Економија
Украина за пет пати го намали увозот на гас од Русија

Компанијата „Нафтогаз Украина“ во понеделникот го намалила увозот на руски природен гас на 28 милиони кубни метри дневно од 147 милиони кубни метри, пренесува Reuters повикувајќи се на свои извори, но не се наведува причина за намалувањето.
На почетокот од минатата седмица „Нафтогаз Украина“ го исплати повеќе од половината долг што го имаше кон рускиот енергетски гигант „Газпром“ за доставениот гас во текот на минатата 2013 година. На почетокот од овој февруари, „Газпром“ објави дека долгот на Украина во јануари изнесувал 658,4 милиони долари, а за 2013 година – 2,634 милијарди американски долари. Според украинската влада, „Нафтогаз“, веќе исплатил 1,28 милијарди долари од долгот за минатата година, и дека компанијата побарала одложување на исплатата на остатокот од долгот до 15-ти април 2014 година.
Во моментов, според договорот што во декември го потпишаа Москва и Киев, цената на рускиот гас за Украина е намалена за третина од 400 на 260 американски долари за кубен метар и се утврдува на квартална основа. Меѓутоа исклучена е можноста, доколку од која и да е причина да не биде потпишан договор, во првите десет дена од првиот месец во кварталот, за дополнително намалување на коефициентот и Украина да добива гас по намалена цена.
Според украинскиот експерт за енергетика, Валентин Землјански, кој порано работел во управата на „Нафтогаз Украина“, откако ќе биде формирана коалициската влада ќе биде познато кој ќе ги води преговорите за ценат на гасот со „Газпром“.
Во почетокот на февруари се претпоставуваше дека украинската влада до крајот на 2014 година конечно ќе се определи за финализирање на финансиската конструкција за модернизација на гасоводниот систем во земјата, изјави вршителот на должноста министер за енергетика Едуард Ставицкиј. Според него, властите ја разгледувале можноста за формирање конзорциум со руски „Газпром“ кон кој ќе биде привлечен и трет инвеститор./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Се намалува цената на горивата

Малопродажните цени на бензините „евросупер БС-95“ и „евросупер БС-98“ се намалуваат 2,00 денара/л.
Малопродажните цени на „евродизелот (Д-Е V)“ и на екстра-лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) се намалуваат 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на „мазутот М-1 НС“ се зголемува 0,065 денари/кг и сега ќе изнесува 41,411 денар/кг.
Од 7.2.2023 година од 00.01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
моторен бензин „евросупер БС-95“ – 82,00 (денара/литар)
моторен бензин „евросупер БС-98“ – 84,00 (денари/литар)
дизел-гориво „евродизел БС (Д-Е V)“ – 78,50 (денари/литар)
масло за горење екстра-лесно 1 (ЕЛ-1) – 77,00 (денари/литар)
„мазут М-1 НС“ – 41,411 (денар/килограм)
Економија
Во тек е исплатата на правата од социјална и детска заштита

Министерството за труд и социјална политика информира дека денеска почна исплатата на правата од социјална, детска и цивилна заштита за јануари 2023 година.
Корисниците на парични права, кои поседуваат дебитна картичка, ќе може да подигнат готовина на банкоматите на банките, да ги користат средствата за безготовински плаќања во продажната мрежа или преку електронско и мобилно банкарство од денеска, 6 февруари 2023 година.
Со цел да се избегне метеж пред и во банките при исплата на правата, за корисниците што не користат картички, исплатата ќе се спроведе во 2 групи во сите отворени филијали и експозитури на банките во согласност со утврдениот распоред по азбучен ред, според првата буква од презимето, и тоа:
6.2.2023 – А, Б, В, Г, Д, Ѓ, Е, Ж, З, Ѕ; И, Ј, К, Л, Љ
7.2.2023 – М, Н, Њ, О; П, Р С, Т, Ќ, У, Ф, Х, Ц, Ч, Џ, Ш
Економија
„Брако“ почна со производство на медицински паравани со нов дизајн

БРАКО почна да произведува медицински паравани со целосно нов дизајн. Параваните се изработени за потребите на партнерите на БРАКО од индустријата за медицинска опрема
„Станува збор за испорака на повеќе од 200 медицински алуминиумски паравани со нов современ дизајн. Комплетниот дизајн и развој на овие медицински паравани е направен од инженери во БРАКО. Досега параваните се произведуваа од челик, а сега за првпат БРАКО ги произведе од алуминиум. Покрај современиот дизајн, алуминиумските паравани се лесни за манипулација и попрактични за употреба. Квалитетот, брзата изработка и навремената испорака се во основата на медицинската програма, која е една од првите производствени програми во БРАКО“, посочува Сашко Димитров, одговорниот проект-менаџер на медицинската програма во БРАКО.
Медицинската палета на БРАКО се произведува согласно меѓународниот стандард ISO 9001, европските регулативи и директиви, како и во согласност со FDA регулативите во САД поврзани со медицинска опрема.
Најголемиот дел од производството во оваа програма, околу 95%, се наменети за извоз во Обединетото Кралство, Шведска, Германија, Холандија, Данска, Полска, Јапонија и САД.
Со примена на најновите практики и имплементација на современите технологии за поддршка на медицинските активности, производите на БРАКО ширум светот, придонесуваат во обезбедувањето навремена здравствена грижа за пациентите.
ПР