Македонија
Започнува светскиот економски форум во Давос, Македонија повторно без преставник
Швајцарија односно туристичкото место Давос е домаќин на 47-от годишен состанок на Светскиот економски форум (WEF).
Политички лидери, извршни директори на најголемите светски економии, како и светски познати личности, актери и пејачи се очекува да бидат дел од овој форум кој почнува денеска, а ќе трае до 20-ти јануари.
На форумот се очекува да присуствуваат околу 3.000 учесници, од околу 100 земји. Џи Јинпинг ќе биде првиот кинески претседател кој ќе присуствува на годишниот собир на светските и бизнис лидерите на швајцарските Апли во 47-годишната историја.
Учеството на кинескиот претседател, го поздрави и основачот на WEF, Клаус Шваб, кој апелираше до сите годинешни учесници „да го надминат актуелното расположение на раздор и негативизам“.
Иако новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп нема да присуствува на форумот, бидејќи в петок го презема претседателскиот мандат, еден од неговите главни советници, Ентони Скарамучи, веќе утре ќе зборува за новите планови на американскиот претседател.
Извештајот на WEF за глобалните ризици, објавен во пресрет на оддржувањето на форумот, покажаа дека растечката нееднаквост, популизмот и климатските промени, се најголемите ризици за светот во следните десет години.
За само една година од минатогодишното собирање на светската елита во швајцарските Алпи, светот драстично се промени, како најголеми промени изборот на Доналд Трамп за американски претседател, одлуката на Велика Британија да истапи од Европската Унија, како и длабокото незадоволство на јавноста од процесот на глобализација.
Од регионит како и минатата така и оваа година во Давос ќе биде и српскиот премиер Александар Вучиќ, додека пак Македонија 14 година по ред нема да присуствува на ова светско случување.крај/мф/дѓс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Трипуновски: Со новата Програма воведуваме ред и правична распределба на субвенциите
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски на собраниската говорница истакна дека опозицијата шири паника и дезинформации меѓу македонските земјоделци.
„Во изминатите денови сведочиме на класичен модел на политиканство од страна на опозицијата, наместо дебата, се пласираат лаги и манипулации со цел да се создаде хаос во македонскиот аграр“, истакна министерот.
Тој нагласи дека измените во Програмата за директни плаќања за 2026 година не значат кратење на субвенциите, туку воведување ред и правична распределба на средствата што ги обезбедува државата.
„Целта е финансиската поддршка да заврши кај вистинските земјоделци“, појасни министерот Трипуновски.
„Со измените се предвидува зголемување на минималните прифатливи прагови за користење субвенции. И тоа кај овошните и лозовите насади од 0,2 на 0,5 хектари, додека кај житните култури прагот е зголемен на 0,7 хектари. Во сточарството е предвидено минимум три крави, 30 кози, 30 овци и 30 пчелни семејства“, додаде тој.
Министерот појасни дека овие измени нема да се применуваат веднаш. Земјоделците кои моментално не ги исполнуваат новите услови ќе имаат преоден период од две години за да се усогласат.
„Манипулациите дека малите земјоделци ќе останат без субвенции се неточни. Напротив, даваме време и поддршка за нивен раст и окрупнување, со цел поголема рентабилност и зголемено производство“, истакна тој.
Согласно податоците на Државниот завод за статистика, во делот на примарното земјоделско производство и преработката е евидентиран позитивен биланс, што, како што посочи министерот е дополнителен мотив за реформи во секторот.
Министерот Трипуновски додаде дека една од новините е и обврската најмалку 30% од произведениот род да биде предаден во регистрирани откупни или преработувачки капацитети. Со тоа ќе се спречат злоупотреби од лица кои поседуваат земјиште го даваат под наем, не произведуваат, а користат субвенции.
„Се зајакнува теренската контрола преку вклучување на капацитетите на Државниот инспекторат за земјоделство како поддршка на Платежната агенција. Посебен фокус ќе има кај долгогодишните насади и сточарството“, посочи министерот.
Министерот Трипуновски истакна дека пред и по донесувањето на Програмата, одржани се бројни состаноци со земјоделските здруженија, кои биле информирани за новините и истите ги поздравија.
„Владата останува целосно посветена на развојот на македонскиот аграр“, порача министерот Трипуновски.
Економија
Спасовски: Ако не се покачи минималната плата, Македонија ќе остане без своите работници
Координаторот на пратеничката група на СДСМ, Оливер Спасовски, на денешната собраниска седница укажа дека доколку не се покачи минималната плата, Македонија ќе се соочи со недостиг на работна сила.
„И сега дури и немаме доволно работници, од други причини. Ако не продолжи растот на платите, ќе имаме уште поголем проблем, затоа што никој повеќе не може и не сака да работи без пари“, рече Спасовски.
На собраниската седница на која на дневен ред е предлог-законот на СДСМ и коалицијата за изменување и дополнување на Законот за минимална плата, со кој се предлага минималната плата да се зголеми на 600 евра, Спасовски нагласи дека покачувањето на минималната плата на 600 евра е прашање на консензус бидејќи се работи за интересите на граѓаните.
„Ако за Изборниот законик, кој директно ги тангира политичките партии и нивните интереси, можеме да постигнеме консензус, тогаш кои сме ние да не постигнеме консензус кога станува збор за граѓаните? Дали сме поважни ние како политички субјекти или се поважни граѓаните и нивниот животен стандард? Прво треба да седнеме и да постигнуваме договор за прашањата што ги засегаат луѓето, за нивните плати, за нивната егзистенција, за нивната сигурност. А не консензус да правиме само таму каде што се во прашање партиските интереси“, рече Спасовски.
Во образложението, Спасовски посочи дека кога се зборува за минимална плата и за создавање систем, треба да се има кредибилитет во однос на тоа што се предлага. Тој потсети дека благодарение на јасно воспоставениот систем во периодот на владата на СДСМ, минималната плата растеше.
„Во 2012 година, кога ВМРО-ДПМНЕ беше на власт, минималната плата беше 8.050 денари. Кога се презеде власта, во 2017-та беше 10.080 денари, а во 2017 година расте на 12.000 денари, па понатаму континуирано расте благодарение на системот што беше воспоставен, за да во 2024 година имаме минимална плата од 22.567 денари. Фактот дека минималната плата пораснала од 8.000 на 22.567 денари дава кредибилитет токму на СДСМ и коалицијата кои направија систем за раст на минималната плата“, рече Спасовски.
Тој потсети дека кога владата на СДСМ го носеше решението за раст на минималната плата, тогашните функционери на ВМРО-ДПМНЕ беа против таквото законско решение.
„Сегашниот гувернер на НБРМ, Трајко Славески, и ден-денес вели дека била погрешна политиката да се гради систем за раст на минималната плата и дека треба да живееме во времето во кое ВМРО-ДПМНЕ продаваше басни низ светот дека евтината работна сила ќе донесе инвеститори во Македонија. Тоа време заврши. Со години ги плашевте фирмите дека ако се зголеми минималната плата ќе пропаднат, а ги плашевте и работниците дека ако се зголеми минималната плата ќе останат без работа. После толку години од тој систем се покажа следново – фирмите наместо да пропаднат, растат, затоа што се зголемува продуктивноста на трудот, а работниците ги задржаа работните места“, рече Спасовски.
Притоа, Спасовски додаде дека барањето на синдикатите е оправдано, бидејќи трошоците на живот во секоја ставка рапидно растат.
„Прехранбени производи, здравствени услуги, комунални услуги, енергетика – сè има раст. Вие сте две години власт, ги имате институциите на системот, ги имате скоро сите општини под контрола. Ако не знаете, прашајте ги вашите градоначалници во колку општински совети доставија предлози за зголемување на комуналните такси на јавните претпријатија. И ќе ви биде јасно дека трошоците и понатаму растат и тие одлуки не се носат за да Владата ги плати тие трошоци, трошоците ги плаќаат граѓаните. И оттука доаѓа и барањето на синдикатот минималната плата да се зголеми на 600 евра, па понатаму да имаме и систем на раст на платите“, рече Спасовски.
Економија
Економијата е стабилна, инфлацијата се движи кон 2,5 проценти – оценка од средбата во Народната банка
Заменик-министерот за економија и труд Марјан Ристески и директорот на Државниот пазарен инспекторат Влатко Стојкоски остварија работна средба со Гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, на која дискутираа за клучните макроекономски показатели во државата, ценовната и финансиската стабилност, како и тековите на инфлацијата.
Соговорниците оценија дека економијата е стабилна и бележи солиден раст, а стабилниот курс на денарот во однос на еврото претставува важен фактор за зачувувањето на довербата во економијата, финансиската стабилност и конкурентноста на домашната економија.
Во однос на инфлацијата и ценовните флуктуации, соговорниците оценија дека веќе неколку месеци наназад се бележи стабилизирање на ценовните движења, а се очекува овие трендови да продолжат и во наредниот период. Проекција на Народната Банка е дека годишната инфлацијата ќе изнесува 2,5 проценти, додека на среден рок ќе се врати на историските 2 проценти.
Ристески, Стојкоски и Славески се согласија дека добрата соработка и координација помеѓу Народната банка, Министерството за економија и труд и Државниот пазарен инспекторат се значајни за носењето и спроведувањето на дел од политиките со кои се поттикнува економскиот развој на земјата.
Заменик-министерот Ристески на гувернерот Славески и вработените во Народната банка им го честиташе големиот јубилеј – 80 години од формирањето на оваа институција, јубилеј што сведочи за долгорочен, динамичен институционален развој. Народната банка е модерна, професионална и кредибилна институција, со високо ниво на доверба кај јавноста и признат углед во меѓународните финансиски и централнобанкарски кругови.

