Економија
Бил Гејтс се врати на врвот на најбогатите луѓе според Forbes
Коосновачот на американскиот технолошки гигант Microsoft, бил Гејтс, по четири години се врати на врвот од листата на најбогатите луѓе на планетата според изборот на магазинот Forbes, со богатство проценето на 76 милијарди американски долари, според ажурираниот рејтинг, односно се зголемило за 9 милијaрди долари за една година.
Минатата 2013 година, според истиот избор на Forbes, најбогат човек во светот беше мексиканскиот медиумски магнат од либанско потекло Карлос Слим, но во 2014 година се „повлече” на второто место со богатство проценето на 72 милијарди долари. На Третото место, како и пред една година, е главниот сопственик на компанијата Inditex, сопственик на познатите брендови како Zara итн, Шпанецот Амансио Ортега, чие богатство изнесува 64 милијарди долари.
Познатиот во светот на финансиите Ворен Бафет, исто така, остана на четвртото место со 58,2 милијарди долари, додека зад него е основачот и извршниот директор на Oracle, Лари Елисон со 489 милијарди долари.
Забележливо е што повеќето од најбогатите луѓе во светот минатата година успеале да го зголемат своето богатство. Најмногу од сите своето богатство за овој период го зголемил основачот на најголемата социјална мрежа Facebook, Марк Цукерберг чие богатство за една година се зголемило за 15,2 милијарди долари и со вкупно 28,5 милијарди долари го зазема 21-то место на листата на Forbes.
Бројот на милијардери, изразено во американски долари, во светот минатата година достигнал 1.645 лица, а нивното вкупно богатство изнесува 6,4 трилиони долари./крај.мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Министерството за економија: Законските измени ќе придонесат до поквалитетни инвестиции и повисоки плати
Со усвојувањето на измените на Законот за финансиска поддршка на инвестициите во август и со дополнителните измени што треба да се финализираат до крајот на годината, се создава стабилна и транспарентна рамка за стимулирање на поквалитетни инвестиции, соопшти Министерството за економија и труд.
Според Министерството, новите законски решенија ќе резултираат со забрзан економски раст, отворање на нови работни места и раст на продуктивноста, што ќе се одрази и врз повисоки плати и пониска инфлација.
„Нашата цел е преку новите мерки да поттикнеме инвестиции со поголема додадена вредност – инвестиции кои ќе ја развиваат производствената индустрија, ќе воведат нови технологии и иновации и ќе создаваат одржливи работни места“, наведуваат од ресорното министерство.
Законот прецизно ги дефинира субјектите кои можат да користат финансиска поддршка – компании што реализираат почетна инвестиција од најмалку 100.000 евра во преработувачката индустрија. Истовремено, се исклучуваат субјектите што работат во примарното земјоделство, шумарството и рибарството, како и фирмите што се занимаваат со изградба и продажба на станови и деловни објекти.
Министерството за економија и труд ја води целата постапка – од евалуација и склучување договори до следење на нивната реализација, со што, како што се наведува, се обезбедува континуитет, контрола и отчетност при користење на јавните средства.
Примената на законот започнува на 1 јануари 2026 година, а Министерството очекува конкретни и мерливи резултати, додавајќи дека останува посветено на создавање предвидлива и поддржувачка бизнис-клима за домашните и странските инвеститори.
Економија
Димитриеска-Кочоска: Создаваме стабилно и транспарентно финансиско опкружување за развој на приватниот сектор
Создавање и одржување предвидливо, стабилно и транспаретно финансиско опкружување е еден од приоритетите на Владата со цел приватниот сектор да се развива, граѓаните и компаниите да имаат доверба во институциите. Ова беше пораката на министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска во обраќањето на Ерсте инвеститорискиот појадок што се одржува во Скопје во организација на Ерсте групацијата и Шпаркасе банка.
„Светската економија се наоѓа во период на прилагодување на новите монетарни политики, геополитички предизвици и брзи дигитални иновации. Во такви услови, како креатори на политики на национално ниво, внимателно ги следиме и анализираме глобалните текови и врз основа на тие сознанија носиме соодветни мерки. Нашата цел е да создадеме поволно бизнис-окружување и нови можности за економски раст“, рече Димитриеска-Кочоска
Таа потенцира дека и покрај предизвиците што ги носи глобалното економско окружување домашната еконмија од средината на минатата година до вториот квартал од 2025 година бележи раст од над 3% и дека тоа говори за стабилизација на економската активност, отпорност на економијата и ефективност на политиките.
Посочи дека растот на економијата за ова година е проектиран на 3,5% и дека се очекува таквиот тренд да продолжи и во наредната година со раст од 3,8%. Главен двигател се бруто инвестициите, но дека значаен придонес има и кредитната поддршка за инвестициите, која во септември забележа раст од 16,5% во корпоративниот сектор, како и кредитната линија на Владата за финансирање на инвестиции на приватните компании.
Таа пред присутните посочи дека Министерството за финансии континуирано работи на реформи во јавните финансии, поттикнување инвестиции и развој на нови финансиски инструменти што ќе ја поддржат иновацијата и конкурентноста.
Во таа насока, во изминатиот период во Министерството за финансии интензивно се работеше на анализа на финансискиот пазар и трендовите во регионот и Европа во насока на диверзификација на понудата на финансиски инструмени за инвестирање, како и нивно модернизирање и поедноставување. Нашата цел е да се допре до сите интересни групи и да се излезе во пресрет на интересот на граѓаните.
Оттука, имајќи го предвид интересот на граѓаните за државните хартии од вредност, во Министерството се подготвува нова емисија на Граѓанска обврзница, која ќе биде наменета за граѓаните што сакаат да инвестираат безбедно и директно. Со тоа го збогатуваме портфолиото на достапни инструменти и овозможуваме современ, едноставен, ефикасен и транспарентен систем за инвестирање.
Економија
Левицата: Буџетот, наместо развој, нуди нов циклус на задолжувања и безнадежност
Буџетот од 6,7 милијарди евра, најобемен во историјата на Македонија, кој како „развоен и стабилизациски“ документ до Собранието го достави владата на ДПМНЕ, Вреди и ЗНАМ не само што не е развоен, туку е длабоко потрошувачки и ризичен документ кој ја турка државата во нов циклус на задолжување без реален економски раст, велат од Левица.
Според партијата, вака планираниот не стимулира продуктивност и инвестиции и не создава нова вредност. Напротив, велат од Левица, тој ја цементира зависноста од јавната потрошувачка и краткорочните политички ефекти.
„Капиталните инвестиции учествуваат со само 9,7% од вкупните расходи што е алармантно ниско ниво. Тоа значи дека државата троши за тековни потреби, наместо да инвестира во иднината. Со ваков пристап не се гради економија туку се купува социјален мир. Особено загрижува што 31% од приходите се обезбедуваат преку ново задолжување. Тоа значи дека секој трет денар што државата ќе го потроши е позајмен. Дополнително 1,25 милијарди евра се за отплата на стари долгови, што претставува речиси петтина од буџетот. Со други зборови, државата работи за да враќа стари долгови, а во исто време зема нови кредити што директно води кон фискална нестабилност. Само за камати, наредната година треба да се исплатат 346 милиони евра“, велат од Левица.
Од партијата наведуваат дека во структурата на расходите од новиот буџет, јасно се гледа приоритетот на оваа власт – политички опстанок, а не јавен интерес.
„Наместо инвестиции во здравство, образование, социјална сигурност и квалитет на живот, Владата се одлучи да штеди токму на тие сектори кои ја држат државата исправена“, велат од Левица.
Според партијата, дури и правосудството не е поштедено. „Намалување на средствата за судската власт и Јавното обвинителство, за повеќе од 2,2 милиони евра, е уште еден јасен сигнал дека правната држава не е приоритет“, велат од Левица.
Партијата смета дека со ваков буџет, државата не се движи напред туку тапка во место и сè повеќе тоне во долгови, сиромаштија и безнадежност.

