заедно ја започнаа Програмата за прекугранична соработка ИПА 3 во Корча.
Финансирана од ЕУ со буџет од 13,79 милиони евра, оваа Програма ја потенцира ангажираноста на двете земји да се усогласат со стандардите на ЕУ за одржлив развој и регионална интеграција до 2027 година.
Дополнително на промоцијата, беше најавен и предстојниот повик за предлози во рамките на програмата ИПА 3, поканувајќи заинтересирани страни да учествуваат во оваа Програма.
„Оваа иницијатива не само што се фокусира на клучни области како што се еколошката одржливост и социо-економскиот развој, туку исто така претставува клучен чекор кон нашата конечна цел за интеграција во ЕУ. Токму денеска најавуваме дека новиот повик за предлози ќе биде отворен многу наскоро, обезбедувајќи можности за конкретни и клучни проекти“, изјави Алтин Зечо, директор за конвергенција и кохезија со ЕУ, Државна агенција за стратешко планирање и координација на помош (САСПАК).
Зечо дополнително истакна дека членство во ЕУ бара зголемена соработка помеѓу нашите две земји, каде координирањето на заеднички политики и меѓусебната поддршка за постигнување на нашите цели и приоритети кон интеграција во ЕУ останува важен процес.
Вулнет Арифи, шеф на одделот за ЕУ и координатор за СБС, при Министерство за локална самоуправа на Република Северна Македонија, ја истакна улогата на Програмата во забрзувањето на аспирациите за членство во ЕУ.
„Со изградба на основите поставени од ИПА 2, оваа Програма не само што ја проширува соработката меѓу земјите, туку и повеќе ги усогласува нашите регионални политики со стандардите на ЕУ, отворајќи го патот за нашето очекувано пристапување. Претстојниот повик за предлози дополнително ќе ги активира нашите заедници да се ангажираат длабоко со нашиот процес на интеграција во ЕУ“, изјави Арифи.
Брисеида Ѓоза од Антена канцеларијата Северна Македонија – Албанија го истакна целосниот пристап на програмата: „ИПА 3 е детално креирана за да ги зголеми нашите регионални капацитети за исполнување на критериумите на ЕУ, фокусирајќи се на климатска отпорност, одржлив туризам и зачувување на културното наследство. Ги охрабруваме заинтересираните страни да се подготват за претстојниот повик, кој ветува дека ќе ги зајакне нашите заеднички напори.“
Ова стратешко вложување од ЕУ преку Програмата ИПА 3 е доказ за постојаните напори на Северна Македонија и Албанија за влез во ЕУ, испраќајќи директна порака за нивното патување кон европската интеграција.
Економија
Потпишан договор за реализација на новата инвестиција на турската компанија Шахтерм во ТИРЗ
Директорот на ТИРЗ, Јован Деспотовски и генералниот менаџер на компанијата „Шахтерм“, Фарук Шахин, потпишаа договор за реализација на новата турска инвестиција во Македонија. Со договорот кој го потпишаа во Бурса, се предвидува закуп на земјиште во ТИРЗ Скопје 2 со површина од над 20.000 м2 и изградба на објект со површина од над 13.000 м2. Ова е прва од двете фази на реализација на инвестицијата.
Потпишувањето на договорот следи само 4 месеци по најавата за новата турска инвестиција во земјава. Турската компанија ја зголеми и првично планираната инвестиција од 70 милиони евра на 100 милиони евра. Според деловниот план компанијата во наредните 10 години предвидува отворање на 1000 нови работни места. Новата инвестиција ќе опфати и центар за истражување и развој, а ќе преставува прв производствен капацитет на „Шахтерм“ надвор од Република Турција.
Потпишувањето на договорот е во рамки на посетата на Турција на делегација на ТИРЗ предводена од Деспотовски во рамки на која е предвидена и презентација на инвестициските можности пред турски компании. На потпишувањето присуствуваше и македонскиот амбасадор во Турција, Јован Манасиевски и Џунејт Шенер, потпретседател на бордот на директори на Стопанската комора на Бурса.
Инаку компанијата “Шахтерм“ има повеќе од 40 години искуство во дизајн и производство на системи за греење за бела техника и апарати за домаќинство. Во моментот, „Шахтерм“ е дел од водечките пет компании во оваа дејност на глобално ниво, со повеќе од половина од годишното производство наменето за пазарите надвор од Турција.
Листата на клиенти е составена од познати светски производители на бела техника и апарати за домаќинство како „Вирпул“, „Амика“, „Горење“, „Беко“ и „Кенди“.