Економија
380 компании симнале апликација за брзо закрепнување од Ковид-19, жените прептприемачи имаат предност
За да не изразуваме жалење одново и одново поради тоа што малку компании раководени од жени аплицираат за државна поддршка, воведовме поткритериум со кој ќе им дадеме предност и шанса плус на овие компании, вака директорот на Фондот за иновации, Јован Деспотовски, го најави последниот повик за државна помош за компании за брзо закрепнување од последиците од Ковид-19. Од Фондот велат дека иако сè уште немаат податоци колку компании раководени од жени аплицирале, има интерес за оваа поддршка за која аплицирањето почна во петокот. Освен за компаниите раководени од жени, предност е дадена и на компании од помалку развиените региони.
„ На јавниот повик Кофинансирани грантови за технолошки развој за надминување на последиците од Ковид-19 од објавувањето на 29.05 до 03.06 се симнати 380 апликациски пакети, што покажува дека има голем интерес кај компаниите. Ова е прв повик во кој директно се поттикнува рамномерен регионален развој и женско претприемништво“, велат од Фондот за иновации.
Компаниите раководени од жени и компаниите од помалку развиените региони ќе имаат предност во бодувањето. За нивото на технолошки развој и степенот на дигитализација предвидени се 35 од сто поени, за квалитетот на изготвениот предлог 10 од 100, за капацитетот на проектниот тим 10 од сто и за влијанието на проектот можни се 45 од сто поени. Поткритериумите за предност на женско претприемништво и за рамномерен регионален развој се сместени во критериумот влијание, кој носи најмногу поени.
„Во однос на застапеноста на жени сопственици и управители во самите компании, бодувањето е многу едноставно. Сите апликанти кои во сопственичката структура или во управувачката структура имаат жена ќе имаат 5 поена, сите останати ќе имаат нула. Тоа значи дека во рамки на овој поткритериум во делот на влијание, охрабруваме, и ја користам оваа прилика повторно да ги охрабрам жените претприемачи да аплицираат“, објасни директорот Деспотовски кога го претстави овој инструмент за брзо закрепнување од последиците од Ковид – 19.
Во рамки на критериумот за влијание е сместен и поткритериумот со кој се дава предност на компании од помалку развиените региони.
„ Компанија која доаѓа од Северозападниот Плански Регион ќе има максимален број по тој поткритериум, додека компанија која доаѓа од главниот град ќе има минимален број. Тоа значи дека сите компании од помалку развиените региони имаат шанса плус, предност при аплицирањето и ги охрабрувам да аплицираат“, рече директорот Деспотовски.
Во рамки на критериумот влијание има поткритериуми кои се однесуваат на потенцијалот за генерирање приходи и добивка на самиот бизнис план. Има критериум колку самиот проект предвидува спроведување на заштитни мерки за вработените и потрошувачите, и, она што од Фондот сметаат дека е многу важно, има соодветен поткритериум кој оценува како самиот апликант ќе се однесува во однос на работните места кои во моментот ги има компанијата. Овозможено е соодветно оценување, односно наградување на сите оние кои ќе предвидат, не само задржување, туку и зголемување на бројот на работни места во компанијата.
Новина со овој повик е и тоа што нема подарок пари од државата, како што вели директорот Деспотовски, туку компаниите кои добиле грант, кога ќе почнат да остваруваат добивка, ќе враќаат пари на државата. Оние кои нема да остварат добивка нема да имаат таква обврска.
Буџетот на Фондот за овој повик е 3,3 милиони евра, пари со кои може да се обезбеди поддршка за околу 150 микро, мали и средни компании. Компаниите може да аплицираат со проекти за дигитализација во компаниите, воведување протоколи за заштита на вработените, подобрување на организациската структура и реорганизација на работните процеси, воведување нови производи и услуги или значително подобрување на постојните, особено на оној сегмент за којшто постои зголемена побарувачка и во време на криза и за кој се очекува дека ќе постои побарувачка и во време на посткризниот период, обука за среднорочно планирање на бизнисот и обука за вработените, како и сите мерки кои компаниите сметаат дека ќе им помогнат не само во подобро прилагодување туку и во развој.
Во овој повик, за разлика од претходните од Фондот, дозволено е платите за луѓето кои ќе го реализираат проектот да бидат прикажани како трошоци кои може да се покријат од грантот.
Повикот ќе биде отворен со 26 јуни.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Од полноќ поскап бензин, цената на дизелот останува иста
Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ) донесе Одлука со која се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 1,13% во однос на одлуката од 27.2.2026 година.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините за 2,977%, кај дизелот за 0,464%, кај екстра лесното масло за 0,370% и кај мазутот зголемувањето е за 3,965%.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е понизок за 0,1035%.
Од 3.3.2026 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 74,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 76,50 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 71,00 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 70,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 35,542 (денари/килограм)
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 се зголемуваат за 1,00 ден/лит.
Малопродажните цени на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) не се менуваат.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се зголемува за 1,022 ден/кг и сега ќе изнесува 35,542 ден/кг.
Економија
ТИТАН Усје: Работиме согласно сите закони, емисиите се мерат 24 часа со независен мониторинг – нема надминувања на лимитите
ТИТАН Усје соопшти дека повеќе од 70 години работи како одговорна компанија во земјата, придонесувајќи за националниот развој, локалната економија и снабдувањето со основни материјали за клучни инфраструктурни објекти, меѓу кои болници, брани, патна и јавна инфраструктура.
Од компанијата наведуваат дека грижата за животната средина е нивна основна вредност и дека ја следат јавната дебата поврзана со квалитетот на воздухот и заштитата на животната средина, давајќи, како што велат, транспарентен придонес кон решавање на овие прашања.
„Работиме целосно во согласност со сите важечки закони, подзаконски акти и барањата на нашата А – Интегрирана еколошка дозвола – честопати применувајќи внатрешни стандарди кои се и построги од законските обврски. Нашите емисии континуирано се мерат преку 24-часовен независен мониторинг, со податоци јавно достапни и редовно доставувани до надлежните органи и до медиумите. Редовните и ненајавените инспекции од страна на надлежните тела не констатираат никакви надминувања на законските лимити“, велат од ТИТАН Усје.
Како членка на Групацијата ТИТАН, компанијата информира дека ги следи меѓународно признатите практики и ESG стандарди, со долгорочна посветеност на заштитата на животната средина, вклучувањето на заедницата и современото корпоративно управување.
Во изминатите 15 години, ТИТАН Усје инвестирала повеќе од 29 милиони евра во одржливо производство и еколошки технологии, а дополнителни три милиони евра се планирани до 2029 година.
Од компанијата посочуваат дека нивни приоритети остануваат партнерствата, благосостојбата на вработените и континуираната поддршка на заедницата.
Економија
ОКТА АД – Скопје со силни резултати во 2025 година во пазарна средина исполнета со предизвици
Финансиски резултати за 4-тиот квартал / 12 месеци од 2025 година

*Прилагодена за ефектот на вреднување на залихите
ОКТА АД – Скопје Годишни резултати за 2025 година
Во 2025 година, глобалниот пазар на деривати беше обликуван од геополитичка несигурност и еволуирачки енергетски политики, што резултираше со повремена нестабилност на цените. Ризиците по снабдувањето поврзани со регионалните конфликти и нестабилните трговски рути беа делумно компензирани со зголемено производство од главните извозници, ублажувајќи ги ценовните притисоци во споредба со 2024 година. Намалената индустриска активност на клучните пазари го ограничи растот на побарувачката и придонесе за стабилизација на цените во втората половина од годината.
Во Југоисточна Европа, геополитичките случувања и регулаторните промени продолжија да влијаат врз пазарните услови. Во Северна Македонија, воведувањето на новиот Закон за енергетика во средината на 2025 година и тековните регулаторни прилагодувања влијаеја врз динамиката на цените и конкуренцијата. По благиот пад во 2024 година, локалниот пазар покажа знаци на закрепнување во текот на 2025 година.
Во овие услови, ОКТА успешно се справи со регионалните флуктуации во снабдувањето и силните притисоци од конкуренцијата како на домашниот така и на извозниот пазар. Компанијата ја задржа својата утврдена водечка позиција во големопродажбата, додека структурата на малопродажниот пазар остана во голема мера непроменета. Во текот на целата година, ОКТА се фокусираше на дисциплинирано комерцијално извршување, разумно управување со маржите и насочени, стратешки иницијативи.
Финансиски остварувања
Приходите од продажба за фискалната 2025 година изнесуваа 38.492 милиони денари, во споредба со 44.263 милиони денари во 2024 година, првенствено поради пониските меѓународни цени на горивата и намалениот обем на извоз. Во четвртиот квартал од 2025 година, приходите од продажба се зголемија за 5% на годишно ниво на 10.179 милиони денари.
Бруто добивката порасна на 1.324 милиони денари во фискалната 2025 година од 1.169 милиони денари во претходната година, поткрепена од поголемата домашна продажба, зголемените испораки кон Државните резерви и зголемено тргување со електрична енергија. ЕБИТДА достигна 652 милиони денари, во споредба со 501 милион денари во 2024 година, што одразува поголем домашен обем, намалена изложеност на нестабилност на цените и поголема продажба на електрична енергија. ЕБИТДА во четвртиот квартал од 2025 година изнесуваше 139 милиони денари, што е намалување од 16% на годишно ниво, главно предизвикано од нестабилноста на цените на горивата и пониските маржи на електричната енергија.
Добивката пред оданочување во фискалната 2025 година значително се зголеми на 667 милиони денари, во споредба со 238 милиони денари во 2024 година. Покрај подобрените оперативни остварувања, резултатот е одраз и на помала амортизација по еднократната забрзана амортизација во 2024 година, предвидениот поврат на Данокот на солидарност од 50 милиони денари платен во 2023 година и оптимизирано управување со готовината. Во четвртиот квартал од 2025 година, добивката пред оданочување изнесуваше 177 милиони денари во споредба со 87 милиони денари во четвртиот квартал од 2024 година.
Оперативните трошоци останаа генерално стабилни на годишно ниво. Во 2025 година компанијата продолжи да работи без долг, во континуитет со претходните години. На 29 мај 2025 година, Собранието на акционери одобри распределба на дивиденда од 182,8 милиони денари, што е еднакво на 240,00 денари по акција.
Стратегија и перспектива
ОКТА ја заврши 2025 година со пазарен удел од 67% во Северна Македонија и 29% во Косово, надминувајќи ги планираните цели за профитабилност. Компанијата останува посветена на зајакнувањето на својата лидерска позиција на пазарот, оптимално користење на продуктоводот Солун – Скопје и складишната инфраструктура, како и обезбедување долгорочна сигурност во снабдувањето.
ОКТА продолжува да ја развива својата стратегија за диверзификација, при што значајно вложува и во обновливи извори на енергија. Во текот на годината, компанијата инвестираше 63 милиони денари во проекти од оваа област и се фокусира на максимално искористување на инсталираниот соларен капацитет од 12 мегавати како и идниот систем за батериско складирање. Плановите вклучуваат понатамошно проширување на фотоволтаичните системи и решенијата за складирање.
Корпоративна оштествена одговорност
Во четвртиот квартал, ОКТА дополнително ја зацврсти својата стратешка посветеност кон одржливоста, проширувајќи ги донациите на кровни фотоволтаични системи за образовни институции во Скопје, Битола и Штип. Овие инвестиции ја подржуваат националната цел за зголемување на енергетската ефикасност и обезбедуваат мерливи еколошки продобивки преку значително намалување на емисиите на јаглерод диоксид. Дополнително, компанијата спроведе иницијатива за општествена одговорност кон животната средина, организирајќи акција за пошумување во Националниот парк Јасен, во склоп на тим-билдинг програмата.
Паралелно со овие иницијативи, ОКТА продолжи да го негува и промовира националното културно наследство преку поддршка на реномираните културни фестивали и продлабочена соработка со релевантните културни институции во земјата. Годината ја заокружи со засилен фокус на вклучувањето на заедницата, акцентирајќи ја поддршката за образованието и ранливите групи преку целни донации и општествени иницијативи. За да го сподели напредокот на транспарентен начин и да ја зајакне својата улога како одговорен корпоративен лидер, ОКТА одржа брифинг за медиумите на кој ги претстави клучните достигнувања во текот на годината.
ПР

