Економија
Туристичко-угостителската комора бара финансиска помош и протоколи за работа

Финансиската помош која се обезбедува за поддршка на реалниот сектор да има континуитет, како и да се обезбедат протоколи за работа за сите дејности кои се дефинирани во Националната класификација на дејности бара Туристичко-угостителската комора при Сојузот на стопански комори на Македонија.
„Секторот угостителство се соочува со многу предизвици и отежнати услови за работа, како и со целосно отсуство на протоколи за голем број други дејности. Во такви околности потенцираме дека е неопходен континуитетот на економските мерки со цел задржување на работните места и на деловните субјекти. Со изминување на месец јануари, а во недостиг на петтиот пакет мерки кој се однесува на првиот квартал од 2021 година, повторно се доведуваме во состојба да бидеме оставени без финансиска поддршка, како што тоа се случи во неколку наврати и минатата година. Но овој пат секторот се наоѓа во многу потешка состојба поради што многу угостители ќе мора да ги затворат своите објекти, а континуирано напоменуваме дека тоа ќе се одрази штетно и на околу 30.000 вработени во овој сектор“, изјави Мартин Ангеловски, потпретседател на ТУК и упати апел петтиот пакет на економски мерки да се донесе во најкус можен рок и да се направи обид мерките да се ефектуираат од месец јануари.
Најголем број угостители се придржуваат до мерките за заштита од ширење на пандемија кои Владата ги носи по препорака на Комисијата за заразни болести. Но и покрај тоа во месеците март, август и септември минатата година секторот сам се снаоѓаше бидејќи немаше континуитет во обезбедување на економските мерки за поддршка, велат од Комората.
Исто така, како што додаваат, од 6.500 правни субјекти во угостителскиот сектор само 132 добиле комбинирана помош, односно поддршка за исплатата на плати и неповратна финансиска помош во форма на грант за покривање на другите трошоци. Овој податок покажува дека дел од претпријатијата добиле помош само за исплата на плати на вработените, додека за другите трошоци во услови на значително намалена деловна активност самостојно обезбедувале средства 11 месеци.
ТУК ги охрабрува надлежните институции јавно да ги објават податоците за искористеност на средства од финансиската помош во угостителството, како по број на субјекти така и во апсолутни суми за да може да се добие реална слика за димензијата на поддршката што се дава и очекувањата во наредниот период.
„Важна активност која очекуваме да се завршени од надлежните институции и од која ќе зависи одржување на дел од дејностите е и подготвувањето на прецизни протоколи за работа кои би можеле да најдат соодветна примена и за друга следна состојба. Иако речиси една година како е прогласена пандемијата ние сè уште немаме протоколи за најголем број од дејностите. Во таа група се и рестораните за прослави и клубовите кои се затворени повеќе од 300 денови и за кои се уште нема никаков протокол за работа. Поради оваа состојба не само што сега не може да се реализираат деловни активности, туку не може ниту се прават планови и проекции за наредниот период. Поради целокупната ситуација станува прашање на недели кога ќе почнат да згаснуваат угостителски објекти поради наталожените долгови, а со тоа ќе се зголемува и бројот на оние кои ќе останат без егзистенција“, изјави Ангеловски.
Тој истакна и дека ТУК активно ги следи и глобалните случувања во секторот.
„Се надеваме дека во наредниов период кој е исклучително тежок и чувствителен за угостителството, нема да се дозволи целата мака, солидарност и пожртвуваност која се покажа од огромен број луѓе, да биде без цел. Ја охрабруваме Владата, за поголема ажурност и свесност за проблемите во кои се наоѓа овој сектор, затоа што на крајот, тие проблеми се заеднички и доколку соодветно, навремено и до крај не се решат, последиците ќе бидат долгорочни и ќе погодат голем број граѓани. Иако угостителството во моментот е еден од најпосакуваните дејности, може да се спаси, ако сите бидат на висина на задачата“, истакна Ангеловски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Славески на средби со ММФ: Мерките на Народната банка придонесуваат за постепено намалување на инфлацијата и задржување на финансиската стабилност

Гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, во рамки на Годишните средби на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) и Светската банка, што се одржуваат во Вашингтон, оствари низа билатерални средби со високи претставници на ММФ. На средбите присуствуваше и министерската за финансии Гордана Димитриеска Кочоска.
Славески се сретна со заменик-директорот на ММФ Бо Ли, директорот на Европскиот оддел во ММФ Алфред Камер, извршниот директор Јерон Клик, заменик-директорите Марникс ван Рај и Владислав Рашкован и шефот на Мисијата на ММФ за нашата земја Ник Гигинеишвили.
На средбите, високите претставници на ММФ го поздравија приклучувањето и реализацијата на првите трансакции во СЕПА, како и потпишувањето на Писмото на намери со Банката на Италија за развивање на клон на ТИПС системот на ЕЦБ за земјите од Западен Балкан за натамошна модернизација и овозможување инстант плаќања во домашните, меѓусебните прекугранични плаќања и плаќањата со другите земји во СЕПА.
На средбите се разговараше за најновите макроекономски случувања во земјата, како и за очекувањата за идните движења. Славески истакна дека Народната банка е цврсто посветена на одржувањето на ценовната стабилност, за што се осврна на мерките преземени од страна на централната банка во насока на остварувањето на оваа цел. Дополнително, гувернерот ги образложи новите макропрудентни мерки донесени од страна на Народната банка насочени кон понатамошно одржување на финансиската стабилност.
Претставниците на ММФ посочија дека прудентната монетарна политика што ја спроведува Народната банка придонесува за ефективно управување со ризиците и постепено намалување на инфлацијата, при што создава услови за стабилен економски раст, што се потврдува и со најновите проекции на ММФ за македонската економија, со очекуван растот годинава од 3,4%, а за следните години одржување на нивото околу 3%. Истовремено, инфлацијата се очекува во континуитет да продолжи да забавува и да се сведе на историското ниво од околу 2% на среден рок.
Во разговорите беше потврдена и континуираната успешна соработка меѓу Народната банка и ММФ. Во изминатиот период, преку техничките мисии на ММФ беа реализирани повеќе активности за модернизација на монетарните операции, подобрување на проекциите за ликвидноста на банкарскиот систем и зајакнување на супервизорските капацитети на Народната банка. Со тоа се зголеми ефикасноста и предвидливоста во спроведувањето на монетарната политика, како и отпорноста на банкарскиот систем на потенцијални ризици. Соработката со ММФ ќе продолжи и во наредниот период, со цел понатамошно усогласување со меѓународните стандарди и унапредување на аналитичките и оперативните капацитети на Народната банка.
Економија
Ѓорѓиевски: Регионалниот пристап за земјите од Западен Балкан е можност за раст на економиите и подобро позиционирање на европскиот пазар

Делегација на Сојузот на стопански комори на Македонија учествуваше на дводневната престижна конференција во Будва, Република Црна Гора организирана по 14 пат од страна на Стопанската комора на Црна Гора. Во рамките на конференциите ЕЕN – IFNNO на која покрај презентациите за европските проекти се остварија значајни контакти на групацијата за проекти при ССКМ со потенцијалните партнери и донатори од Европската Унија за идна соработка.
На маргините од првиот ден претседателот на ССКМ , Горан Ѓорѓиевски со делегацијата оствари средба со министерот за земјоделство, шумарство и води на Црна Гора, Владимир Јоковиќ. На средбата се потврди подготвеноста за соработка во aгро сегментот, заедничка соработка и споделување на искуства во развојот на руралниот туризам како неискористен потенцијал на двете земји. Се искажа подготвеност за заедничка соработка во аплицирањето на европските проекти како и соработката во споделување на искуства од страна на ССКМ со министерството за земјоделиe, шумарство и водостопанство на Република Црна Гора.
Претседателот на ССКМ Ѓорѓиевски истакна дека идниот период потребно е двете земји да се фокусираат за зголемување на меѓусебната економска размена, развој на aгро сегментот, фокус на aгро и екотуризмот кој ќе доведе до успорување на миграцијата и намалување на притисокот во делот на човечките ресурси.
Покрај излагањето на врвни експерти за економија на конференцијата кои ги трасира идните чекори кон раст на регионот, на маргините од вториот ден Ѓорѓиевски оствари средба со претседателката на стопанската комора на Црна Гора, Нина Дракиќ, на која се предложија поголем број од иницијативи за развој на човечките ресурси како клучен елемент на идниот развој на бизнисите на двете земји, организирање на В2В состаноци во најзначајните економски сектори на двете земји, заеднички настап на европски проекти како и зајакнување на регионалниот пристап како клуч на успехот за економии на двете земји.
Ѓорѓиевски на средбата истакна дека во периодот пред нас потребно е да се изградат уште поцврсти мостови на соработка помеѓу двете бизнис комори во повеќе економски гранки од кои во следните години се очекува најзначаен удел во Бруто домашниот производ на Република Македонија и Република Црна Гора.
Економија
Електродистрибуција ја зајакнува нисконапонската мрежа со инвестиции над 10 милиони евра

Екипите на Електродистрибуција, во првите 6 месеци од 2025 година, успешно реализираа повеќе инфраструктурни проекти насочени кон модернизација и подобрување на нисконапонската мрежа.
Главниот фокус на овие активности е зголемување на стабилноста на системот, намалување на загубите и воведување современи решенија во управувањето со дистрибутивната мрежа.
Во рамки на проектите беа поставени 135 километри нова нисконапонска мрежа, заменети старите столбови и проводници, како и инсталирани нови далечински уреди за мерење на нови локации.
Вкупната вредност на инвестициите за овој период изнесува 10,4 милиони евра, додека дополнителни 2 милиони евра се планирани до крајот на 2025 година. Со овие инвестиции, Електродистрибуција ја зајакнува дистрибутивната мрежа и поставува уште постабилна основа за понатамоштен развој на енергетскиот систем.
ПР