Економија
Царинската управа и АМЕРИТ ја олеснуваат работата на економските оператори
Економските оператори и превозници добија можност под покритие на TIR да превезуваат стока со повисока вредност од досегашната, со што дополнително се олеснува работењето на извозно-ориентираниот сектор.
За таа цел директорот на Царинска управа Наташа Радеска Крстевска и управителот на СИЗ Македонија Сообраќај – АМЕРИТ Златко Кочовски потпишаа Анекс на договорот за соработка помеѓуTIR карнетот како еден од главните столбови на TIR системот, претставува меѓународен царински документ кој се користи во транзитни постапки како во земјите на поаѓање, така и во земјите на транзит и прием. Царинската управа и СИЗ Македонија Сообраќај АМЕРИТ како здружение на превозници во патниот транспорт се вклучени во постапката на издавање и проверка на TIR карнети, согласно TIR конвенцијата и меѓусебен договор од 1999 година, каде АМЕРИТ се јавува во својство на национален гарант и издавач на TIR карнети. TIR карнетот, не само кај нас, туку и глобално, сеуште претставува најсигурен и најкредибилен транзитен документ за царината. Потпишувањето на Анекс на договорот за соработка овозможува дополнителна безбедност и сигурност на сите пратки кои се превезуваат под покритие на TIR, односно осигурителот АМЕРИТ обезбеди дополнителна гаранција со која се овозможува наплата на евентуално избегнатите давачки до износ од 60 илјади евра, наместо до износ од 50 илјади долари како што беше досега. Една од активностите која го овозможи овој Анекс е и воведувањето на TIR EPD – електронска TIR пред-декларација. Во ноември минатата година беше воведена електронската TIR пред-декларација со што се овозможи поединечен TIR карнет да биде ставен на увид на царинските органи пред возилото физички да пристигне на граничните премини или во царинските испостави. Со тоа дополнително се скрати времето на престој во царинските терминали на сите возила кои транспортираат стока под покритие на TIR карнет. /крај/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Вицепремиерите Стоилковиќ и Месаровиќ со заедничка посета на македонски компании во пресрет на утрешниот бизнис форум
Во пресрет на утрешниот македонско–српски бизнис форум, потпретседателот на Владата и министер за односи меѓу заедниците, Иван Стоилковиќ, и потпретседателката на Владата на Србија и министерка за економија, Адријана Месаровиќ, остварија заедничка посета на две успешни македонски компании – „Пекабеско“ и винаријата „Камник“.
Посетата, која се одржа со цел продлабочување на економската соработка и поддршка на бизнис-заедницата, претставува вовед во големиот македонско–српски бизнис форум што ќе се одржи утре во Скопје.
За време на посетата беа споделени информации за тековните производствени процеси, извозниот потенцијал и можностите за проширување на пласманот на регионалните пазари. Двајцата високи претставници истакнаа дека ваквите компании се пример за успешни деловни модели кои можат да придонесат за економско поврзување и зголемена конкурентност на целиот регион.
Во контекст на претстојниот форум, Стоилковиќ и Месаровиќ порачаа дека економската соработка меѓу двете земји е на постојан подем и дека постои јасна волја за нејзино дополнително унапредување.
Македонско–српскиот бизнис форум во Скопје на едно место ќе ги собере водечките компании, институции и инвеститори од двете земји, со цел создавање нови деловни можности и зајакнување на економските врски.
Пред почетокот на бизнис форумот Стоилковиќ и Месаровиќ ќе потпишат и Меморандум за разбирање за соработка меѓу Владата на Македонија и Владата на Србија.
Економија
Николоски: Вложуваме во модерни автопати да ја подигнеме безбедноста и да ги намалиме сообраќајните незгоди
Инвестираме огромни средства во изградба на модерни и безбедни автопати преку кои го подигнуваме нивото на безбедност во сообраќајот. Интензивно работиме на автопатите на коридор 8 и на коридор 10 д, а очекувам овој месец да избереме изведувач и за изградба на автопатот Кичево -Букојчани, изјави вицепремиерот Александар Николоски.
Тој потенцира дека е потребна координирана акција со МВР и другите надлежни институции со цел намалување на жртвите во сообраќајот, но најавжно е менување на свеста кај граѓаните за почитување на законите.
„Мора сите заеднички да работиме да се подобри црната статистика. Во соработка со МВР ќе работиме активно во следниот период на намалување на жртвите на патиштата. Пред се, многу значајно е да се изгради модерна инфраструктура во што многу вложуваме и таа да е добро испланирана. Најбезбедни се автопатиштата и тука многу вложуваме во изградба на автопати. Ја завршуваме изградбата на автопатот Кичево-Охрид, изградбата на автопатот Кичево -Букојчани за кој што очекувам да изберме Изведувач во овој месец. Понатаму интензивно се гради Букојчани – Гостивар или популарната Стража која се заобиколува, понатаму се гради Тетово-Гостивар кој што сите велевме дека е автопат а всушност е експресен пат. Работиме и на Прилеп-Битола како нов автопат, а веќе наоѓаме решенија и делот кој оди од Прилеп до Фариш, така да ова е голема активност која ја имаме и сериозно ќе придонесе во подобрување на безбедноста во сообраќајот. Секако тука се и магистралните и регионални патишта, тука се патиштата и во рамки на општините и затоа потребна е координирана активност која меѓуресорски и инстиуционално ја работиме со цел овие бројки да се подобруваат и најважно од се е да ја менуваме културата да се почитуваат правилата и законите”- изјави Николоски.
Економија
Божиновска: Општините добиваат конкретна поддршка за да реализираат повеќе енергетски проекти
Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини ја започна националната серија работилници посветени на поддршка на општините во подготовката и реализацијата на што поголем број проекти за енергетска ефикасност. Овие обуки ќе се одржуваат во повеќе градови низ државата со цел да се зајакнат локалните капацитети и да се унапреди спроведувањето на европските стандарди во енергетското планирање.
Во рамки на оваа иницијатива денес во Скопје се одржа работилница за градење на капацитетите на општинската администрација за подготовка на програми за енергетска ефикасност. Настанот се реализира во склоп на проектот Поддршка на енергетските реформи во Република Северна Македонија, финансиран од Делегацијата на Европската Унија. Проектот има за цел воспоставување високо ниво на ефикасна енергетска политика, унапредување на правната рамка и поддршка на институциите во доследна примена и мониторинг на процесите поврзани со енергетската ефикасност.
Работилницата ја отвори министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, која нагласи дека општините мора да се ангажираат и да реализираат мерки што носат реални заштеди и побрза модернизација на јавната инфраструктура.
„Локалните самоуправи мора да станат мотор на енергетската трансформација. Наша задача е да им дадеме алатки, насоки и поддршка за да можат да реализираат повеќе проекти, побрзо и поефикасно. Време е секоја општина да ги искористи можностите што ги нудат европските правила и современите модели на финансирање.“
На настанот присуствуваа претставници од општините во Скопскиот регион и од Град Скопје. Преку презентации, дискусии и практични вежби, учесниците добија детални насоки за подготовка на пограма за енергетска ефикасност, годишен план за спроведување, како и информации за механизми за финансирање и пристап до податоци неопходни за енергетско планирање. Особен фокус беа практичните сесии за работа со бази на податоци, идентификување мерки за енергетска ефикасност и користење стандардизирани обрасци и табели развиени во рамки на проектот.
Божиновска најави дека Министерството ќе продолжи со организирањето на вакви обуки во сите плански региони, со цел секоја општина во државата да добие професионална поддршка за подготовка квалитетни, реални и финансиски одржливи програми за енергетска ефикасност.

