Економија
Народната банка ги претстави макроекономските проекции пред меѓународната заедница

На видеоконференциски состанок, вчера, беа претставени најновите макроекономски проекции на Народната банка пред меѓународната заедница – дипломатскиот кор и претставниците на меѓународните финансиски институции: Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), Светската банка и Европската банка за обнова и развој (ЕБОР). На настанот учествуваа и претставници на Обединетите нации (ООН), Програмата за развој на ООН (УНДП), Делегацијата на Европската Унија (ЕУ), како и на дипломатските претставништва на Унгарија, Чешка, Украина, Словачка, Бугарија, Соединетите Американски Држави (САД), Кина, Германија, Словенија, Грција, Романија, Швајцарија, Шпанија и Косово.
„Проекциите на Народната банка за темпото на закрепнување на македонската економија и за инфлација се многу блиску до проекциите и на меѓународните финансиски институции и Европската комисија. Народната банка проектира економски раст за оваа година од 3,9%, ММФ и Европската комисија од 4%, а Светската банка од 4,6%. Во однос на инфлацијата, за оваа година, Народната банка проектира раст од 3,1%, што е идентично и со проекцијата на ММФ и слично на проекцијата на Европската комисија од 3,3%, а Светската банка проектира умерено пониска инфлација од 2,4.“ – беше истакнато на состанокот, откако се водеше и дискусија за оцените и очекувањата на централната банка.
Во презентацијата, гувернерката, Анита Ангеловска-Бежоска, посочи дека макроекономското сценарио и ризиците околу него и овојпат се условени пред сѐ од натамошните случувања поврзани со здравствената криза, нарушувањата во глобалните синџири на снабдување и производство и актуелната енергетска криза.
Меѓу другото, Ангеловска-Бежоска се осврна и на очекувањата за натамошен солиден кредитен и депозитен раст. Како што посочи, се очекува кредитна активност на банкарскиот сектор, којашто ќе го поддржи закрепнувањето на економијата. Според проекциите, кредитната поддршка оваа година ќе изнесува 7,1% и постепено ќе забрза достигнувајќи околу 8% на среден рок. Слични се очекувањата и за движењето на депозитите.
Претставувањето на макроекономските проекции на Народната банка пред дипломатскиот кор и претставниците на меѓународните финансиски институции е редовна практика, а имајќи ги предвид околностите со пандемијата, по третпат се одржа преку видеоконференциска врска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Мицкоски: Имаме раст на извозот, градежништвото и туризмот гарантираат раст на БДП и подобар стандард на граѓаните

Во одговор на новинарско прашање, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, истакна дека увозот е многу помал за околу 8% во евра, или за 12-13% во долари, додека пак извозот е во пораст во евра 23%, додека пак во долари е 28%.
„Ако ги споредите првите два месеци април и мај од оваа година, со првите два месеци април и мај од 2024 година, длабоки анализи правиме, ќе видите дека за 80 милиони долари е намален трговскиот дефицит, а тоа е цели 13% и тоа ќе учествува во БДП. Ако на тоа се додаде растот на индустриското производство коешто е во просек за април и мај, првите два месеци од вториот квартал 5,5%, а само во мај 9,4%’’, истакна Мицкоски.
Мицкоски додаде дека растот на туризмот и градежништвото, ќе доведат до зголемување на животниот стандард на граѓаните, но и зголемување на бруто домашниот производ.
„Растот на туризмот повеќе од 20%, инвестициската активност повеќе од 15%, растот и бумот во градежниот сектор, сето тоа нас ни гарантира еден успешен резултат за БДП во вториот квартал којшто очекувам да продолжи и во третиот и четвртиот квартал’’, заклучи Мицкоски.
Економија
Македонската „Green Machines“ ја зацврстува дистрибутивната мрежа во САД

Green Machines на БРАКО, познат по своите иновативни еколошки возила за чистење на јавни површини, бележи сериозен раст на американскиот пазар со мрежа на реномирани дистрибутери низ повеќе од 30 американски сојузни држави.
Најнов партнер е компанијата Mar-co Equipment од регионот на Лос Анџелес, која стана ексклузивен дистрибутер за Јужна Калифорнија.
Моментално, Green Machines има дистрибутери во следниве американски држави:
Owen Equipment – Вашингтон, Орегон, Северна Калифорнија, Невада, Ајдахо, Монтана, Јута, Колорадо, Ново Мексико
Industrial Disposal Supply – Тексас
Mar-co Equipment – Јужна Калифорнија
United Rentals – достапен низ сите држави и територии на САД
Grainger – достапен низ целата територија на САД
Equipment Depot – Луизијана, Мисисипи, Кентаки, Индијана, Охајо, Пенсилванија, Масачусетс, Конектикат, Њу Џерси, Мејн, Вирџинија, Милвоки, Висконсин, Флорида, Орегон, Вашингтон
Van Keppel – Канзас, Арканзас, Илиноис, Висконсин, Ајова
Овој успех претставува уште еден доказ за конкурентноста на македонскиот индустриски производ и неговата технолошка супериорност. Со новите дистрибутерски партнери, Green Machines продолжува да ја шири својата глобална визија за почисти, поеколошки и поефикасни урбани средини.
ПР текст
Економија
Муцунски: Владините политики за извоз даваат резултати – раст од 23,44 отсто во мај

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, утрово на социјалните мрежи сподели податоци за кои рече дека го потврдуваат ефектот од економските политики на Владата, при чија реализација значајна улога има и Министерството што го предводи. Статистиката покажува стабилни и позитивни трендови во извозот, дури и во услови на стагнација на европскиот пазар.
Според објавените податоци, македонскиот извоз во мај 2025 бележи раст од 23,44 проценти, додека за првите пет месеци од годината порастот изнесува 3,15 отсто. Во истиот период, увозот е зголемен за само 1 отсто, што упатува на стабилен трговски биланс и позитивно салдо.
„Податоците укажуваат на значително поголем извоз од увоз – што значи повеќе свеж капитал во државата, зајакната девизна позиција и дополнителен поттик за економски раст. Зголемениот извоз отвора нови работни места, го зајакнува домашното производство и ја зголемува конкурентноста на македонските производи“, напиша министерот Муцунски.