Економија
Француската влада со указ забрани странски преземања на компании

Француската влада донесе уредба со којашто се овозможува блокирање на преземањето на домашните стратешки компании од страна на која и да е странска компанија, што на пример претставува пречка за американски „General Electric” во обидот да го купи францускиот „Alstom”.
Оваа уредба, објавена во францускиот службен весник во четвртокот, и’ дава на државата целосно право во блокирањето на странските преземање во енергетскиот, водоснабдителниот, сообраќајниот, телекомуникацискиот и здравствениот сектор. Секој таков обид за аквизација ќе мора во иднина да добие согласност од министерот за стопанство.
Француската влада претходно воопшто не најави дека се разгледува таквата идеја, иако министерот за стопанство и индустрија Арно Монтебург отворено истапи против понудата на „General Electric” за купување на енергетскиот дел од производството на „Alstom” и наместо тоа заговараше европско поврзување на оваа француска компанија со германскиот „Siemens”.
Од „Alstom” претходно најавија дека понудата на „General Electric” во износ од 16,9 милијарди американски долари, ќе биде разгледана до крајот на мај, додека „Siemens” информираше дека разгледува поднесување обврзувачка понуда.
„Оваа уредба ни го олесни патот за продолжување на разговорите со ‘General Electric’ и со ‘Siemens’, коишто искажаа интерес за ‘Alstom’, и овозможи нашите барања подобро да бидат слушнати”, изјавил за Reuters неименуван извор близок на министерот Монтебург, додавајќи дека тоа не значи и дека ќе ја искористи можноста од вето.
Истакнал и дека владата нема намера д аги блокира странските инвестиции, но дека сака во интерес на нацијата да ги осигури стратешките сектори.
Француската држава има околу 1-процентен удел во „Alstom”, а пред десетина година ја спаси оваа инженерска групација од финансиски колапс. Повеќето Французи сметаат дека „Аlstom”, кој меѓу другото произведува и ветроелектрани, турбини и брзи возови, е олицетворението на индустриската моќ на нивната држава.
Слични овластувања како што со оваа уредба и’ се доделен и на сегашната социјалистичка влада на Франција, веќе постојат и во други европски земји, како и во САД, каде што претседателот има овластувања да блокира одредени понуди за преземање, како што беше минатата година за една кинеска компанија која произведувa ветерни централи, додал соговорникот на Reuters./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
„Булмак 2016“ уплати 58,2 милиони денари на државата и на општините Пробиштип, Крива Паланка, Кратово и Македонска Каменица за концесија

Компанијата што ги управува рудниците „Злетово“ и „Тораница“, „Булмак 2016“ извести дека во првите девет месеци од 2025 година плати вкупно 58.231.096денари концесиски надоместоци. Од нив 22% одат во државниот буџет, односно 12.810.841 денари, а останатите 78% или 45.420.255 денари одат во буџетите на Пробиштип, Крива Паланка, Кратово и Македонска Каменица.
„Нашата одговорност се гледа и во бројки и во доверба. Во првите девет месеци од 2025 година пресметавме 58.231.096 денари за концесиски надоместоци, од кои значаен дел се слеваат во четири локални буџети. Тоа се средства за улици, училишта, спорт и услуги што граѓаните ги користат секој ден. Ќе продолжиме со транспарентна комуникација, инвестиции во безбедност и модернизација на нашите рудници и со цврсто партнерство со заедниците во кои работиме,“ вели Тони Тоневски, директор на „Булмак 2016“.
Општина Пробиштип добива 21.694.615 денари, Крива Паланка – 21.817.460 денари, Кратово – 1.384.763 денари и Македонска Каменица – 523.417 денари.
Од „Булмак 2016“ велат дека остануваат посветени на навремено исполнување на сите законски обврски и на отворена комуникација со јавноста.
Економија
„Нестле“ ќе отпушти 16.000 работници

Прехранбениот гигант „Нестле“ денес објави дека ќе отпушти речиси 16.000 работници во следните две години за да ги намали трошоците.
Компанијата ќе отпушти приближно 12.000 административни работни места во сите оддели и региони во кои работи и уште четири илјади по спроведувањето мерки за подобрување на продуктивноста во производството и синџирите на снабдување.
„’Нестле’ мора да се промени побргу за да се приспособи на променливите глобални услови“, рече извршниот директор Филип Навратил додавајќи дека отпуштањето работници е тешка, но неопходна одлука.
Како дел од новиот план, менаџментот на „Нестле“ има намера да ги намали трошоците за три милијарди швајцарски франци (3,23 милијарди евра) до 2027 година. Досега тие планираа да ги намалат трошоците за 2,5 милијарди франци. Најголемата светска компанија за храна објави намалување на работните места во својот прелиминарен деловен извештај за првите девет месеци од оваа година.
Во периодот од јануари до септември приходите на „Нестле“ изнесуваа 65,9 милијарди франци (70,8 милијарди евра), што е намалување од 1,9 процент во однос на истиот период минатата година. Кога се исклучуваат флуктуациите на валутите и еднократните ставки, приходите се зголемија за 3,3 проценти.
За цела 2025 година, менаџментот на „Нестле“ очекува малку посилен органски раст од минатата година, без да прецизира бројки. Резултатите од минатата година покажаа стапка на раст од 2,2 процента, најниска за најмалку 25 години.
Економија
Министерката Димитриеска-Кочоска во Вашингтон: Светската банка останува силен партнер во спроведувањето на реформите и забрзувањето на економскиот раст

Во рамки на Годишните средби на Светската банка и Меѓународниот монетарен фонд, министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска оствари средба со регионалната потпретседателка на Светската банка за Европа и Централна Азија, Антонела Басани, регионалната директорка за Западен Балкан, Шиаокинг Ју, извршниот директор Јуџин Ругенаат и раководителката на Канцеларијата на Светската банка за Косово и Северна Македонија, Карол Межевав.
Разговорите беа насочени кон макроекономските и фискалните движења, напредокот во реализацијата на тековните проекти, како и можноста за нови финансиски инструменти од Светската банка за поддршка на буџетските и структурните реформи.
Главен фокус на средбата беа проектите кои во моментов се спроведуваат во Македонија и кои се насочени кон подобрување на инфраструктурата, енергетската ефикасност, дигитализацијата, управувањето со јавните финансии и развојот на човечкиот капитал.
„Владата останува посветена на фискалната дисциплина, структурните реформи и забрзувањето на економскиот раст преку инвестирање во јавната инфраструктура и човечкиот капитал“ истакна министерката.
Светската банка го поздрави напредокот на Македонија и го потврди своето партнерство во реализацијата на реформите и проектите од новата рамка на соработка.
Тоа го потврдува и најовиот редовен економски извештај на Светската банка за Западен Балкан, во кој се наведува дека се очекува растот на македонската економија да достигне 3,1% во 2025 година, што претставува подобрување во однос на претходните прогнози.
Банката нотира дека Македонија ја задржува фискалната стабилност, со буџетски дефицит под 3% и јавен долг на надолна траекторија, што создава простор за одржлив раст и поволна инвестициска клима.
На средбата се разговараше и за економските проекции и можностите за нивно дополнително подобрување преку засилување на јавните инвестиции, зголемување на продуктивноста и поддршка на извозно ориентираните компании. На средбата присуствуваше и гувернерот на Народната банка, Трајко Славески.