Економија
Груевски: Македонија нуди најконкурентни услови за правење бизнис

Македонија нуди најконкурентни услови за правење бизнис во регионот, а ова го забележаа повеќе странски компании кои веќе работат во Македонија, некои дури и со своја втора инвестиција, истакна премиерот Никола Груевски во средата на бизнис форум во Диселдорф пред претставници на повеќе германски компании од автомобилскиот сектори, инфраструктурата, телекомуникациите, туризмот, банкарскиот и осигурителниот сектор.
„Американските Џонсон Контролс, Кемет Електроникс, Џонсон Мети, Ванхол, Технокозе, Продис, Гришко…, веќе инвестираа и ја пронајдоа Македонија како најдобра бизнис дестинација. За нас е многу важно што оние кои дојдоа одлучија по втор пат да инвестираат. Ако се условите негативни тие нема да донесат таква одлука“, изјавил македонскиот премиер, пренесува МИА.
Посочувајќи на предностите што ги нуди Македонија како бизнис дестинација, Груевски ги напоменал макроекономската стабилност, даночниот систем, доброто функционирање на институциите, ниските трошоци за водење бизнис, можност за извоз на европските пазари без царина со потпишаните договори за слободна трговија, како и предностите што ги нудат технолошко индустриските развојни зони.
„Во последните седум Дуинг бизнис извештаи на Светска банка, Македонија четири пати се најде меѓу топ 10 најдобри реформатори во светот. По бројот на вкупно спроведени реформи од 2005 година до сега, Македонија е на високото трето место во конкуренција со 189 земји во светот. Од 2006 година досега на листата на Дуинг бизнис Македонија напредуваше од 94 место на 25 место, што е скок од дури 69 позиции. Во извештајот за Најдобри земји за водење бизнис на магазинот „Форбс“ Македонија е рангирана на 36 место и бележи напредок од 46 места споредено со 2007 година, а напредок од 35 места бележиме и според Индексот за економски слободи на фондацијата „Херитиџ“ од 78 на 43 место“, порача премиерот.
Добрите бизнис услови ги потврдиле и странските инвеститорите кои веќе работат во Македонија, еден од нив е и Кемет Електроникс. Андреас Меер вели дека во Македонија дошле во 2010 година откако дознале за земјата од Си-Ен-Ен.
„Откако донесовме одлука да проширување на нашето производство разгледувавме повеќе места во ЈИЕ, меѓу нив и Македонија. Дојдовме и ги добивме сите потребни информации од претставници на Владата до кои имавме пристап“, изјавил Меер додавајќи дека тоа била една од причините да донесат одлука да инвестираат во Македонија, како и ниските трошоци за правење бизнис.
Економската посета на делегацијата продолжува во Штутгарт, каде ќе се одржи нов Бизнис форум во соработка со Фајненшал Тајмс.
Германија е трет најголем инвеститор во Македонија, а меѓу германските компании кои ги искористија можностите за инвестирање во Македонија се „Дрекслер маер“и Кромберг и Шуберт, а потврдена е инвестицијата на Макард./крај/мф/бс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Објавен јавен повик за надомест на трошоци за одржување на висински пасишта и ливади и поддршка на традиционално сточарство

Денеска е објавен Јавниот повик 08/2025 за доставување на барање за исплата на средства од Програмата за финансиска поддршка на рурален развој за 2025 година.
Поддршката е наменета за надомест на трошоци за одржување на висински пасишта и ливади и поддршка на традиционално сточарство, со цел зачувување на руралните подрачја и промовирање на одржливо земјоделство.
Право на поддршка имаат земјоделски стопанства регистрирани согласно Законот за земјоделство и рурален развој во Единствениот регистар на земјоделски стопанства при Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Висина на поддршката:
• 100% од исплатената просечна нето-плата во период од 1 јануари 2024 година до 31 декември 2024 година, како трошок за чување и напасување на добитокот (овци, кози и/или говеда) на пасишта и ливади, односно регистрирани одгледувалишта кои се наоѓаат во населени места со надморска висина еднаква или повисока од 700 метри;
• 60% од исплатената просечна нето-плата во период од 1 јануари 2024 година до 31 декември 2024 година, како трошок за чување и напасување на добитокот (овци, кози и/или говеда) на пасишта и ливади, односно регистрирани одгледувалишта кои се наоѓаат во населени места со надморска висина пониска од 700 метри.
Услови за доделување:
• 1 вработено лице на 150 овци;
• 1 вработено лице на 100 кози;
• 1 вработено лице на 50 говеда, но не повеќе од 620.000 денари по вработено лице.
Задржување на истиот број вработени најмалку една година по исплатата.
Барањата со потребната документација потребно е да се поднесат најдоцна до 30.07.2025 година.
Економија
Божиновска: Македонија ја гради новата енергетска мапа на Балканот

Македонија влегува во клучна фаза на трансформација на енергетскиот систем, земјата не само што вложува во стабилноста и модернизацијата на сопствената мрежа, туку стана активен играч во регионалното поврзување и енергетската интеграција, изјави министерката за енергетика, Сања Божиновска.
Според неа, со новите интерконектори, стратешките трансформаторски станици и инвестициите во паметна енергетска инфраструктура, државата го поставува курсот кон енергетска независност и улога на регионален енергетски коридор.
Божиновска најави дека во следните денови официјално започнува изградбата на гасниот интерконектор со Грција.
„Интерконекторот е долг 68 километри, ќе пренесува не само природен гас, туку и водород, остварена e заштеда од 12 милиони евра и ќе биде изграден од македонска компанија – директна корист за домашната економија“, рече таа.
Во меѓувреме, додаде Божиновска, Македонија и Србија направија значаен исчекор кон ново енергетско поврзување – минатата недела се потпиша Меморандум за соработка меѓу НОМАГАС и Србијагас за изградба на интерконектор меѓу Клечовце и Врање, со вкупна должина од 70 километри, од кои 23 километри ќе бидат на македонска територија. Во рамки на проектот ќе се изградат и мерни станици од двете страни на границата. Студиите за изводливост и за влијание врз животната средина се веќе во тек, со поддршка од Инвестициската рамка за Западен Балкан (WBIF).
„Преку овие две стратешки поврзувања, Македонија се позиционира како нова транзитна точка за природен гас на релација Југ – Север, односно од ТАП гасоводот и ЛНГ терминалот во Александруполис кон Србија и Средна Европа, со капацитет до 3 милијарди нормални метри кубни годишно. Ова е директна поддршка на енергетската диверзификација на целиот регион, со зголемена употреба на гас од различни извори“, рече таа.
Изградбата на 400/110 kV врската Охрид – Елбасан, пак, ќе го заокружи електроенергетското поврзување на Македонија со сите соседни држави – стратегиски проект за цел регион.
„Ова е новата сила на македонската енергетика. Со регионалните интерконектори, Македонија веќе не е само краен потрошувач – станува активен учесник во преносот и стабилноста на енергетиката во Југоисточна Европа. Ова е патот кон сигурна енергија, економска отпорност и стратешка позиција на енергетската карта на Балканот. Македонија ја гради новата енергетска мапа на Балканот.“, вели министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска.
Економија
Министерката Димитриеска-Кочоска ќе учествува на 4. меѓународна конференција за финансирање на развојот во Севилја

Министерката за финансии Гордана Димитриеска- Кочоска заедно со претседателката Гордана Сиљановска-Давкова од денеска ќе престојува во работна посета на Кралството Шпанија.
Министерката Димитриеска-Кочоска ќе се обрати на Тркалезна маса „Leveraging private business and finance“ во рамки на 4. Меѓународна конференција за финансирање на развојот (FfD4), којашто под покровителство на Организацијата на Обединетите нации ќе се одржи во Севиља.
На Конференцијата, на којашто е најавено учество на педесетина шефови на држави и влади, министри, претставници на меѓународните организации, на бизнис заедниците и граѓанското општество, треба да биде усвоен „Договорот од Севиља“.
Целта на лидерскиот собир е изнаоѓање на решенија за справувањето со финансиските предизвици во исполнувањето на Целите за одржливиот развој и Агендата 2030, реформирање на меѓународната финансиска архитектура и поттикнување на инвестиции од страна на приватниот сектор.
Во рамки на посетата, предвидено е претседателката Сиљановска-Давкова да одржи билатерална средба со премиерот на Шпанија, Педро Санчез, а на средбата ќе присуствува и министерката Димитриеска -Кочоска.