Економија
5 милиони евра од ЕУ за фотонапонските електрани „Битола 1“ и „Осломеј 2“
Денес во Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) и АД ЕСМ потпишаа договор за грант – донација од Европската унија, за изградба на две нови фотонапонски електрани – „Битола 1“ со инсталирана моќност од 20 мегавати и „Осломеј 2“ со моќност од 10 мегавати.
Настанот, се одржа во присуство на министерката за енергетика Сања Божиновска, амбасадорот на Европската унија, Михалис Рокас, претставникот на Европска банка за обнова и развој (ЕБОР), Фатих Туркменоглу и генералниот директор на АД ЕСМ Лазо Узунчев, кои се потписници на договорот со кој се означи официјалниот почеток на овие проекти од клучно значење за енергетската транзиција на Република Северна Македонија.
Со овие два проекти, ќе се произведуваат околу 46 гигават-часови електрична енергија годишно, што ќе ги задоволи потребите на над 7.000 домаќинства, истовремено намалувајќи ги емисиите на јаглерод диоксид за 40.000 тони годишно.
„Овие фотонапонски електрани ќе придонесат за енергетската сигурност на нашата земја и ќе ги задоволат потребите на над 7.000 домаќинства. Енергетската транзиција е визија за иднина во која ќе имаме чиста енергија, здрава животна средина и економски просперитет. Реализацијата на овие проекти ќе ја намали емисијата на јаглерод диоксид за околу 40.000 тони годишно и ќе овозможи рекултивација на 45 хектари земјиште во кругот на РЕК Битола и на РЕК Осломеј што директно ќе влијае кон поздрава животна средина за Битола, Кичево и нивната околина“ истакна министерката Божиновска.
Грантот е во висина од речиси 5 милиони евра и го надополнува претходно потпишаниот заем од 25 милиони евра од ЕБОР за развој и изградба на електрани од 30 мегавати во Осломеј и Битола, со што повторно се покажува дека Европската Унија и ЕБОР се еден од најсилните партнери во енергетската транзиција на земјава.
„Повеќе пари ширум светот сега одат во фото-електрани и соларна енергија отколку во сите други технологии за производство на електрична енергија заедно. А овој тренд се гледа и со заложбата на ЕУ за поддршка на АД ЕСМ, со преку 30 милиони евра грантови за финансирање за проекти од ветер, хидро и соларната енергија. Можностите за инвестирање се зголемуваат гледајќи го природниот потенцијал на земјата. ЕУ и нејзините партнери ќе продолжат да го поддржуваат патот на Северна Македонија кон декарбонизација, обезбедувајќи диверзификација и безбедност на нејзините енергетски резерви“, изјави амбасадорот на Европската унија, Михалис Рокас.
„Проектот е доказ за континуираната поддршка на декарбонизацијата на енергетскиот сектор во земјата. Тоа е одличен пример како да се обезбеди алтернативно и одржливо користење на локациите за ископ на јаглен до старите и загадувачки термоелектрани. Со задоволство гледаме дека владата и приватниот сектор ги зголемуваат инвестициите во сончевата енергија и остануваме подготвени да обезбедиме дополнителна поддршка доколку е потребно“, изјави претставникот на Европска банка за обнова и развој (ЕБОР), Фатих Туркменоглу.
Проектите се очекува да бидат завршени до 2026 година, а нивната реализација ќе придонесе за развој на локалните економии и отворање нови работни места.
„Овие проекти освен енергетски – ќе донесат и социјално-економски и еколошки придобивки. Самата изградба на електраните ќе придонесе за развивање на локалната економија преку разни активности на локалните фирми, а по целосната реализација на проектите би се отворила можност за нови вработувања“, рече Лазо Узунчев по потпишувањето на договорот.
Владата и Министерството за финансии ја препознаа важноста од спроведување на овој проект и затоа дадоа поддршка преку издавање гаранција за намирување на обврските и исполнување на одредбите од Договорот за заем со ЕБОР за финансирање на Проектот на ЕСМ за транзиција кон соларни фотоволтаици, во износ од 25 милиони евра. Министерството за европски прашања и секретаријатот на Националниот ИПА координатор се задолжени за координација на Инструментот на Инвестициска рамка за Западен Балкан од каде е одобрен грантот за овој проект.
„Нашата земја потврди дека знае да ги искористи фондовите достапни од 2009 година преку Инвестициската рамка за Западен Балакан. Близу 500 милиони евра се добиени во форма на грантови за вкупна вредност на инвестиции од 3 милијарди евра за проекти од областа на енергетика, но и транспорт, животна средина, човечки капитал и дигитализација. Сега имаме нова рамка преку Реформската агенда и Инструментот за реформи и раст да инвестираме во проекти во енергетика кои ќе бидат нашиот генерациски придонес кон зелената иднина на земјата“ посочи Евгенија Кирковска, раководител на сектор за координација на ЕУ-фондови во Министерство за Европски прашања
Фотонапонските електрани ќе бидат проектирани и изградени од најкомпетитивниот понудувач, во согласност со највисоките европски и светски стандарди.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Директна авиолинија Скопје – Прага, за Божиновска таа е реална врска меѓу двете економии
Со првиот лет на новата директна авиолинија Скопје – Прага, земјава прави значаен исчекор во унапредувањето на меѓународната поврзаност, економската соработка и мобилноста на граѓаните, истакнуваат во соопштението од Министерството за енергетика.
На настанот по повод воспоставувањето на авиолинијата се обрати министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска, заедно со чешкиот амбасадор Јарослав Лудва, генералниот директор на TAV Македонија, Неџат Курт, како и претставници на Wizz Air.
Како претседател на Мешовитата комисија за економска соработка, министерката информираше дека иницијативата за директна авионска линија била покрената на Заедничкиот македонско-чешки состанок во Прага, во март годинава, како дел од пошироката агенда за продлабочување на билатералните односи и олеснување на бизнис-комуникацијата.
Божиновска истакна дека воспоставувањето на директната линија не е случаен потег, туку резултат на јасна визија и конкретна иницијатива.
„Оваа авиолинија е реална врска меѓу две економии, два пазара и две општества. Поврзаноста е предуслов за развој, за мене, оваа линија има и силна лична димензија. На 20 август 1998 година се иселив во Прага, во време кога немаше директен лет меѓу нашите две земји. Поврзаноста беше комплицирана, скапа и временски исцрпувачка. Од 2005 до 2012 година постоеше директна линија и од лично искуство знам колку директната авионска врска значи – не само симболично, туку реално, за животот, за бизнисот и за секојдневната комуникација меѓу луѓето. Затоа, уште од првиот ден како министерка, силно се залагам за продлабочување на врските меѓу Македонија и Чешка и за создавање реални услови што ќе ја олеснат таа поврзаност“ , нагласи Божиновска.
Според надлежните, директната авиолинија Скопје – Прага ќе придонесе за зголемен туристички и деловен сообраќај, подобра мобилност на граѓаните и посилно вклучување на Македонија во европските економски текови.
Авиосообраќајот е важен сегмент од целокупната стратегија за модерна инфраструктура, економски раст и регионална интеграција, при што ваквите проекти се реализираат преку координирана соработка меѓу институциите и приватниот сектор.
Министерката Божиновска ја поздрави соработката меѓу TAV Македонија и Wizz Air, оценувајќи дека таа е пример за ефикасно партнерство кое носи конкретни резултати за граѓаните и економијата.
Економија
Од полноќ нови цени на горивата
Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ) донесе Одлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 2,09% во однос на одлуката од 12.12.2025 година.
Од 16.12.2025 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 73,00 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 75,00 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 66,50 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 65,50 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 32,635 (денари/килограм)
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 како и на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) се намалуваат за 2,00 ден/лит.
Малопродажната цена на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се намалува за 1,00 ден/лит.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се намалува за 0,248 ден/кг и сега ќе изнесува 32,635 ден/кг.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат намалување во просек: кај бензините за 4,932%, кај дизелот за 4,357%, кај екстра лесното масло за 1,790% и кај мазутот намалувањето е за 1,013%.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е понизок за 0,1167%.
Економија
СЕТЕК РОДЕНДЕН во СИНО – блискост, радост и исполнети желби
СЕТЕК го обои овој декември во сино – симбол на блискост, доверба и на вредноста на желбите што си ги упатуваме едни на други. Декември е месец кој поттикнува поврзување и ја истакнува магијата на споделената радост. Денес, многу од тие желби се поврзани со технологијата која го прави животот поедноставен, порадосен и поубав.
Веќе 32 години, СЕТЕК ја следи мисијата – да ги поврзува луѓето и технологијата, да креира успех и да инспирира радост.
Годинава, роденденот на СЕТЕК се поврзува со кампањата Blue December, која ја слави моќта на дарувањето и можноста за блискост со техниката. Поволностите што ги нудиме – роденденски и во текот на целиот месец – не се само обични попусти. Тие се внимателно осмислени решенија за сите кои сакаат да израдуваат некој свој близок, со вистинска вредност, значење и впечаток.
“Упатуваме искрена благодарност до сите кои низ годините се дел од нашата мисија – заедно растеме, се усовршуваме и го приближуваме светот на технологијата до секој човек. Вашата поддршка и доверба ни овозможуваат да продолжиме и да го подобруваме секојдневието на луѓето” – изјавија од Сетек.
Нека овој декември биде исполнет со топли моменти, споделена радост и остварени желби – вистински празнично син. Нека секој подарок, секоја насмевка и секое внимание, поттикне искрена поврзаност што ќе нѐ потсетува колку е важно да бидеме тука едни за други.
Сетек нуди голема палета на улуги како лојална програма, кешбек, премиум достава, можности за кредитирање.
Промотивните попусти ќе бидат достапни во сите салони на Сетек низ земјата, како и онлајн преку веб-страницата www.setec.mk
Придружете ни се во прославата со специјални роденденски попусти!
ПР

