Економија
Динамиката на кредитна активност поголема од очекуваното
Растот на кредитите кон компаниите и населението на почетокот на годината на месечно ниво е поголем од очекуваното, но се’ уште постојат надолни ризици околу кредитниот раст до крајот на годината.
Ова е констатирано на редовната седница на Комитетот за оперативна монетарна политика на НБРМ, на која беа разгледани најновите макроекономски показатели за домашната економија, податоците за банкарскиот систем, заклучно со јануари 2014 година, како и движењата на меѓународните и домашните финансиски пазар. Според првичните податоци за кредитните текови, во февруари продолжи месечниот раст на кредитите, а кредитите беа насочени кон двата сектора, претпријатијата и населението. Остварената динамика на кредитната активност е поголема во однос на очекувањата од октомвриската проекција. „Сепак, и понатаму постојат надолни ризици околу кредитниот раст до крајот на годината, коишто се поврзуваат со согледувањата на банките за профилот на ризик на побарувачката, конзервативните стратегии на големите банкарски групации коишто со своите банки-ќерки се присутни на домашниот пазар и натамошното подобрување на квалитетот на кредитното портфолио“, се вели во соопштението на НБРМ објавено во среда. Февруарските податоци упатуваат на поволни движења и кај депозитниот потенцијал на банките, којшто и натаму се зголемува, но засилено, на месечна основа. Растот е резултат на зголемувањето на депозитите на двата сектора, со најголем придонес на секторот „население“ (придонес од 80% во месечната промена).Ликвидноста на банките во февруари и натаму е на стабилно ниво. Во услови на креирање ликвидни средства под влијание на автономните фактори, банките имаа зголемен интерес за пласирање на ликвидносните вишоци во краткорочни депозити кај Народната банка. Во такви околности, прометот на меѓубанкарскиот пазар на депозити беше релативно понизок од вообичаено, но со претежно учество на меѓубанкарските трансакции со подолга рочност од еден ден. На девизниот пазар се забележани вообичаени сезонски движења, при што девизните позиции на банките се уште се на релативно стабилно ниво. Податоците за девизните резерви за февруари 2014 укажуваат на нивно сезонско намалување, што беше очекувано во рамки на проекциите на билансот на плаќања. Показателите за адекватноста на резервите и понатаму се во сигурната зона, односно укажуваат дека ќе има доволно девизни резерви за справување со евентуални, непредвидени шокови, стои во соопштението. Показатели за последното тримесечје покажуваат дека економијата и натаму ќе расте, веројатно со сличен интензитет како и во третиот квартал. Овие оцени, во голема мера, се засноваат врз постојаните поволни движења кај клучните економски сектори, пред се кај градежниот и индустрискиот сектор. Од НБРМ наведуваат дека постојат ризици поврзани со надворешното окружување, коишто се дополнително зајакнати во овој период, заради случувањата во Украина. Имено, овие случувања создаваат ризици за нестабилност на светските цени на енергентите и на житните производи, а воедно може да имаат влијание и врз очекуваното економско закрепнување. Имајќи ги предвид најновите макроекономски, финансиски и пазарни показатели, на седницата на Комитетот за оперативна монетарна политика беше одлучено да се задржи тековната монетарна поставеност и на аукцијата да се понудат благајнички записи на ниво на износот којшто достасува (25.500 милиони денари), со непроменета каматна стапка на ниво од 3,25 отсто, се вели во соопштението. /крај/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Гувернерот Трајко Славески учествува на конференција на гувернери во Брисел, во фокус глобалните економски предизвици
Гувернерот на Народната банка, Трајко Славески учествува на конференцијата на гувернерите од Kонституенцата на Меѓународниот монетарен фонд, на која се разгледуваат клучните предизвици и идните насоки на централнобанкарските политики во услови на зголемена глобална неизвесност и променет геоекономски амбиент.
Во фокусот на дискусиите се изгледите за инфлацијата и монетарната политика, како и улогата на централните банки во одржувањето стабилни финансиски системи. Особено внимание е посветено на можните трендови на дерегулација и нивните потенцијални импликации врз финансиската стабилност.
На конференцијата се разговара и за влијанието на технолошките иновации и геостратегиските промени врз економскиот развој и финансиските текови, како фактори што сè повеќе го обликуваат глобалниот финансиски систем.
Во рамките на настанот, се одвива размена на искуства и ставови со гувернери, претставници на европските институции и меѓународните организации, што придонесува кон креирање политики засновани на знаење и соработка, како и кон зајакнување на капацитетите на централните банки за справување со современите економски предизвици и обезбедување стабилен и предвидлив економски амбиент.
Економија
Божиновска на средби со меѓународни партнери за унапредување на енергетиката и рударството
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, денеска оствари низа работни средби со меѓународни партнери со цел продлабочување на соработката и размена на искуства во енергетскиот и рударскиот сектор.
На средба со амбасадорот на Кралството Шведска во Република Северна Македонија, Ола Солстром, беше разговарано за интензивирање на билатералната соработка во секторот рударство, вклучително размена на добри практики од шведски експерти и соработка со македонските универзитети за унапредување на техничките и научните капацитети. Дополнително, на средбата беа разгледани теми поврзани со развој на обновливи извори на енергија и проекти за подобрување на квалитетот на амбиенталниот воздух како дел од заложбите за одржлив економски развој и зелена транзиција.
Министерката Божиновска оствари средба и со амбасадорката на Кралството Холандија, Узлем Џанел, со која разговараа за унапредување на соработката во енергетскиот сектор, вклучително поддршка за обновливи извори на енергија, зајакнување на енергетската ефикасност. Соговорниците ja нагласија важностa од континуирана експертска соработка и размена на иновативни решенија помеѓу двете земји.
Божиновска оствари средба и со преставници на Strategic and Social Research Foundation – Marmara Group. Фокус на разговорот беше организацијата на 29-тиот Евроазиски Економски Самит и официјалната покана до министерката Божиновска за учество на Самитот. На средбата се разговараше и за инвестициони можности во соларната енергија, како и тековните активности и планови на Министерството за енергетика.
Министерката Божиновска ја истакна важноста на овие средби за промоција на Северна Македонија како модерна, инвестиционо атрактивна и еколошки одговорна земја, која континуирано го унапредува енергетскиот и рударскиот сектор и ја зајакнува регионалната соработка.
Економија
Мицкоски: Очекувам убави вести за шеесетина македонски производи да се извезуваат во САД по повластена тарифа
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски денеска одговарајќи на новинарско прашање во однос на очекувањата за поволна одлука за тарифите од САД, изјави:
„Да, очекувам денеска убава вест. Изминативе месеци жестоко преговаравме. Се сеќавате тогаш кога излегуваа голем дел од опозициските, условно кажано, медиуми коишто критикуваа како Македонија добила 34% тарифи, не знам што и не знам како. Очекувам сето тоа да биде потврдено со заедничка изјава денеска. Очекувам поволни вести од таму и очекувам негде околу 63-64 производи коишто се за нас стратешки, да бидат со повластена тарифа којашто ќе биде едноцифрена и ќе се движи меѓу 0 и 6,5%.“
фото/Depositphotos

