Економија
Audi Q8 – новиот лик во Q-семејството

Audi Q8 ја комбинира елеганцијата на луксуз во купе со четири врати со практична разновидност на голем SUV. Богатно опремен, сеопфатно поврзан и доволно моќен за авантурите надвор од патот, тој е сигурен придружник за бизнис и забава. Audi Q8 доаѓа на европскиот пазар во третиот квартал од 2018 година.
Разновиден, спортски, елегантен: димензиски и просторен концепт
Audi Q8 зрачи со спортска динамика и престиж како ниеден друг SUV од брендот со четирите прстени. Долг од 4,99 метри, широк 2 метра и висок 1,71 метар, SUV-купето е пошироко, пократко и пониско од неговиот сестрински модел Q7. Со меѓуоскино растојание од речиси 3 метри нуди пространа внатрешност која ги удира своите директни конкуренти во најрелевантните димензии вклучувајќи ја должината на внатрешноста и височината. Во задниот дел поставени се три седишта со надолжно приспособување по потреба. Со навалени потпирачи за седишта багажниот простор изнесува 1.755 литри.
Новото присуство на Q-семејството: надворешен дизајн
Со вметнатиот Singleframe во октогонален дизајн, Audi Q8 е новото лице на семејството Q. Решетката за ладилникот стои исправено и заедно со спојлерот, кој е поставен кон предниот дел, и големите високо контурирани воздушни приливи, го нагласува самоуверениот изглед. Елегантно опасната покривна линија завршува во нежно наклонети D-столбови и се потпира на Quattro-лаковите на тркалата, во кои се сместени 22-инчни тркала. Многу детали укажуваат на дизајнот на оригиналниот Quattro. Силните контури и атлетски тесните површини даваат чувство на моќ, софистицираност и посебна динамика на постојаниот погон на сите тркала. Спојлерот, лајсните на лаковите на тркалата, лентите за триење на вратата и дифузорот се во контрастна боја за понатамошно нагласување на надворешниот изглед.
Стандардните LED-фарови го осветлуваат патот со HD Matrix LED-технологија достапна како опција. Тука е и тридимензионалниот потпис на дневните предни и задни светла кои имаат дигитален карактер.
Спортско возачко искуство: суспензија и возење
Audi е Quattro и Quattro е Audi – се разбира, ова се однесува особено на Q8, врвен SUV на брендот. Диференцијалот чисто механички ги пренесува силите на предната и задната оска со сооднос од 40:60 како стандардно. Кога е потребно, пренесува повеќе сила на оската со подобра тракција. Со 254 милиметри простор над земјата, кратките надминувања на пречките и контролата на спуштањето на ридовите значи дека Audi Q8 може да продолжи и по завршувањето на асфалтираните патишта. Суспензијата со контрола на амортизерите е стандардна. Audi нуди адаптивна воздушна суспензија со контролирано амортизирање како опција, со комфор или спортско поставување. Ја приспособува висината на возењето во зависност од ситуацијата на возење и желбата на возачот за 90 милиметри.
Сите погонски системи се особено ефикасни благодарение на новата блага хибридна технологија (MHEV).
Примарниот електричен систем со 48 волти вклучува два важни технолошки модула: литиум-јонска батерија и стартер за појас. За време на сопирањето тој може да врши рекуперација до 12 kW моќ, која ја враќа назад во батеријата. Технологијата MHEV овозможува долги фази на рекуперација со деактивирање на моторот и опсег за старт-стоп, кој започнува на 22 км/ч.
Премиум-внатрешност
Дигиталната прецизност од Audi и високото ниво на интеграција на новиот дизајнерски јазик и техлоногија се лесно забележливи. Audi Q8 го добива и најновиот MMI-мултимедијален уред и комбинација од два големи дисплеја – еден 10,1-инчен, кој се користи за мултимедија и навигација, а под него има уште еден 8,6-инчен дисплеј наменет за климатизацијата, загревањето и внесувањето текст. Во мракот опционалното контурно светло ги трасира карактеристичните линии на дизајнот на ентериерот и обезбедува осветлување за тридимензионалното Quattro-лого лоцирано пред совозачот. Опциите што вклучуваат приспособени контурни седишта со функција за масажа и вентилација, четиризонското автоматско климатизирање и пакетот за квалитет на воздух дополнително го подобруваат елегантен амбиент.
Audi Q8 е врвен и во однос на квалитетот на звукот и конекцијата благодарение на Audi LTE-модулот. Истото важи и за напредниот звучен систем Bang & Olufsen. Тоа обезбедува фасцинантен 3D-звук до сите пет седишта. Музиката се пренесува токму како да е снимена во концертна сала.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Стојаноски: За првпат после долго време, носиме ребаланс во ситуација кога немаме минус, туку имаме зголемени приходи

Бојан Стојаноски, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ, на денешната Комисија за финансирање и буџет, се обрати и истакна дека ребалансот е резултат на анализа, одговорност и јасна визија. Според него, со зголемени приходи и рационално трошење, се вложува во плати, пензии, образование, здравство, транспорт, локален развој и млади. Стојаноски додаде дека ова не е симболика, туку конкретна инвестиција во квалитетен и достоинствен живот за сите граѓани во земјава.
,,Ова е порака, порака за нова економска парадигма, порака за домаќинско водење на државните финансии, порака дека не чекаме кризите да не затекнат, туку со рационален пристап и силна политичка волја ги пренасочуваме средствата таму каде што најмногу треба кај граѓаните. Затоа што буџетот, тоа не се само бројки. Тоа е политика во својата најконкретна форма За првпат после долго време, носиме Ребаланс во ситуација кога немаме минус, туку имаме зголемени приходи“, рече Стојаноски.
Истакна дека со ребалансот се обезбедуваат дополнителни средства за плати 800 милиони денари, пензии 2,5 милијарди денари и капитални проекти 300 милиони денари, со што се засилува економскиот развој.
,,Оваа рамка е показател дека Буџетот не е притиснат и потрошен, туку управуван мудро и рационално. Приходите растат, трошењето е контролирано, а приоритетите се кристално јасни“, кажа Стојаноски.
Тој посочи дека ова ќе овозможи повеќе луѓе со попреченост да живеат во заедницата, а не во институции, а ќе има повеќе лични асистенти, повеќе дневни центри, повеќе услуги достапни во секоја општина. Тој напомена и дека најважно од се е тоа што значи дека младите не се заборавени, туку активно вклучени во секоја социјална политика.
Тој додаде дека овој ребаланс значи вложување во луѓето и иднината, во подобри услови за факултети, студентски домови и училишта, во достапен транспорт и здравство за сите, без разлика каде живеат, во поддршка за културата, енергетска независност и младите. Според него, ова не е трошок туку инвестиција во достоинствен живот.
Економија
Битиќи: Ребалансот e признание дека Владата ја загубила финансиската контрола, со дефицит од 4 проценти, над законскиот лимит

Овој ребаланс е индиректно признание дека Владата ја изгубила фискалната контрола и јасно огледало на продлабочената фискална неодговорност во јавните финансии. Наместо реално прилагодување и развојна ориентација, добиваме документ кој прикрива неизвршени ветувања и скицира нереална економска слика, рече пратеникот на СДСМ, Фатмир Битиќи, на денешната седница за ребаланс.
Тој истакна дека иако дефицитот останува на 4% од БДП, тоа е над законскиот максимум од 3%, а отстапување е дозволено само во вонредни ситуации кои во нашата земја не постојат.
„Владата веќе не контролира фискална рамнотежа и го користи ребалансот како политички инструмент. Дефицитот речиси се удвои за месец и половина, од 13,4 на 27,5 милијарди денари. Таков раст не се случува во економија со здрава фискална дисциплина и е знак за неефикасно управување и неконтролирана јавна потрошувачка. Ако приходите растат по 40%, а расходите достигнаа 44%, дали оваа Влада има план? Или троши сè како да нема утре?“ – рече Битиќи.
Според него, наместо реална прераспределба, ребалансот е само козметика, розово на хартија, а црвено во реалноста. Ова не е буџет со план, туку импровизација за политички цели.
„Новото задолжување од 500 милиони евра и скриените долгови од над 700 милиони евра создаваат дополнителен фискален товар што ја загрозува економската стабилност и ќе мора да се решава во иднина.
Разочарувачки е и нискиот степен на реализација на капиталните инвестиции – само 23%, далеку од ветениот рекорден инвестициски циклус“.
Како што рече, Буџетот се користи како предизборно оружје: зголемувањето на пензиите и платите во јавниот сектор, растот на трошоците за договорни услуги и тројното зголемување на буџетските резерви укажуваат на непотизам, партиски вработувања и нетранспарентна потрошувачка.
Во услови кога јавните финансии се загрозени, ова не е одговорно управување со државните пари, туку краткорочна партиска кампања со ризик за економската иднина на граѓаните.
Економија
Божиновска-Триподи: Македонија е стабилен и предвидлив партнер за големи енергетски проекти со јасна регулаторна рамка

Во рамки на Бизнис форумот „Италија – Северна Македонија“, кој денес се одржа во Скопје, министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, оствари билатерална средба со Марија Триподи, заменичка министерка за надворешни работи и меѓународна соработка на Република Италија.
На средбата беше изразено заедничко задоволство од сè поинтензивната економска и политичка соработка меѓу двете земји, особено во доменот на енергетиката, каде што постои значаен интерес од италијански компании за инвестирање во зелени и одржливи технологии.
Министерката Божиновска ја информираше соговорничката за тековните проекти што ги спроведува Министерството, како и за новите можности за странски инвестиции во обновливи извори на енергија, енергетска инфраструктура и складирање на енергија. Таа истакна дека Северна Македонија станува стабилен и предвидлив партнер за големи енергетски проекти, со јасна регулаторна рамка и амбициозни цели во енергетската транзиција.
Од страна на г-ѓа Триподи беше изразена поддршка за енергетските реформи што ги спроведува земјата и интерес за продлабочување на билатералната соработка преку конкретни проекти и партнерства, како на институционално, така и на деловно ниво.
Двете соговорнички се согласија дека енергетиката претставува стратешко поле за понатамошно поврзување на Северна Македонија и Италија, со можност за заеднички проекти во контекст на регионалната поврзаност, транзицијата кон чисти извори и развој на модерна енергетска мрежа.