Економија
Голем интерес на компаниите за вработување на лица до 29 години
За само четири дена вкупно 68 компании поднеле барање за искористување на владината мерка за вработување на млади лица до 29 години со која фирмите се ослободени од плаќање социјални придонеси и персонален данок за работникот, информираше во вторник министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов, во Стопанската комора каде што на 40-тина претставници од различни компании им ги презентираше мерките за намалување на невработеноста во Македонија.
„Ова е системска мерка која што во континуитет ќе трае за сите приватни компании во наредните две години и притоа очекувам континуирано да се зголемува бројот на приватни компании кои што ќе поднесуваат барање и ќе вработуваат млади лица”, рече Спасов.
Тој истакна дека Министерството и понатаму ќе продолжи со партнерството со приватниот сектор и во сорабтка со компаниите ќе предлага, креира и реализира мерки со кои се потикнува и олеснува вработувањето во државата.
Во врска со заштитните механизми, министерот појасни дека законските одредби кои ја дефинираат ова мерка предвидуваат од 31.12.2013 до моментот на поднесување на барање од страна на компаниите да не се намали бројот на вработени со цел фирмите да не ја злоупотребуваат оваа мерка, односно да отпуштаат работници па да вработуваат лица. Дополнително, додаде Спасов, во периодот кога ќе ја користат помошта, компаниите не смеат да го намалат бројот на вработени или пак ако го отпуштат младото лице потребно е да вработат друго лице од истата категорија.
Оваа мерка, што владата ја промовираше на почетокот на март, опфаќа околу 45.000 невработени млади лица до 29 години од кои 20.000 се активни баратели на работа.
Ослободувањето од плаќање на придонеси од задолжително социјално осигурување на месечна основа се однесува до просечна бруто плата за претходната година за период од 12 месеци, сметано од денот на вработувањето на лицето.
Доколку работодавачот исплати повисока бруто плата од просечната ќе треба да изврши доплата на придонеси од задолжително социјално осигурување само за разликата над просечната бруто плата.
Покрај ослободувањето од социјалните придонеси работодавачот е ослободен и од плаќање на персонален данок на доход за тоа лице, можност за што веќе постои законско решение. Вкупните ослободувања за работодавачите изнесуваат: 27 проценти по основа на социјалните придонеси и 10 отсто персонален данок на доход, односно ослободување од 37 отсто./ крај/мф/сд
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Гувернерот Трајко Славески учествува на конференција на гувернери во Брисел, во фокус глобалните економски предизвици
Гувернерот на Народната банка, Трајко Славески учествува на конференцијата на гувернерите од Kонституенцата на Меѓународниот монетарен фонд, на која се разгледуваат клучните предизвици и идните насоки на централнобанкарските политики во услови на зголемена глобална неизвесност и променет геоекономски амбиент.
Во фокусот на дискусиите се изгледите за инфлацијата и монетарната политика, како и улогата на централните банки во одржувањето стабилни финансиски системи. Особено внимание е посветено на можните трендови на дерегулација и нивните потенцијални импликации врз финансиската стабилност.
На конференцијата се разговара и за влијанието на технолошките иновации и геостратегиските промени врз економскиот развој и финансиските текови, како фактори што сè повеќе го обликуваат глобалниот финансиски систем.
Во рамките на настанот, се одвива размена на искуства и ставови со гувернери, претставници на европските институции и меѓународните организации, што придонесува кон креирање политики засновани на знаење и соработка, како и кон зајакнување на капацитетите на централните банки за справување со современите економски предизвици и обезбедување стабилен и предвидлив економски амбиент.
Економија
Божиновска на средби со меѓународни партнери за унапредување на енергетиката и рударството
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, денеска оствари низа работни средби со меѓународни партнери со цел продлабочување на соработката и размена на искуства во енергетскиот и рударскиот сектор.
На средба со амбасадорот на Кралството Шведска во Република Северна Македонија, Ола Солстром, беше разговарано за интензивирање на билатералната соработка во секторот рударство, вклучително размена на добри практики од шведски експерти и соработка со македонските универзитети за унапредување на техничките и научните капацитети. Дополнително, на средбата беа разгледани теми поврзани со развој на обновливи извори на енергија и проекти за подобрување на квалитетот на амбиенталниот воздух како дел од заложбите за одржлив економски развој и зелена транзиција.
Министерката Божиновска оствари средба и со амбасадорката на Кралството Холандија, Узлем Џанел, со која разговараа за унапредување на соработката во енергетскиот сектор, вклучително поддршка за обновливи извори на енергија, зајакнување на енергетската ефикасност. Соговорниците ja нагласија важностa од континуирана експертска соработка и размена на иновативни решенија помеѓу двете земји.
Божиновска оствари средба и со преставници на Strategic and Social Research Foundation – Marmara Group. Фокус на разговорот беше организацијата на 29-тиот Евроазиски Економски Самит и официјалната покана до министерката Божиновска за учество на Самитот. На средбата се разговараше и за инвестициони можности во соларната енергија, како и тековните активности и планови на Министерството за енергетика.
Министерката Божиновска ја истакна важноста на овие средби за промоција на Северна Македонија како модерна, инвестиционо атрактивна и еколошки одговорна земја, која континуирано го унапредува енергетскиот и рударскиот сектор и ја зајакнува регионалната соработка.
Економија
Мицкоски: Очекувам убави вести за шеесетина македонски производи да се извезуваат во САД по повластена тарифа
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски денеска одговарајќи на новинарско прашање во однос на очекувањата за поволна одлука за тарифите од САД, изјави:
„Да, очекувам денеска убава вест. Изминативе месеци жестоко преговаравме. Се сеќавате тогаш кога излегуваа голем дел од опозициските, условно кажано, медиуми коишто критикуваа како Македонија добила 34% тарифи, не знам што и не знам како. Очекувам сето тоа да биде потврдено со заедничка изјава денеска. Очекувам поволни вести од таму и очекувам негде околу 63-64 производи коишто се за нас стратешки, да бидат со повластена тарифа којашто ќе биде едноцифрена и ќе се движи меѓу 0 и 6,5%.“
фото/Depositphotos

