Економија
Асани учествува на генералното собрание на европски железнички инфраструктурни компании

Директорот на Јавното претпријатие Македонски железници Инфраструктура, Ирфан Асани учествува на генералното собрание на Организацијата за европски железници и инфраструктурни компании (CER) која се одржува во Брисел.
За време на Генералното собрание беше потпишана и Декларацијата за социјално вклучување, којашто ги обврзува нејзините потписници, национални институции и организации да ги вклучат и обрнат посебно внимание на лицата кои се соочуваат со социјални потешкотии во однос на железничките станици и пристап кон нив и да се промовира размена на знаења и најдобри практики меѓу потписниците за тоа како се справуваат со лицата кои имаат социјални и финансиски потешкотии за користење на железничкиот сообраќај.
Оваа декларација првично е потпишана во 2008 година од пет железнички компании, во 2012 година ја потпишаа уште седум членки, а на ова Генерално собрание ја потпишале уште неколку нови членки на CER..
Директорот Асани вели дека искуствата од овој настан се скапоцени за македонските железници бидејќи даваат јасна насока каде треба да се движи овој дел од сообраќајот во Македонија во иднина.
Во маргините на ова генерално сообрание остварив средби со директори на повеќе железнички компании со кои разманивме мислења за понатамошен развој на железничката инфраструктура во Македонија. Со некои од нив е најавено и потпишување на договори и меморандуми за соработка“, истакна Асани.
Свое обраќање на ова генерално собрание имаше и Директорот на Директоратот за политики за координација и безбедност, Пер Хаугард, кој ги презентираше резултатите од студијата за опции во безбедноста на европските и меѓународните железнички услуги за превоз со голема брзина.
Исто така беа презентирани и приоритетите за периодот 2017-2020 година во поглед на бизнис секторот, како и имплементација на десетте приоритети усвоени на состанокот со претставници од ЕУ го декември 2016 година.
На Генералното собрание беа разгледани и регулативите на ЕУ и предлозите за нејзини измени./крај/со/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Министерството за енергетика: Методологија за енергетска сиромаштија – Македонија првпат добива јасни критериуми за ранливите домаќинства

Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини доби позитивен одговор од Секретаријатот на Енергетската Заедница за драфт-верзијата на Методологијата за мерење на нивото на енергетска сиромаштија. Во нивниот коментар, беше потврдено дека документот е во согласност со европските стандарди и со обврските кои произлегуваат од Директивата (ЕУ) 2019/944, која ги задолжува земјите да воспостават и објават критериуми за утврдување на енергетската сиромаштија.
Тоа значи дека методологијата е целосно прифатлива за објава, а воедно претставува и прв ваков систематизиран документ во земјава кој ќе овозможи реално мерење и следење на овој феномен.
Со оваа методологија, за првпат се воспоставуваат јасни критериуми за препознавање на ранливите домаќинства – како што се ниските приходи, високите трошоци за енергија во семејниот буџет и ниската енергетска ефикасност на домаќинствата. Овие параметри ќе бидат основа за понатамошни годишни програми за заштита на ранливите енергетски потрошувачи, велат од Министерството за енергетика.
Зошто е важна методологијата?
· Таа ќе овозможи институциите да имаат јасна слика за обемот и структурата на енергетската сиромаштија во земјата.
· Ќе послужи како основа за креирање таргетирани политики и мерки за заштита на домаќинствата кои најмногу се соочуваат со тешкотии при обезбедување енергија.
· Ќе придонесе кон усогласување со европските практики и стандарди, како дел од пошироката агенда за енергетска транзиција и социјална одржливост.
Министерството за енергетика веќе работи на следните чекори – подготвување на годишна програма за заштита на ранливите потрошувачи, каде методологијата ќе биде централна алатка за дефинирање на приоритетите и интервенциите.
„Со оваа методологија за првпат систематски ќе ја измериме енергетската сиромаштија во земјава. Тоа ќе ни овозможи јасно да ги идентификуваме домаќинствата кои се најпогодени и да креираме прецизни, таргетирани мерки за нивна заштита. Нашата цел е никој да не биде оставен на маргините. Ова е силен чекор напред кон една поправедна и посоцијално одржлива енергетска политика“, истакна министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска.
Со ова, Македонија прави значаен исчекор во градењето на праведна енергетска политика која се грижи за граѓаните и ја става социјалната димензија на енергетската транзиција во фокусот, се додава во соопштението на Министерството за енергетика.
Економија
Премиерот Мицкоски го посети логистичкиот центар на Лидл – инвестиција од 115 милиони евра

Премиерот Христијан Мицкоски денеска го посети Регионалниот дистрибутивен центар на Лидл Северна Македонија во Речица, Куманово, кој е во завршна фаза на изградба и се очекува да отпочне со работа во пролет 2026 година.
Инвестицијата е вредна 115 милиони евра, ќе овозможи отворање на 230 нови работни места, а во изградбата Лидл соработува со над 75 македонски компании.
Покрај премиерот Мицкоски на настанот присуствуваа и вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, министерот за економија и труд Бесар Дурмиши и заменик министерот Марјан Ристески, директорот на Царинската управа Бобан Николовски, директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство Оливер Миланов и градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски.
Милена Драгијска, извршна претставничка на Лидл, изрази благодарност за соработката со Владата, во кои, како што рече гледаат големи партнери.
„Овој логистички центар подразбира свежи производи за македонските потрошувачи во секоја продавница, секој ден. Ова е можност и за македонските производители да ги намалат трошоците, односно да ги складираат своите производи овде како централна локација, а дополнително ние располагаме со механизми за контрола на квалитет, бидејќи гарантираме за свежината и за квалитетот на производите“, изјави Драгијска.
Со површина од 170 000 м2 и оперативна површина од 63 000 м2, ова е најголемиот логистички центар во Северна Македонија. Преку иновативната технологија, стандардите на градба, енергетската ефикасност и начин на работа, со логистичкиот центар се поставуваат нови стандарди за логистичка инфраструктура во Северна Македонија.
Лидл е дел од групацијата „Шварц“, со седиште во Некарзулм, Германија, и е еден од водечките трговци на мало со храна во Германија и Европа. Лидл моментално управува со околу 12.600 продавници и повеќе од 230 дистрибутивни и логистички центри во 31 земја и вработува над 382.400 луѓе.
ПР
Економија
Мицкоски: Трговијата во индустријата е зголемена за 13-14 отсто во јули, споредено со истиот месец лани

Премиерот Христијан Мицкоски денеска одговарајќи на новинарско прашање во однос на тоа дека економијата се опоравува и какви се макроекономските показатели во индустријата, изјави:
„Државниот завод за статистика објави параметар вчера, во којшто вели дека трговијата во индустријата е зголемена за 13-14% во јули, споредено со истиот месец претходната година. И тоа е тренд кој што нѐ следи цела година, но она кое што за мене е забележливо, е фактот што таа трговија во индустријата, во делот на размена со странство е дури и повеќе зголемена, отколку трговијата во индустријата дома.
Кога зборувам повеќе надвор, зборувам за повеќе од 15% и тоа е единствен резултат во Европа каде што имаме толку силна, зголемена трговија во индустријата. И тоа е добар показател, бидејќи јули е првиот месец од третиот квартал. Во првиот квартал имавме 3,2% раст на БДП, во вториот квартал 3,4 иако номиналниот е 7,8. Очекувам во третиот и четвртиот квартал тој раст да продолжи до крајот на годината. Така што ова се сѐ индикатори коишто ние со години наназад, не сме биле ни блиску да ги постигнеме, а камо ли пак да ги коментираме.“