Економија
Опел ќе скрати 8.300 работни места

Германската автомобилска компанија „Опел“ ќе скрати 8.300 работни места од вкупно 50.000 во Европа во рамките на планот за преструктуирање.
Германската автомобилска компанија „Опел“ ќе скрати 8.300 работни места од вкупно 50.000 во Европа во рамките на планот за преструктуирање. Повеќе од половината откази ќе бидат поделени во Германија, соопшти директорот на компанијата, Ник Рејли. Филијалата на американскиот гигант „Џенерал Моторс“ исто така потврди дека го затвора својот погон во Антверпен, што ќе резултира со отпуштање на 2.377 работници. Опел ќе отпушти вкупно 3.911 работници во Германија, од кои 1.799 во Бохум, 862 Руселсхајм, 300 во Кајзерслаутерн. Останатите отпуштени се од администрацијата и одделите за продажба. Шпанија, исто така, ќе биде засегната со скратувањето на 900 работни места во Сарагоса, како и Велика Британија каде ќе бидат отпуштени 519 лица. Џенерал Моторс очекува да добие 2,7 милијарди евра државна помош за да ги оствари своите планови, потврди Рејли. /крај/бгн/ач
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Објавен јавен повик за финансиска поддршка за набавка на трактори

Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство објави јавен повик за доставување на барања за користење на средства од Програмата за финансиска поддршка на руралниот развој за 2025 година, наменет за модернизација на земјоделските стопанства преку набавка на трактори.
Максималната поддршка по корисник изнесува 600.000 денари, поддршката се исплаќа на годишно ниво според реализацијата на деловниот план.
Јавниот повик се однесува исклучително за набавка на трактори – приклучната земјоделска механизација не е покриена.
Право на користење на средствата имаат земјоделски стопанства кои се запишани во Единствениот регистар на земјоделски стопанства во Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство, согласно Закон за земјоделство и рурален развој.
Земјоделци кои во претходните десет години користеле финансиска поддршка за набавка на трактори преку ИПАРД Програмата или Националните програми за рурален развој, не се прифатливи како корисници на оваа мерка.
Крајниот рок за доставување на барањата е 07.07.2025 година.
Економија
Берзите реагираат бурно на расправијата Трамп-Маск, акциите на „Тесла“ паѓаат

На Вол Стрит, берзанските индекси паднаа, главно поради наглиот пад на цената на акциите на „Тесла“, додека пазарот беше поддржан од веста за разговорот помеѓу американскиот и кинескиот претседател Доналд Трамп и Си Џинпинг. Индексот Дау Џонс падна за 0,25 проценти на 42.319 поени, додека S&P 500 се лизна за 0,53 проценти на 5.939 поени, а индексот Nasdaq падна за 0,83 проценти на 19.298 поени.
Акциите на Тесла паднаа за 14 проценти
Цената на акциите на производителот на електрични автомобили „Тесла“ падна за повеќе од 14 проценти, откако јавната расправија помеѓу извршниот директор Илон Маск и Трамп се интензивираше.
Цената на акциите падна во четири од последните пет трговски дена, откако Трамп и Маск ја започнаа својата вербална војна, за време на која „Тесла“ изгуби околу 150 милијарди долари пазарна вредност.
Маск ги засили критиките кон огромниот закон за даночни стимулации на претседателот во последните денови, додека Трамп тврди дека Маск е вознемирен затоа што законот ги елиминира даночните олеснувања за купување електрични возила.
„Последиците за акциите на ‘Тесла’ се очигледни. Но, не гледам никакви значајни последици за остатокот од пазарот, освен мало влијание врз индексите. Генерално, берзата има многу проблеми, но ‘Тесла’ не е еден од нив“, рече Марк Шпигел, менаџер за портфолио во Stanphyl Capital.
Сепак, пазарот беше поддржан од телефонскиот повик меѓу Трамп и Си. Нема дополнителни информации за разговорите, освен дека тие се поканија еден со друг на официјални посети. И тоа беше оценето како позитивно од пазарот, бидејќи неодамнешниот спор околу клучните минерали се закани да го наруши кревкото трговско примирје меѓу двете најголеми економии во светот.
Економија
АД ЕСМ со најповолна понуда за електрична енергија, соопшти „ЕВН хоме“

ЕВН Хоме како универзален снабдувач на електрична енергија, на тендерот за набавка на електрична енергија за задоволување на потребите на корисниците за периодот јули-декември 2025 доби најповолна понуда од АД ЕСМ со купопродажна цена на електрична енергија од 62 евра за мегаватчас, за покривање на 100% од вкупно планираните количини, соопштија од таму.
Оваа цена, како што појаснуваат, е идентична со претходната која беше добиена на последниот тендер на Универзалниот снабдувач (јануари-јуни 2025), кога АД ЕСМ понуди купопродажна цена од 62 евра за мегаватчас.
„Под комплетен надзор на Регулаторната комисија за енергетика и согласно законските обврски и претходно утврдената методологија, во наредниот период ЕВН Хоме ќе ја пресмета цената на електрична енергија по однапред утврдени влезни параметри.
Како и секогаш, во крајната цена влегуваат: цената по која АД ЕСМ ја продава електричната енергија на ЕВН Хоме, цената на Преносниот систем оператор МЕПСО, цената на Операторот на пазар на електрична енергија МЕМО, како и цената на Дистрибутивниот систем оператор Електродистрибуција“, се истакнува во соопштението.