Економија
Отворен Саемот за градежништво и Саемот на недвижности Realexpo 2014

Вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставерски во вторник го прогласи Саемот за градежништво и Саемот на недвижности Realexpo 2014 за отворени.
Во рамки на Саемот за градежништво, своја презентација имаат повеќе познати компании од земјата и регионот, додека на Саемот на недвижности Realexpo 2014 е претставена понудата во делот на куќи, станови, индустриски, комерцијални и едукативни објекти, спортски капацитети….
„Градежништвото изврши мошне значајна улога во растот на македонската економија и тоа не е случајно. Тоа е поттикнато со многу мерки и активности, како и потези што ги прави и приватниот сектор и Владата во насока на поддршка на градежната активност и на инвестициите во овој сектор”, рече Ставрески.
Тој потсети дека во Буџетот на Република Македонија за 2014 година, се издвоени 365 милиони евра за реализација на капитални инвестиции, односно инвестиции во патишта, училишта, болници, спортски објекти, што во голем дел ќе даде работа на македонските градежни компании и македонските работници.
Ставрески ги спомена и мерките кои ги донела Владата, а кои им овозможуваат на градежните компании да работат успешно.
Саемот за градежништво и Саемот на недвижности Realexpo 2014 ќе бидат отворени за посетителите до 8 март. /крај/ст
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
„Нестле“ ќе отпушти 16.000 работници

Прехранбениот гигант „Нестле“ денес објави дека ќе отпушти речиси 16.000 работници во следните две години за да ги намали трошоците.
Компанијата ќе отпушти приближно 12.000 административни работни места во сите оддели и региони во кои работи и уште четири илјади по спроведувањето мерки за подобрување на продуктивноста во производството и синџирите на снабдување.
„’Нестле’ мора да се промени побргу за да се приспособи на променливите глобални услови“, рече извршниот директор Филип Навратил додавајќи дека отпуштањето работници е тешка, но неопходна одлука.
Како дел од новиот план, менаџментот на „Нестле“ има намера да ги намали трошоците за три милијарди швајцарски франци (3,23 милијарди евра) до 2027 година. Досега тие планираа да ги намалат трошоците за 2,5 милијарди франци. Најголемата светска компанија за храна објави намалување на работните места во својот прелиминарен деловен извештај за првите девет месеци од оваа година.
Во периодот од јануари до септември приходите на „Нестле“ изнесуваа 65,9 милијарди франци (70,8 милијарди евра), што е намалување од 1,9 процент во однос на истиот период минатата година. Кога се исклучуваат флуктуациите на валутите и еднократните ставки, приходите се зголемија за 3,3 проценти.
За цела 2025 година, менаџментот на „Нестле“ очекува малку посилен органски раст од минатата година, без да прецизира бројки. Резултатите од минатата година покажаа стапка на раст од 2,2 процента, најниска за најмалку 25 години.
Економија
Министерката Димитриеска-Кочоска во Вашингтон: Светската банка останува силен партнер во спроведувањето на реформите и забрзувањето на економскиот раст

Во рамки на Годишните средби на Светската банка и Меѓународниот монетарен фонд, министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска оствари средба со регионалната потпретседателка на Светската банка за Европа и Централна Азија, Антонела Басани, регионалната директорка за Западен Балкан, Шиаокинг Ју, извршниот директор Јуџин Ругенаат и раководителката на Канцеларијата на Светската банка за Косово и Северна Македонија, Карол Межевав.
Разговорите беа насочени кон макроекономските и фискалните движења, напредокот во реализацијата на тековните проекти, како и можноста за нови финансиски инструменти од Светската банка за поддршка на буџетските и структурните реформи.
Главен фокус на средбата беа проектите кои во моментов се спроведуваат во Македонија и кои се насочени кон подобрување на инфраструктурата, енергетската ефикасност, дигитализацијата, управувањето со јавните финансии и развојот на човечкиот капитал.
„Владата останува посветена на фискалната дисциплина, структурните реформи и забрзувањето на економскиот раст преку инвестирање во јавната инфраструктура и човечкиот капитал“ истакна министерката.
Светската банка го поздрави напредокот на Македонија и го потврди своето партнерство во реализацијата на реформите и проектите од новата рамка на соработка.
Тоа го потврдува и најовиот редовен економски извештај на Светската банка за Западен Балкан, во кој се наведува дека се очекува растот на македонската економија да достигне 3,1% во 2025 година, што претставува подобрување во однос на претходните прогнози.
Банката нотира дека Македонија ја задржува фискалната стабилност, со буџетски дефицит под 3% и јавен долг на надолна траекторија, што создава простор за одржлив раст и поволна инвестициска клима.
На средбата се разговараше и за економските проекции и можностите за нивно дополнително подобрување преку засилување на јавните инвестиции, зголемување на продуктивноста и поддршка на извозно ориентираните компании. На средбата присуствуваше и гувернерот на Народната банка, Трајко Славески.
Економија
Модернизација и регионално поврзување на платните системи помеѓу земјите од Западен Балкан поддржани од Банката на Италија и Европската централна банка

Во Вашингтон, за време на Годишните средби на ММФ и Светската банка, гувернерот Трајко Славески, заедно со гувернерите на централните банки на Албанија, Босна и Херцеговина, Косово и Црна Гора, го потпиша Писмото на намери со гувернерот на Банката на Италија, Фабио Панета, врз основа на кое Банката на Италија ќе развие клон на ТИПС (англ. Target Instant Payment Settlement) за овие пет земји од Западен Балкан, согласно одлуката на Управниот совет на Европската централна банка.
Вклучувањето на Народната банка во овој регионален проект е во согласност со акцискиот план на владите на земјите од Западен Балкан за воспоставување Заеднички регионален пазар, којшто меѓу другото вклучува модернизација на платните системи и нивно регионално поврзување и интегрирање со ТИПС на Европската централна банка (ЕЦБ). Преку ТИПС, давателите на платежните услуги им овозможуваат на граѓаните и на компаниите во Европската Унија брз пренос на парични средства во евра, во кое било време во текот на денот, за викенди и празници.
Гувернерот Славески истакна дека со овој чекор се официјализира почетокот на воспоставувањето современ систем за инстант плаќања, што претставува значаен исчекор во модернизацијата на националната платежна инфраструктура и нејзино регионално поврзување со земјите од Западен Балкан, како и со инфраструктурата во Единствената област за плаќања во евра (СЕПА). Клонот на ТИПС, развиен со поддршка на ЕЦБ, ќе овозможи извршување плаќања во реално време, 24 часа дневно, седум дена во неделата. Со неговата примена, граѓаните и компаниите ќе можат да вршат брзи, сигурни и поевтини трансакции, според стандардите на Европската Унија.
„Воспоставувањето платен систем за инстант плаќања, клон на ТИПС, носи голем број придобивки за економијата. Плаќањата ќе се порамнуваат многу бргу имајќи предвид дека 99% од нив би се обработиле во рок од 5 секунди, додека останатиот 1% во рок од 10 секунди. Народната банка ќе овозможи решенија со чија помош граѓаните ќе може да иницираат плаќања на едноставен начин и ќе можат со внесување на бројот на мобилниот телефон на примачот, да извршат пренос на парични средства на друго лице чија платежна сметка не ја знаат однапред. Овие решенија ќе овозможат ефикасно иницирање плаќања на физичките и на виртуелните продажни места без користење платежни картички, што ќе им овозможи на трговците да ги примат паричните средства во рок од неколку секунди и да располагаат со нив веднаш“, изјави гувернерот Славески, при што посочи дека нашата земја прави важен чекор кон интеграција на домашниот финансиски систем во европскиот платежен простор.
Клонот на ТИПС е наменет за инстантно извршување домашни плаќања во националните валути на земјите од Западен Балкан, со можност за поврзување со ТИПС за извршување плаќања во евра во СЕПА. Целта е да се обезбеди интероперабилност и единствена платежна мрежа меѓу регионот и ЕУ, што ќе го олесни движењето на капиталот и трговијата.
Оператори на платните системи за инстант плаќања ќе бидат централните банки, со тоа што информациските системи на давателите на платежните услуги во земјава ќе бидат приспособени кон барањата и стандардите на клонот на ТИПС, при што техничката инфраструктура е обезбедена од Банката на Италија, со што значително ќе се олеснат развојот и одржувањето на инфраструктурата на централните банки од Западен Балкан, соопштуваат од Народната банка.