Македонија
Што се гори во печките на „Дрисла“ и каде се инспекторите, прашуваат активистите

Што се гори во печките на „Дрисла“, што се складира, каков отпад и каков е третманот на тој отпад, дали се запазуваат законите и стандардите, се дел од прашањата кои активистите од „Движењето за чист воздух“ вчера ги доставиле до раководството на скопската депонија. Тие исто така бараат од „Дрисла“ и од Град Скопје да одговорат дали имаат прецизна листа на компании кои депонираат отпад и каков вид отпад, а доколку одговорот е потврден, тие прашуваат дали „Дрисла“ го согорува тој отпад.
Активистите што минатата недела направија петнаесетминутна блокада пред влезот на „Дрисла“ повикуваат на одговорност и транспарентност околу прашањата кои создадоа голем сомнеж во јавноста дека еден од главните причинители за енормното загадување на Скопје е незаконското и несовесното менаџирање со отпадот во „Дрисла“.
„Ние членовите на ‘Движењето за чист ВОЗДУХ’ на 01.02.2019 при блокадата на ЈП ‘Дрисла’ ги поставивме следниве прашања и ве молиме да ни одговорите на истите: Што се гори во печките на ‘Дрисла’, што се складира, каков отпад и каков е третманот на тој отпад, дали се запазуваат законите и стандардите? Дали ЈП ‘Дрисла’ и Град Скопје имаат прецизна листа на компании кои депонираат отпад и каков вид отпад? Доколку одговорот е позитивен, дали евентуално ЈП ‘Дрисла’ го согорува тој отпад? Дали ЈП ‘Дрисла’ се придржува кон максималниот капацитет на горење на печката? Колкава е температурата на печката за согорување на медицинскиот отпад? Имајќи предивид дека водениот филтер како филтрациска технологија е апсолутно неадекватен за гасниот дел на филтрацијата дали и кога е извршено мерење на гасната структура на филтерот? Каде можат да се видат тие податоци?“, пишува во барањата на активистите.
Тие бараат одговорност и од надлежните државните органи и прашуваат: каде се инспекторите? Дали некогаш биле вклучени граѓански екоактивисти при реализација на инспекциски надзор?
„Дали имате обезбедено 24-часовен надзор на работата и влијанието на депонијата врз околината и дали подлежите под таков 24-часовен мониторинг? Дали има ноќни и ненајавени контроли. Кога ќе биде набавен одамна најавениот нов инценератор и какви карактеристики и спецификации поседува, односно кое регулациско тело ги има пропишано истите? Дали сте ги преземале и спровеле законски пропишаните регулативи за мерење на влијанието на трите медиуми: воздух, почва и подземни води? Што точно содржат тие во ‘Дрисла’ и околината на ‘Дрисла’? Имајќи го предвид фактот дека сè уште немате постројка за третман на опасни отпадни води и исцедоци каде завршува контаминираната вода, колкава количина е излеана до денес и на кој начин е депонирана?“, прашуваат активистите.
„Движење за чист воздух“ очекува дека одговорите ќе ги добие во рок од 7 дена, а доколку одговорот не го добијат во овој временски рок, тие велат дека ќе преземат други активности вклучувајќи долготрајни блокади.
Во битката за намалување на загадувањето тие ќе ги поддржат протестите на иницијатива „Канцерогено општество” што ќе се одржи в сабота пред Собранието.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Првите четири банки од земјава впишани во регистарот на Европскиот совет за плаќања – започнува членувањето во СЕПА

Европскиот совет за плаќања (ЕПС) ги впиша првите четири банки од нашата земја – станува збор за три големи и една средна банка – во регистарот на учесници во шемата за кредитни трансфери на СЕПА. Овој важен чекор е резултат на успешно поднесени барања од страна на овие банки, а со тоа официјално започнува и членувањето на нашата земја во СЕПА.
Овие банки ќе започнат со вршење на кредитните трансфери во СЕПА од 6 октомври 2025 година.
Се очекува и останатите осум деловни банки, кои најавија дека ќе поднесат барања во периодот од јуни до август оваа година, ќе бидат впишани во регистарот на ЕПС и ќе започнат со вршење на плаќањата во рамките на СЕПА до 6 октомври.
Да потсетиме, на 6 март 2025 година ЕПС го прифати барањето за членство коешто го достави Народната банка за нашата земја, со што станавме членка на Единствената област за плаќање во евра (СЕПА). Со ова се овозможи приклучување на домашните банки во европските платежни шеми преку кои се извршуваат плаќањата во евра, во географски опсег од 41 земја членка.
Интеграцијата на банките од земјава во европскиот платежен екосистем носи бројни придобивки за граѓаните и за компаниите – пред сѐ побрзи, поефикасни и поевтини прекугранични плаќања во евра, како и поголема економска поврзаност и активност.
Народната банка, како институција којшто ги координираше активностите за членство во СЕПА, останува целосно посветена на процесот на интеграција на банките и ќе продолжи редовно и навремено да ја информира јавноста за постигнатиот напредок.
Економија
Владата: Исплатени се субвенции на 70.000 земјоделци во вредност од повеќе од 9 милијарди денари

Исплатени над девет милијарди денари субвенции на над 70.000 земјоделци.
Владата соопшти дека се врши редовна исплата на субвенциите и со тоа им се дава директна поддршка на земјоделците да продолжат со своето производство.
„За една година, Владата и МЗШВ успеа да ги исплатат заостанатите субвенции на земјоделците за сите категории од 2021, 2022, 2023 година, а се исплаќаат и тековните субвенции. Покрај ова, како Влада успеавме да ги подобриме земјоделските политики и наместо земјоделските производи да се фрлаат, истите сега се откупуваат по пристојни цени од страна на откупувачите. Промените се очигледни. Тие се случуваат. Времето на промените е тука, работиме и ја вреднуваме маката на земјоделците“, велат од владината прес-служба.
Се додава дека оваа Влада е земјоделска и земјоделците после седум години конечно имаат партнер.
Економија
Од полноќ поскап дизел

Од полноќ максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
– Моторен бензин – ЕУРОСУПЕР БС – 95 – 76,00 (денари/литар)
– Моторен бензин – ЕУРОСУПЕР БС – 98 – 78,00 (денари/литар)
– Дизел гориво – ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) – 72,00 (денари/литар)
– Масло за горење – Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) – 70,00 (денари/литар)
– Мазут М-1 НС – 40,928 (денари/килограм)
Малопродажнaта цена на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) се зголемува за 2,00 ден/лит.
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98, на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) и на Мазутот М-1 НС не се менуваат.
Ова се максималните цени на нафтените деривати од 00:01 часот на 21.6.2025 година. Трговците на големо и трговците на мало со нафтени деривати и горива за транспорт можат да ги формираат цените на одделни нафтени деривати и горива за транспорт и пониско од највисоките утврдени цени.