Македонија
(Видео) УКИМ за 11 години ќе остане без професори, Синдикатот бара итно вработување на 300 лица
За 11 години, но можеби и помалку, сите редовни професори од државните универзитети ќе заминат во пензија и нема да има кој да ги замени, покажува истражувањето што го спровел Независниот академски синдикат (НАкС). На денешната прес-конференција реализирана во рамките на проектот „Финансиска транспарентност и отчетност во високото образование и науката во РСМ“, поддржан од Фондацијата „Отворено општество – Македонија“, беа изнесени фрапантни резултати поврзани со структурата на вработените во јавните универзитети и научни установи, од кои јасно се гледаат последиците на долгогодишната несоодветна кадровска политика во овие сектори, особено во однос на наставно-научниот подмладок.
„На УКИМ, осум единици од универзитетот од вкупно 26, нема ниту еден вработен асистент. Во иднина оваа бројка невозможно е да ги замени 66-те професори што ќе заминат во пензија. Од друга страна, има една диспропорција – на единици со помал број редовни професори има поголем број асистенти отколку на оние единици кај кои бројот на редовните професори е многу голем. Состојбата со подмладокот на УКЛО (Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола) е уште полоша. Кај новоформираните универзитети состојбата е значително подобра од онаа на најстарите, како УКИМ и УКЛО. Бројот на асистенти на младите универзитети го надминува бројот на редовните професори. Оваа состојба се јавува и кај научните институти, каде што не се реализираат вработувања на млади истражувачи“, вели Маја Стевановиќ, претседател на НАкС.
На вчерашната средба со министерот за образование Арбен Адеми, Синдикатот добил ветување дека детаљно ќе бидат разгледани сите анализи и заклучоци и е постигнат договор да се изготви колективен договор за високото образование.
„Интервентно вработување на 300 лица на УКИМ и 100 лица на другите јавни универзитети и научни установи. Најбргу што може да почнат преговори за потпишување колективен договор, во кој: платите на вработените во високото образование и науката ќе бидат пресметани во согласност со коефициент во однос на минималната плата. Итно да се формира национален совет за финансирање развој на високото образование и науката. Да се распише конкурс за финансирање национални истражувачки проекти“, се само дел од барањата што биле упатени на вчерашниот состанок со Адеми.
Професорката Мимоза Ристова ги презентира бројките кои покажуваат дека платите на вработените во виското образование во Македонија се најниско ниво од целиот регион.
„За илустрација, на универзитетите во Косово платите на професорите се 1.400 евра, а просечната плата таму е 350 евра. Платите на професорите во виското образование во Македонија се малку повисоки од просечната плата. Во овие бројки заостануваме и зад Албанија и зад Црна Гора“, рече Ристова.
Од анализата и статистиката за УКИМ во ова истражување се исклучени Медицинскиот и Стоматолошкиот факултет поради тоа што наставниот кадар вработен во овие две високообразовни установи врши здравствена дејност и во јавните здравствени установи како неделива функционална целина со поделба на работното време.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Владата, бизнисот и синдикатите во координирана акција за намалување на сивата економија
Владата, бизнис заедницата, синдикатите и академската заедница денеска на Годишна конференција на тема „Формализација на неформалната економија: Преку соработка до успех“ упатија порака за заедничка борба во намалување на сивата економија. Конференцијата се одржа во организација на Владата на РС Македонија/Министерството за финансии, заедно со Организацијата за развој на Обединетите нации – УНДП, Меѓународната организација на трудот – МОТ и Економскиот факултет – Скопје.
На официјалното отворање на Конференцијата се обратија претседателот на Владата Христијан Мицкоски, министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска, министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, деканот на Економскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, Мијалче Санта, националниот координатор на Меѓународната организација на трудот за РС Македонија, Емил Крстановски и постојаниот претставник на УНДП во РС Македонија Армен Григоријан.
„Нашата цел е јасна – формалната економија да стане попривлечна од неформалната. Да биде полесно, поисплатливо и посигурно да се работи легално. Но, да бидеме искрени оваа борба не може да биде само инспекциска, таа мора да биде и системска. Затоа работиме на: дигитализација на процесите – е-фактурирање, електронски пријави, поврзување на бази на податоци, намалување на административните бариери за регистрација на бизнис, стимулации за формално вработување и поддршка за микро и мали претпријатија, како и зголемена транспарентност и размена на податоци меѓу институциите“, истакна премиерот во воведното обраќање и додаде дека стратегијата на Владата се темели на три принципи, а тоа е поедноставување, правичност и поддршка.
Министерката за финансии Димитриеска-Кочоска порача дека Владата со системски и одлучен пристап преку адресирање на нелојалната конкуренција создавање фер и транспарентни услови за работа ќе работи на формализација на неформалната економија.
„Нашата цел е формализација, правичност и создавање еднакви правила за сите. Ќе пристапиме системски и одлучно преку адресирање на нелојалната конкуренција, создавање фер и транспрентни услови за работа и обезбедување чесните компании да не бидат ставени во подредена позиција. Формализација која ќе ја поттикнеме преку поедноставени административни процедури, олеснет пристап до регистрација и јасни правила. Ќе ги охрабриме субјектите од неформалниот сектор да преминат во формалната економија преку поддршка, а не само преку санкции“, истакна министерката.
Министерот за економија Бесар Дурмиши наведе дека намалувањето на неформалната економија бара системски, конзистентни и одржливи решенија.
„Работата во неформалната економија често значи небезбедни услови, долги работни часови, недефинирани работни односи и отсуство на социјална и правна заштита. Непријавените работници се лишени од основните права што произлегуваат од работниот однос, додека компаниите што работат легално се ставаат во понеповолна позиција. Затоа, намалувањето на неформалната економија бара системски, конзистентни и одржливи решенија. Секој компромис со сивата економија значи понизок економски раст, помалку јавни услуги и понизок квалитет на живот. Министерството за економија и труд и досега спроведуваше активни политики преку Оперативниот план за вработување. Но, анализите покажаа дека дел од лицата и понатаму остануваат надвор од формалните текови. Токму затоа, оваа година се издвоени 40 милиони евра за новиот Оперативен план за вработување, со мерки што директно ќе придонесат за формализација и отворање нови работни места. Дополнително, донесен е Законот за работно ангажирање на лица, чија основна цел е формализација на одредени форми на работа и одговор на реалните потреби на пазарот на труд. Од 1 јануари 2026 година започнува примената и на Законот за финансиска поддршка на инвестициите, кој стимулира компании што инвестираат, отвораат нови работни места и остваруваат раст“, посочи Дурмиши.
Деканот на Економски факултет – Скопје при УКИМ, Мијалче Санта рече дека борбата против неформалната економија е долгорочен процес. „Таа, посочи, бара стабилни институции, предвидлива регулаторна рамка, стимули за формализација и постојан дијалог меѓу државата, бизнисите, работниците и експертската јавност. Економскиот факултет – Скопје ќе продолжи да биде сигурен партнер во овој процес преку истражување, анализа, едукација и јавна дебата. Нашата мисија е да придонесуваме кон креирање политики засновани на знаење и факти, во интерес на одржлив економски и национален развој. Доколку сакаме пониска неформална економија, мора да градиме посилна, поправедна и поконкурентна формална економија – економија во која правилата се јасни, институциите се ефикасни, а довербата е заедничка вредност“, рече деканот на Економскиот факултет.
Националниот координатор на Меѓународната организација на трудот, Емил Крстановски истакна дека формализацијата на неформалната економија, од перспектива на МОТ, е клучна за унапредување на достоинствената работа, социјалната правда и инклузивниот економски раст.
„Неформалноста често значи отсуство на работнички права, социјална заштита и безбедни и здрави услови за работа, а воедно ја поткопува продуктивноста, јавните приходи и фер конкуренцијата. Преку промовирање на избалансиран пристап, кој комбинира поддржувачки мерки за претпријатијата, посилна заштита на трудот, социјален дијалог и ефективно, но правично спроведување, формализацијата помага работниците да уживаат сигурност и права, бизнисите да се натпреваруваат на рамноправна основа, а Владата да го прошири опфатот на социјалната заштита и одржливиот развој“, рече Крстановски.
Постојаниот претставник на Програмата за развој на Обединетите нации – УНДП Армен Григоријан рече дека преку проектот „Поддршка на реформите во јавните финансии“ финансиран од Министерството за финансии на Словачката Република, изграден е софистициран систем кој јасно ги согледува вистинските размери на неформалната економија.
„Со опремување на ревизорите со нови аналитички алатки, овозможивме секоја фискална препорака да биде поткрепена со прецизни податоци. Покрај ова, придонесовме и за синхронизација на националните стратегии и воведување на дигитални алатки за мониторинг во реално време, со што помогнавме одлуките и решенијата што ќе се носат да бидат засновани на факти“, рече постојаниот претставник на Програмата за развој на Обединетите нации – УНДП.
Во рамки на Конференцијата беше потпишана „Декларација за партнерство и акција: Заедничка посветеност за формализација на неформалната економија во Северна Македонија“. Потписници беа претставници на клучни министерства во формализација на неформалната економиија, претставници на стопански комори, организации на работодавачи, синдикати, како и претставници на академската заедница.
Во панел дискусии на Конференцијата учесниците дебатираа за креирање политики за ефикасен процес на формализација на неформалната економија и на тема „Како до пазар на труд, деловно и институционално окружување што ги поттикнува граѓаните, работниците и бизнисите да функционираат во формалниот сектор“. Од страна на професорите Борче Треновски и Биљана Ташевска од Економскиот факултет при УКИМ, беше одржана презентација на тема „Детерминанти и ефекти од неформалната економија – со посебен осврт на Република Северна Македонија“.
Економија
Поскап бензин од полноќ
Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ) донесе Одлука со која се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,69% во однос на одлуката од 9.2.2026 година.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините за 2,599%, кај дизелот за 0,154%, кај екстра лесното масло за 1,247% и кај мазутот намалувањето е за 1,530%.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е понизок за 0,3576%.
Од 17.2.2026 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 73,00 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 75,00 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 68,00 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 67,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 33,883 (денари/килограм)
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 се зголемуваат за 1,00 ден/лит.
Малопродажните цени на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) не се менуваат.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се зголемува за 0,233 ден/кг и сега ќе изнесува 33,883 ден/кг.
Економија
Премиерот најави стабилизирање на инфлацијата: „Очекувам да се движиме околу 3 проценти“
Премиерот, Христијан Мицкоски, одговарајќи денеска на новинарско прашање за инфлацијата, изјави дека очекува стабилизирање на ценовните движења во 2024 година.
„Како што веќе кажав во неколку наврати, очекувам инфлацијата оваа година да се стабилизира под 3 проценти“, рече Мицкоски.
„Очекувам месечна негативна динамика, односно опаѓање споредено со лани. Во јануари минатата година имавме т.н. кошничка, па очекувам оваа година да се движиме некаде околу 3 отсто – можеби малку под или малку над – но со јасна негативна тенденција месец за месец.“
Тој додаде дека во следните денови се очекува објавување на параметрите од страна на надлежните институции, и нагласи дека Владата спроведува политики што се во интерес на стандардот на граѓаните:
„Водиме домаќински политики, работиме на консолидација на состојбите. Од хаотична ситуација, распаднати институции и уништен систем, дојдовме до точка каде можеме да кажеме дека сме стабилизирани. Сега е време да ја развиваме Македонија каква што ја посакуваат сите граѓани“, додаде премиерот.

