Економија
Буковска пипер е новиот македонски президиум првпат на Тера Мадре
Со дефилето на знамињата од 153-ти земји учеснички присуство на преку три илјади делегати и бројни пораки упатени до нив и светската јавност, меѓу кои и оние на првата дама на САД, Мишел Обама и папата Франциск, вчера беше отворено шестото по ред издание на Тера Мадре 2014, а на крај завршниот говор го имаше основачот на Слоу Фуд – Карло Петрини.
Тера Мадре е плод на Слоу Фуд како резултат на нивниот раст и развој и своето убедување дека: “јадењето е земјоделски чин и производството е гастрономски чин”.
Тера Мадре на својот прв состанок во Торино во 2004 година заедно со Салоне Дел Густо се покажаа како одличен спој и поставија камен темелник на еден Меѓународен конгрес кој се одржува на секои две години.
Од денес Македонија ќе презентира производи на два штанда, каде ќе бидат изложени производи од Арката на вкусови- каталог на производи на кои им се заканува опасност од исчезнување. На македонската полица ќе се најдат 23 производи меѓу кои и новиот президиум-буковска пипер.
Президиумите, се проекти преку кои Слоу Фуд работи со групи мали производители на кои им помага да ги решат проблемите со кои се соочуваат, ги обединува изолираните производители, ги поврзува со алтернативни и достапни пазари кои повеќе ја разбираат нивната ситуација и ги ценат нивните квалитетни производи. Президиумот има за цел да го промовира производот, преку продажба на локалниот пазар и презентирање на јавни настани, но и да ги обедини производителите во нивната работа и да ги спои со производители од светот.
За таа цел на годинешното издание на Тера Мадре, президиумот ќе има свој претставник, односно еден од помладите производители кои и натаму ја продолжуваат семејната традиција на производство на буковската пипер. На овој саем каде можат да се видат производи од целиот свет, ќе биде презентирана и буковската пипер, во рецепт кој најдобро го одразува нејзиниот убав и карактеристичен вкус, а кој воедно е и омилен во Буково- помешана со печена сол и суво нане.
Оваа година беше формиран и президиумот Буковска пипер како резултат на иницијативата на конвивиумот Слоу Фуд Битола, кој поради физичката блискост со село Буково имаше најдобра можност да ја разбере потребата од формирање на истиот.
Имено, при крајот на XIX век, производот толчена буковска пипер кој потекнувал од Буково, а по својот квалитет се издвојувал од другите, бил толку застапен на пазарот што зад себе оставил генерично име за секој производ од суви толчени пиперки. Денес пак, на пазарот останува само името, додека количините се намалени и присутни само на локалниот пазар во Битола, а потрошувачите не се доволно информирани поради што не умеат да го разликуваат од останатите слични производи.
Овој производ и денес отскокнува со својот квалитет, што веројатно се должи на начинот на неговото производство, бидејќи малкуте производители кои сé уште го прават, во голема мера се држат до традицијата. Буковската пипер се добива од низи суви пиперки кои се толчат во дрвено кутле, додека пак низите се добиваат од најдобрите зрели црвени пиперки, одгледани грижливо, најчесто ѓубрени природно и малку хемиски третирани, нанижани и исушени под стреите од куќите.
За да се зачува оваа традиција и автохтона сорта на пиперка, Слоу Фуд Битола со поддршка на ГЕФ ПМГ го реализира проектот. /крај/мф/аг
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Гувернерот Трајко Славески учествува на конференција на гувернери во Брисел, во фокус глобалните економски предизвици
Гувернерот на Народната банка, Трајко Славески учествува на конференцијата на гувернерите од Kонституенцата на Меѓународниот монетарен фонд, на која се разгледуваат клучните предизвици и идните насоки на централнобанкарските политики во услови на зголемена глобална неизвесност и променет геоекономски амбиент.
Во фокусот на дискусиите се изгледите за инфлацијата и монетарната политика, како и улогата на централните банки во одржувањето стабилни финансиски системи. Особено внимание е посветено на можните трендови на дерегулација и нивните потенцијални импликации врз финансиската стабилност.
На конференцијата се разговара и за влијанието на технолошките иновации и геостратегиските промени врз економскиот развој и финансиските текови, како фактори што сè повеќе го обликуваат глобалниот финансиски систем.
Во рамките на настанот, се одвива размена на искуства и ставови со гувернери, претставници на европските институции и меѓународните организации, што придонесува кон креирање политики засновани на знаење и соработка, како и кон зајакнување на капацитетите на централните банки за справување со современите економски предизвици и обезбедување стабилен и предвидлив економски амбиент.
Економија
Божиновска на средби со меѓународни партнери за унапредување на енергетиката и рударството
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, денеска оствари низа работни средби со меѓународни партнери со цел продлабочување на соработката и размена на искуства во енергетскиот и рударскиот сектор.
На средба со амбасадорот на Кралството Шведска во Република Северна Македонија, Ола Солстром, беше разговарано за интензивирање на билатералната соработка во секторот рударство, вклучително размена на добри практики од шведски експерти и соработка со македонските универзитети за унапредување на техничките и научните капацитети. Дополнително, на средбата беа разгледани теми поврзани со развој на обновливи извори на енергија и проекти за подобрување на квалитетот на амбиенталниот воздух како дел од заложбите за одржлив економски развој и зелена транзиција.
Министерката Божиновска оствари средба и со амбасадорката на Кралството Холандија, Узлем Џанел, со која разговараа за унапредување на соработката во енергетскиот сектор, вклучително поддршка за обновливи извори на енергија, зајакнување на енергетската ефикасност. Соговорниците ja нагласија важностa од континуирана експертска соработка и размена на иновативни решенија помеѓу двете земји.
Божиновска оствари средба и со преставници на Strategic and Social Research Foundation – Marmara Group. Фокус на разговорот беше организацијата на 29-тиот Евроазиски Економски Самит и официјалната покана до министерката Божиновска за учество на Самитот. На средбата се разговараше и за инвестициони можности во соларната енергија, како и тековните активности и планови на Министерството за енергетика.
Министерката Божиновска ја истакна важноста на овие средби за промоција на Северна Македонија како модерна, инвестиционо атрактивна и еколошки одговорна земја, која континуирано го унапредува енергетскиот и рударскиот сектор и ја зајакнува регионалната соработка.
Економија
Мицкоски: Очекувам убави вести за шеесетина македонски производи да се извезуваат во САД по повластена тарифа
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски денеска одговарајќи на новинарско прашање во однос на очекувањата за поволна одлука за тарифите од САД, изјави:
„Да, очекувам денеска убава вест. Изминативе месеци жестоко преговаравме. Се сеќавате тогаш кога излегуваа голем дел од опозициските, условно кажано, медиуми коишто критикуваа како Македонија добила 34% тарифи, не знам што и не знам како. Очекувам сето тоа да биде потврдено со заедничка изјава денеска. Очекувам поволни вести од таму и очекувам негде околу 63-64 производи коишто се за нас стратешки, да бидат со повластена тарифа којашто ќе биде едноцифрена и ќе се движи меѓу 0 и 6,5%.“
фото/Depositphotos

