Економија
Сарачини: Постојано расте бројот на жени претприемачи
Министерот за економија Ваљон Сарачини оствари работна посета во Националниот совет за родова рамноправност, при што се сретна со членовите на овој совет.
На средбата, остварена по повод 8-ми Март – меѓународниот ден на жената, се разговараше за досегашната поддршка на жените-претприемачи што ја дава Министерството за економија, а беа претставени и активностите на Советот во контекст на нивната Програма за економско зајакнување на женитe.
Сарачини рече дека Министерството за економија посветува посебно внимание на учеството на жените во претприемништвото, и постојано преку различни програми ги стимулира жените да започнат свој сопствен бизнис.
„Министерството за економија, првпат започна со спроведување на мерки за директна финансиска поддршка на претприемништвото на жените во 2012 година, кога беа издвоени 1.200.000 денари, а беа субвенционирани 15 жени претприемачи, во 2013 година 1.300.000 денари, додека оваа година двојно ги зголемивме средствата за оваа намена и тие достигнуваат 2.400.000 денари, неповратни средства за жените кои сакаат да започнат свој сопствен бизнис”, изјави министерот Сарачини.
Во Македонија вкупниот број активни претпријатија од областа на стопанството изнесува 60.774 и истите вработуваат 360.217 лица. Субјектите во сопственост на најмалку една жена (над 50 проценти) од областа на стопанството учествуваат со околу 32 проценти во вкупниот број на активни претпријатија, а за споредба во Европа 30 проценти од претприемачите во просек се жени.
Претседателката на Националниот совет за родова рамноправност, Савка Тодоровска, информираше дека во советот членуваат 116 организации на жени, кои генерално работат во насока на економско јакнење на жените, а нивна стратешка цел е да се подобри социо-економскиот статус на жените.
„Меѓу нашите цели се вклучени намалување на невработеноста и сиромаштијата меѓу жените и девојките, зајакнување на личните капацитети на жените и девојките за конкурентен настап на пазарот на трудот, како и промовирање на женското претприемништво. Жените сочинуваат 32,3 проценти од вработените во земјава, и оваа бројка не се менува со години”, рече Тодоровска, која се заблагодари на министерот за постојаната поддршката што ја дава на жените претприемачи.
Националниот совет за родова рамноправност е мрежа во која членуваат околу 116 локални женски организации со 80 илјади жени од урбани и рурални средини./крај/мф/бс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
За една година поскапеа и кафаните: угостителските услуги зголемени за 3,5 проценти
Цените на угостителските услуги во декември 2025 година се зголемени за 3,5 проценти во споредба со истиот месец лани, покажуваат податоците на Државен завод за статистика.
На годишно ниво, односно во периодот јануари – декември 2025 година во однос на истиот период од 2024 година, угостителските услуги се поскапени за 4,8 проценти.
Истовремено, статистиката покажува дека во декември нема промени во однос на претходниот месец. Цените на угостителските услуги останале на исто ниво како и во ноември 2025 година.

Фото: unsplash
Економија
МФ: Пласирани над 224 милиони евра за поддршка на инвестиции кон компаниите, исплатена нова транша од Буџетот кон Развојната банка
Министерството за финансии од Буџетот изврши исплата нова транша во вредност од 424,9 милиони денари или 6,9 милиони евра кон Развојната банка за поддршка на домашните компании.
Со исплатата на оваа транша вкупната поддршка на државата кон домашната економија изнесува 13,8 милјарди денари или 224,3 милиони евра од вкупно планираните 250 милиони евра за поддршка на домашните компании, велат од Министерството за финансии.
„Владата ги обезбеди овие средства преку кредитна линија од Унгарската експорт-импорт банка со цел поддршка на домашната економија. Поддршката се состои од пласман на средства по поволни услови за компаниите во насока на реализација на приватните инвестиции, со што тие ќе обезбедат сопствен развој и поттикнување на економскиот раст. Средствата се пласираат до крајните корисници преку деловните банки, каматната стапка е 1,95% годишно, рокот на отплата е до 15 години и грејс период до 3 години.
Вкупниот буџет за поддршка на домашните компании предвидени во Буџетот изнесува 250 милиони евра, а вредноста на инвестицискиот циклус се проценува на околу 300 милиони евра“, се додава во соопштението на Министерството за финансии.
Економија
Мицкоски најави построги казни за супермаркетите што го кршат законот: „Ако така продолжат, ќе мора да стават клуч на врата“
Премиерот Христијан Мицкоски оцени дека годишната инфлација ќе се движи околу четири проценти, најавувајќи засилени инспекциски контроли и законски измени со значително повисоки казни за трговските ланци што ги прекршуваат правилата за нефер трговски практики.
Одговарајќи на новинарско прашање, Мицкоски изјави дека ваквите проекции за инфлацијата се присутни веќе со месеци и дека Владата активно делува преку зачестени контроли на инспекциските служби.
„Ќе предложиме законски измени со многу поголеми казни за сите ланци на супермаркети коишто го изигруваат законот за нефер трговски практики. За некои од ланците веќе имаме докази и мислам дека ако така продолжат, ќе мора клуч да стават на врата“, изјави премиерот.

