Економија
Европската комисија на Гаспром му одобри поголема испорака на гас
Европската комисија (ЕК) и одобрила на руската компанија Гаспром да ја зголеми испораката на гас со ЕУ за десет милијарди кубни метри годишно преку гасоводот Опал, пренесуваат светските агенции.
Преку Опал овој енергенс од гасоводот Северен тек во Германија би и се испорачувал на Чешка, што веднаш наиде на остри критики од страна на Полска и Украина. ЕК тоа го образложила и со одредбата за зголемување на капацитетите на Опал, што ќе им овозможи и на другите заинтересирани компании да се вклучат во испораката на гас преку гасоводот со вкупен капацитет од 36 милијарди кубни метри годишно, јасно потенцирајќи деак се работи за чисто комерцијална одлука која нема врска со политиката.
Медиумите оценуваат дека таквата одлука задира во „политичкиот чвор“ на односите меѓу ЕУ и Русија и го покренува прашањето за најавите на Гаспром дека до крајот на 2019-та година ќе сопре со испораката на гасот до Европа преку Украина, додека Русија и Турција повторно изразиле решителност да го градат моќниот гасовод Турски тек, како можна алтернатива за испораките преку Украина.
Исто така се укажува на острите замерки кои некои членки на ЕУ ги упатиле поради начелно одобрениот договор за западноевропските компании и Гаспром околу изградбата на втората траса на гасоводот Северен тек под Балтичкото море до Германија, додека ЕК сопре со изградбата на гасоводот Јужен тек преку Црно море и Бугарија.
ЕК сега прегова со Гаспром за „пријателска спогодба“, што беше понудено од руската компанија за истрагата која Брисел ја покрена против руските компании околу сомнежите за монополитички потези на пазарот на гас во Европа./крај/мф/бс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Божиновска на средби со меѓународни партнери за унапредување на енергетиката и рударството
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, денеска оствари низа работни средби со меѓународни партнери со цел продлабочување на соработката и размена на искуства во енергетскиот и рударскиот сектор.
На средба со амбасадорот на Кралството Шведска во Република Северна Македонија, Ола Солстром, беше разговарано за интензивирање на билатералната соработка во секторот рударство, вклучително размена на добри практики од шведски експерти и соработка со македонските универзитети за унапредување на техничките и научните капацитети. Дополнително, на средбата беа разгледани теми поврзани со развој на обновливи извори на енергија и проекти за подобрување на квалитетот на амбиенталниот воздух како дел од заложбите за одржлив економски развој и зелена транзиција.
Министерката Божиновска оствари средба и со амбасадорката на Кралството Холандија, Узлем Џанел, со која разговараа за унапредување на соработката во енергетскиот сектор, вклучително поддршка за обновливи извори на енергија, зајакнување на енергетската ефикасност. Соговорниците ja нагласија важностa од континуирана експертска соработка и размена на иновативни решенија помеѓу двете земји.
Божиновска оствари средба и со преставници на Strategic and Social Research Foundation – Marmara Group. Фокус на разговорот беше организацијата на 29-тиот Евроазиски Економски Самит и официјалната покана до министерката Божиновска за учество на Самитот. На средбата се разговараше и за инвестициони можности во соларната енергија, како и тековните активности и планови на Министерството за енергетика.
Министерката Божиновска ја истакна важноста на овие средби за промоција на Северна Македонија како модерна, инвестиционо атрактивна и еколошки одговорна земја, која континуирано го унапредува енергетскиот и рударскиот сектор и ја зајакнува регионалната соработка.
Економија
Мицкоски: Очекувам убави вести за шеесетина македонски производи да се извезуваат во САД по повластена тарифа
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски денеска одговарајќи на новинарско прашање во однос на очекувањата за поволна одлука за тарифите од САД, изјави:
„Да, очекувам денеска убава вест. Изминативе месеци жестоко преговаравме. Се сеќавате тогаш кога излегуваа голем дел од опозициските, условно кажано, медиуми коишто критикуваа како Македонија добила 34% тарифи, не знам што и не знам како. Очекувам сето тоа да биде потврдено со заедничка изјава денеска. Очекувам поволни вести од таму и очекувам негде околу 63-64 производи коишто се за нас стратешки, да бидат со повластена тарифа којашто ќе биде едноцифрена и ќе се движи меѓу 0 и 6,5%.“
фото/Depositphotos
Економија
Премиерот најави стабилизирање на инфлацијата: „Очекувам да се движиме околу 3 проценти“
Премиерот, Христијан Мицкоски, одговарајќи денеска на новинарско прашање за инфлацијата, изјави дека очекува стабилизирање на ценовните движења во 2024 година.
„Како што веќе кажав во неколку наврати, очекувам инфлацијата оваа година да се стабилизира под 3 проценти“, рече Мицкоски.
„Очекувам месечна негативна динамика, односно опаѓање споредено со лани. Во јануари минатата година имавме т.н. кошничка, па очекувам оваа година да се движиме некаде околу 3 отсто – можеби малку под или малку над – но со јасна негативна тенденција месец за месец.“
Тој додаде дека во следните денови се очекува објавување на параметрите од страна на надлежните институции, и нагласи дека Владата спроведува политики што се во интерес на стандардот на граѓаните:
„Водиме домаќински политики, работиме на консолидација на состојбите. Од хаотична ситуација, распаднати институции и уништен систем, дојдовме до точка каде можеме да кажеме дека сме стабилизирани. Сега е време да ја развиваме Македонија каква што ја посакуваат сите граѓани“, додаде премиерот.

