Македонија
ВМРО-ДПМНЕ не нуди алтернатива, продолжува да игра на картата за спас на името
ВМРО-ДПМНЕ, очигледно, продолжува по патот што го трасира екслидерот на партијата, Груевски, продолжува да игра на картата за спас на името. Раководство на партијата, кога се гласаа уставните измени, реши да молчи. Се затвори во партиските простории, а до јавноста стигаа информации дека се одржуваат состаноци со органите на партијата. На денот на промената на името немаше поддршка ниту на протестите што ги организира „Македонија блокира“. По изгласувањето, лидерот на партијата Мицкоски даде изјава во која побара избори за спас на Македонија, односно за спас на името.
„ВМРО-ДПМНЕ и мнозинството македонски народ и мнозинството граѓаните на Македонија не го подржаа овој договор. ВМРО-ДПМНЕ ќе направи сè што е во нејзина моќ во иднина да се исправи оваа неправда“, изјави Мицкоски.
Со слична изјава се јави и потпретседателот на партијата, Александар Николовски, кој рече дека со Грците бил можен договор, без да се менувало името. Тој додаде дека кога ќе дошле на власт, ќе го поништеле договорот од Преспа.
„Возможно е Македонија да е дел од ЕУ и НАТО и во исто време да не треба да се промени Уставот со цел промена на името, тоа е возможно со силна дипломатија и експерти покрај себе. Сè е менливо и минливо во животот и во таа насока мислам дека силна дипломатија проследена со експерти може да го направи тоа“, изјави Николовски.
Се поставува прашањето зошто тогаш ВМРО-ДПМНЕ во изминатите 11 години, додека беше на власт, не успеа да го реши спорот за името во корист на Македонија. Експремиерот Груевски тврдеше дека црвените линии на Македонија се неменување на Уставот, идентитетот и јазикот. Бараше меѓународна поддршка Грција да ја деблокира Македонија.
„Ситуацијата може да биде деблокирана ако Грција се најде под притисок од земји како САД, Германија и Франција. Но, ако не дојде до ова, тогаш тоа нема да се случи“, изјави Груевски во 2013.
Но, Груевски не ја доби меѓународната поддршка и спорот за името остана статус-кво. Во целиот овој период од 10 години решение на повидок не се гледаше.

На последните парламентарни избори целата камапања на ВМРО-ДПМНЕ беше во патриотски стил, при што главни теми беа неменување на името и да не се спроведе двојазичност на целата територија на државата. Но, партијата не успеа да осигури мнозинство од 63 пратеници како што очекуваше за да ги одбрани, како што тврдеше, Уставот и идентитетот и јазикот.
Сегашното раководство повторно бара избори, при што реториката за придобивање гласачи би била да се спасува Македонија. Притоа ВМРО-ДПМНЕ не кажува каков е планот за решение со Грција доколку го поништат, како што велат, договорот на Заев и Ципрас од Преспа. Надежта на опозицијата за добивање на изборите е огорченоста на народот по оваа срамна одлука, како што ја нарече Мицкоски.
„Не бараме избори да победи ВМРО-ДПМНЕ , туку да престане Македонија да губи“, изјави тој.
ВМРО-ДПМНЕ засега не кажува и како ќе дејствува како опозиција во наредните две години доколку не се распишат предвремени избори. Останува да почекаме дали и каков план има партијата, односно дали ќе продолжи со протести, ќе има порадикални мерки за притисок до власта или, пак, ќе се помири со идејата да биде опозиција во наредните две години, со што ќе има време за консолидирање во редовите на партијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Намалена видливост поради магла на неколку патни правци
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по претежно суви и местимично влажни коловози. Намалена видливост поради појава на магла до 50 метри има во околините на Гевгелија, до 100 метри Струмица, Неготино и Сарамзалино и до 150 метри Демир Капија, извести АМСМ.
Сите патни правци во државата се проодни.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Дел од Центар денеска без вода
Од ЈП Водовод и канализација – Скопје, известуваат дека денеска:
· поради уличен дефект ф-80 мм на улицата Св. Кирил и Методиј бр. 48, од 08:30 часот до завршување со санација на дефектот, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од дел од истата улица и дел од улицата Димитрие Чуповски, вклучително и ЈЗУ Здравствен дом Железничар, општина Центар.
Македонија
Променливо облачно со услови за повремени врнежи од дожд
Променливо облачно претпладне во западните делови ќе има врнежи од дожд, а попладне услови за дожд ќе има и во источните делови. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 6, а максималната ќе достигне од 8 до 14 степени.
Во Скопје, облачно со услови за повремени врнежи од дожд. Ќе дува слаб ветер со променлив правец. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 11 степени.
Времето во наредните денови
Утре ќе се задржи променливо облачно време наместа со повремен слаб дожд освен во западните делови каде што ќе биде облачно со врнежи од дожд кои ќе бидат со пообилен интензитет (над 15 l/m²). Ќе дува умерен, повремено засилен ветер. Нови врнежи ќе има во недела и почетокот на следната седмица кога ќе настапи заладување со повремени врнежи од дожд, а на планините и во некои од повисоките места од снег.

