Македонија
(Видео) Арсовска четирипати распишала оглас за партиципативното тело за ГУП што не e нејзина надлежност и трипати го поништила
Дури четирипати градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, иако не е нејзина обврска, распишувала огласи за формирање на партиципативното тело, кое треба да го следи процесот на подготовка на новиот генерален урбанистички план (ГУП) за Скопје. Тој доцни веќе една година оти претходниот беше усвоен за периодот 2012-2022 година, но останува да важи сè до усвојување нов план за кој активностите сè уште се во подготвителна фаза. Формирањето на партиципативното тело е само една од алките во синџирот обврски за усвојување на новиот ГУП, која треба да се заврши во подготвителната фаза оти токму ова тело треба да учествува во одобрување на секоја следна фаза.
Три од огласите што ги распишала градоначалничката за партиципативното тело се веќе се поништени, а за четвртиот се бара начин на кој ќе биде најсоодветно да се поништи. Градоначалничката Арсовска не сака да даде објаснување зошто ги распишува, па ги поништува огласите, не одговара на прашањата од „Макфакс“, но за постапката со огласите ја известила Комисијата за верификација во Советот на Скопје, а Комисијата е далеку потранспарентна. Претседателката на Комисијата за верификација, Марија Андоновска од ВМРО-ДПМНЕ, во детали опишува дека обврска за формирање на партиципативното тело за ГУП има Советот на Скопје преку Комисијата за верификација, а не градоначалничката. Тие како Комисија воопшто и не знаеле дека градоначалничката распишува огласи за партиципативното тело сè додека таа од нив не побарала да го поништат последниот, четвртиот оглас.
„Во однос на генералниот урбанистички план ние како советници немаме никаква информација во однос на активностите што се преземаат во оваа насока. Иако многупати досега сме се обиделе да воспоставиме комуникација со градоначалничката и со Град Скопје, досега не добивме ниту една информација. Единствено што имаме како информација е дека се распишани четири конкурси за партиципативното тело, кое знаете дека е една од законските обврски што треба да следуваат при разгледување на ГУП и претставува нешто што му дава транспарентност на целиот процес бидејќи во тоа тело треба да членуваат луѓе што се експерти, граѓани и така натаму. Комисијата за верификација, која е составена од членови на разни политички партии, досега како информација има добиено дека конкурсот за партиципативното тело е распишан веќе четирипати и трипати е поништен. Четвртиот пат сè уште не е поништен и она што сакам да го споменам е дека ние како Комисија немавме никаква информација за сè она што претходело за распишувањето на овие конкурси, а истото тоа е обврска и на самата Комисија“, вели Марија Андоновска, претседателка на Комисијата за верификација во Советот на Скопје.
Партиципативното тело за подготовка на ГУП брои петнаесет члена, од кои шестмина се предлог на градоначалникот, а другите деветмина треба да ги избере Советот на Скопје. Комисијата за верификација треба да распише конкурс за нив, да ги разгледа сите апликанти и да му ги предложи на Советот, кој со гласање ја носи конечната одлука.
„Ние како Комисија за верификација немавме информација зошто градоначалникот и Град Скопје досега распишале четири конкурси, без ние да бидеме информирани. Од тие четири конкурси, три се веќе поништени, а за четвртиот се бара од нас како Комисија за верификација да го поништиме. Ние и тоа ќе го направиме во интерес процесот да продолжи понатаму, но не можеме да го направиме тоа и да бидеме соучесници во некој незаконски спроведен процес, без притоа правниот сектор или градоначалникот нам да ни дадат информација на писмено зошто е тоа направено без знаење, зошто тие како ненадлежни ги отвориле овие огласи, и тоа четирипати, и зошто ги поништиле трипати. Зошто немало никаква транспарентност досега. Да ни ги кажат мотивите и да ни кажат правен начин како ние би можеле да продолжиме понатаму, а од друга страна, да не сме соучесници во еден ваков процес“, вели Андоновска.
Дека активностите за новиот ГУП за Скопје запнале кај партиципативното тело, сведочи и координаторката на советничката група на СДСМ во Советот на Скопје, Љубица Јанчева. На прашањето до каде е постапката за новиот ГУП, таа вели дека е извесна само одлуката за потребата од нов план.
„Постапката е, најверојатно, до одлуката за носење нов генерален урбанистички план, која е донесена веќе во далечната 2019 година. Велам далечната зашто се поминати веќе четири години Земајќи предвид дека во меѓувреме имаше и корона и она што ни се случи со здравствената криза, нема оправдување, крајот на 2023 година сме, ние како Совет да немаме никаква информација. Она што беше во делот на генералниот урбанистички план што досега поминало, во овој советнички мандат е Деловникот, а тој е за партиципативното тело од областа на урбанизмот, кое е една од алките во носење на генералниот урбанистички план. Друго ништо. На нашите советнички прашања повеќепати сме го поставувале ова прашање, никогаш не добиваме одговори. Можеби градоначалничката, еве, на ваков начин ќе се охрабри, па својата улога како градоначалник, како еден од двата органа во Град Скопје, ќе ни даде информација до каде е. Во секој случај, веќе две години доцниме“, вели советничката Јанчева, која за да изгради став за новиот ГУП, ќе ги чека предлозите на стручните лица, но се надева дека она што се случува со Дебар Маало нема да се повтори.
На формирање на партиципативното тело чека и архитектот Мирослав Грчев, кој заедно со тим од Институтот за урбанизам при Архитектонскиот факултет ја изготви планската програма за новиот ГУП, односно документот што ги дава основните насоки за планирање. Грчев вели дека за него не е изненадување тоа што подготовката на ГУП доцни. Планската документација како документ вели дека ја предале во Градот пред една година кога запрела комуникацијата со градските служби.
„Не ме изненадува тоа што ГУП доцни. И уште ќе доцни оти не може преку ноќ да се завршат сите предвидени фази. Велам не ме изненадува оти знам дека има проблеми со формирањето на партиципативното тело за ГУП, а без тоа тело постапката не оди понатаму. Ова тело, на пример, треба да ја одобри планската документација, тоа е првиот документ врз основа на кој се прави планирањето. Ние ја предадовме во Град Скопје пред една година, но еве една година нема партиципативно тело, нема кој да ја одобри, па таа не може официјално да стигне во Агенцијата за планирање на просторот, која го изготвува новиот ГУП за Скопје“, вели архитектот Грчев за „Макфакс“.
Од Комисијата за верификација во Советот уверуваат дека ќе ја продолжат постапката за формирање на партиципативното тело за новиот ГУП, но откога правниот сектор во Град Скопје ќе им посочи законски начин за поништување на четвртиот оглас.
Продолжува…
Со овој текст „Макфакс“ се приклучува кон иницијативата за зголемена транспарентност на институциите што Институтот за комуникациски студии ја спроведува во соработка со медиумите во рамките на проектот „Користи факти“, кој е поддржан од британската амбасада.

©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Спасовски: Ако не се покачи минималната плата, Македонија ќе остане без своите работници
Координаторот на пратеничката група на СДСМ, Оливер Спасовски, на денешната собраниска седница укажа дека доколку не се покачи минималната плата, Македонија ќе се соочи со недостиг на работна сила.
„И сега дури и немаме доволно работници, од други причини. Ако не продолжи растот на платите, ќе имаме уште поголем проблем, затоа што никој повеќе не може и не сака да работи без пари“, рече Спасовски.
На собраниската седница на која на дневен ред е предлог-законот на СДСМ и коалицијата за изменување и дополнување на Законот за минимална плата, со кој се предлага минималната плата да се зголеми на 600 евра, Спасовски нагласи дека покачувањето на минималната плата на 600 евра е прашање на консензус бидејќи се работи за интересите на граѓаните.
„Ако за Изборниот законик, кој директно ги тангира политичките партии и нивните интереси, можеме да постигнеме консензус, тогаш кои сме ние да не постигнеме консензус кога станува збор за граѓаните? Дали сме поважни ние како политички субјекти или се поважни граѓаните и нивниот животен стандард? Прво треба да седнеме и да постигнуваме договор за прашањата што ги засегаат луѓето, за нивните плати, за нивната егзистенција, за нивната сигурност. А не консензус да правиме само таму каде што се во прашање партиските интереси“, рече Спасовски.
Во образложението, Спасовски посочи дека кога се зборува за минимална плата и за создавање систем, треба да се има кредибилитет во однос на тоа што се предлага. Тој потсети дека благодарение на јасно воспоставениот систем во периодот на владата на СДСМ, минималната плата растеше.
„Во 2012 година, кога ВМРО-ДПМНЕ беше на власт, минималната плата беше 8.050 денари. Кога се презеде власта, во 2017-та беше 10.080 денари, а во 2017 година расте на 12.000 денари, па понатаму континуирано расте благодарение на системот што беше воспоставен, за да во 2024 година имаме минимална плата од 22.567 денари. Фактот дека минималната плата пораснала од 8.000 на 22.567 денари дава кредибилитет токму на СДСМ и коалицијата кои направија систем за раст на минималната плата“, рече Спасовски.
Тој потсети дека кога владата на СДСМ го носеше решението за раст на минималната плата, тогашните функционери на ВМРО-ДПМНЕ беа против таквото законско решение.
„Сегашниот гувернер на НБРМ, Трајко Славески, и ден-денес вели дека била погрешна политиката да се гради систем за раст на минималната плата и дека треба да живееме во времето во кое ВМРО-ДПМНЕ продаваше басни низ светот дека евтината работна сила ќе донесе инвеститори во Македонија. Тоа време заврши. Со години ги плашевте фирмите дека ако се зголеми минималната плата ќе пропаднат, а ги плашевте и работниците дека ако се зголеми минималната плата ќе останат без работа. После толку години од тој систем се покажа следново – фирмите наместо да пропаднат, растат, затоа што се зголемува продуктивноста на трудот, а работниците ги задржаа работните места“, рече Спасовски.
Притоа, Спасовски додаде дека барањето на синдикатите е оправдано, бидејќи трошоците на живот во секоја ставка рапидно растат.
„Прехранбени производи, здравствени услуги, комунални услуги, енергетика – сè има раст. Вие сте две години власт, ги имате институциите на системот, ги имате скоро сите општини под контрола. Ако не знаете, прашајте ги вашите градоначалници во колку општински совети доставија предлози за зголемување на комуналните такси на јавните претпријатија. И ќе ви биде јасно дека трошоците и понатаму растат и тие одлуки не се носат за да Владата ги плати тие трошоци, трошоците ги плаќаат граѓаните. И оттука доаѓа и барањето на синдикатот минималната плата да се зголеми на 600 евра, па понатаму да имаме и систем на раст на платите“, рече Спасовски.
Економија
Економијата е стабилна, инфлацијата се движи кон 2,5 проценти – оценка од средбата во Народната банка
Заменик-министерот за економија и труд Марјан Ристески и директорот на Државниот пазарен инспекторат Влатко Стојкоски остварија работна средба со Гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, на која дискутираа за клучните макроекономски показатели во државата, ценовната и финансиската стабилност, како и тековите на инфлацијата.
Соговорниците оценија дека економијата е стабилна и бележи солиден раст, а стабилниот курс на денарот во однос на еврото претставува важен фактор за зачувувањето на довербата во економијата, финансиската стабилност и конкурентноста на домашната економија.
Во однос на инфлацијата и ценовните флуктуации, соговорниците оценија дека веќе неколку месеци наназад се бележи стабилизирање на ценовните движења, а се очекува овие трендови да продолжат и во наредниот период. Проекција на Народната Банка е дека годишната инфлацијата ќе изнесува 2,5 проценти, додека на среден рок ќе се врати на историските 2 проценти.
Ристески, Стојкоски и Славески се согласија дека добрата соработка и координација помеѓу Народната банка, Министерството за економија и труд и Државниот пазарен инспекторат се значајни за носењето и спроведувањето на дел од политиките со кои се поттикнува економскиот развој на земјата.
Заменик-министерот Ристески на гувернерот Славески и вработените во Народната банка им го честиташе големиот јубилеј – 80 години од формирањето на оваа институција, јубилеј што сведочи за долгорочен, динамичен институционален развој. Народната банка е модерна, професионална и кредибилна институција, со високо ниво на доверба кај јавноста и признат углед во меѓународните финансиски и централнобанкарски кругови.
Економија
Спасовски: Со минимална плата од 600 евра ја штитиме егзистенцијата на граѓаните, прифатете го Законот
„Со континуираниот раст на минималната плата, државата го штити и вреднува трудот на работниците. Предлог-законот за минимална плата, во износ од 36.960 денари, претставува продолжение на континуираниот раст на минималната плата, што започна системски во 2017 година и кој во изминатите години значително го подобри животниот стандард на работниците со најниски примања“, рече пратеникот на СДСМ, Оливер Спасовски, на денешната комисиска расправа .
Тој посочи дека, и покрај законскиот механизам за усогласување на минималната плата со растот на просечната плата и трошоците за живот, реалноста покажува дека динамиката на поскапувањето ја надминува динамиката на законското усогласување.
„Најзасегнати од ова се граѓаните кај кои минималната плата е единствен извор на приход. Со овој закон предлагаме утврдената минимална плата од 36.960 денари со цел да се зачува реалниот животен стандард и да се обезбеди достоинствен надомест за трудот на сите работници“, додаде Спасовски.
Тој посчи дека дека средствата за спроведување на законот, предвидени во износ од 7,5 милијарди денари, ќе се обезбедат преку пренамена во рамките на постојниот буџет, без зголемување на дефицитот и без ново задолжување.
„Станува збор за одговорна и внимателно планирана пренамена која обезбедува високи примања на работниците, а при тоа ја зачувува и финансиската стабилност на државата. Минималната плата е показател на тоа колку едно општество го вреднува трудот на работниците. Таа е прашање на социјална правда, економска стабилност и човечко достоинство. Ако трошоците за живот растат, платите мора да го следат тој раст“, рече Спасовски.
Тој повика на единство во носењето на законот: Барам од сите колеги, без разлика на политичката припадност, да застанеме заедно во носењето на ова законско решение. Со тоа испраќаме порака дека го слушаме гласот на работниците и синдикатите и дека обезбедуваме егзистенција за граѓаните.

