Македонија
Инженерска иницијатива за регионална соработка: Дискусија за признавање на овластувањата и вредноста на трудот
Македонската комора на овластени архитекти и инженери, изминатите три дена беше домаќин на своите колеги од Бугарија, Словенија, Србија, Хрватска и Црна Гора во рамки на редовниот состанок на Инженерската иницијатива за регионална соработка (ИИРС).
Инженерите од овие шест регионални држави, преку своите инженерски комори работат на шест заеднички проекти од интерес на инженерската струка, а македонската комора го води проектот за инженерските образовни квалификации и признавање на овластувањата помеѓу земјите членки на ИИРС.
На средбата се заклучи да се продолжи со работа на шесте проекти од заеднички интерес на сите Комори. Особен акцент се даде на утврдувањето на модалитетите на дефинирање на пазарната вредност на инженерскиот труд, подобрување на процесите на јавни набавки на инженерски услуги, а се етаблираше и нов проект кој ќе биде раководен од Македонската Комора на овластено архитекти и овластени инженери за проблемот настанат во земјите од регионот, следен од масовната емиграцијата на инженерска интелигенција од овие простори во изминативе две декади,
„Македонија и Комората на овластени архитекти и овластени инженери на Република Македонија беа домаќини на овој собир, кој се повторува на секои шест месеци во една од државите членки. Македонската комора го раководи проектот за образовните квалификации на инженерите и признавањето на овластувањата со посебен акцент на подобрување на вештините на инженерите по завршување на формалното образование. Во таа насока беше остварена средба на координаторот на Иницијативата, д-р Мирко Орешковиќ и претседателот на Комората, Димитровски со ректорот на УКИМ, проф д-р Никола Јанкуловски, каде е потврдена спремноста за потпишување меморандум за соработка за понатамошно подобрување на вештините на архитектите и инженерите“, вели професор д-р Миле Димитровски, претседател на Управнииот одбор на Комората.
Истакна дека во претходните шест години Комората прифатила и потврдила 435 странски овластувања од 21 држава со кое го помага процесот на развој на градителството во државата. Истовремено, македонски инженери имаат можност да добијат потврда на своите овластувања во сите членки на Регионалната Иницијатива, да работат и да ги зголемат своите вештини преку работа на големи проекти во странство.
Според Орешковиќ, соработката меѓу Коморите од регионот, од кои три се во земји членки на ЕУ (Словенија, Бугарија и Хрватска) и другите се во процес на прием, е одлична можност да се создадат услови за мобилност на инженерите и усогласувење на вештините во инженерската струка.
„Домаќините на оваа средба со голема умешност го организираа собирот во професионалниот дел, но исто така се покажаа и како извонредни домаќини во социјалните и културолошките содржини. Особен интерес на сите заинтересирани беше проблемот на јавните набавки со најниска цена, вредноста на инженерските услуги и взаемното признавање на овластувањата“, потврди координаторот на Иницијативата, д-р Мирко Орешковиќ.
ИИРС ја сочинуваат стручњаците од Комората на Овластени архитекти и овластени инженери на Република Македонија, Инженерската Комора на Словенија, Комората на градежни инженери на Хрватска, Комората на електроинженерите на Хрватска (придружен член), Инженерската Комора на Србија, Инженерска комора на Црна Гора и Комората на Инженерите во Инвестиционото проектирање на Бугарија. Иницијативата е формирана во 2011 година во Црна Гора и состаноци, по цикличен распоред, се одржуваат на секои шест месеци кај секоја од земјите членки./крај/мф/би
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
ТИТАН Усје: Работиме согласно сите закони, емисиите се мерат 24 часа со независен мониторинг – нема надминувања на лимитите
ТИТАН Усје соопшти дека повеќе од 70 години работи како одговорна компанија во земјата, придонесувајќи за националниот развој, локалната економија и снабдувањето со основни материјали за клучни инфраструктурни објекти, меѓу кои болници, брани, патна и јавна инфраструктура.
Од компанијата наведуваат дека грижата за животната средина е нивна основна вредност и дека ја следат јавната дебата поврзана со квалитетот на воздухот и заштитата на животната средина, давајќи, како што велат, транспарентен придонес кон решавање на овие прашања.
„Работиме целосно во согласност со сите важечки закони, подзаконски акти и барањата на нашата А – Интегрирана еколошка дозвола – честопати применувајќи внатрешни стандарди кои се и построги од законските обврски. Нашите емисии континуирано се мерат преку 24-часовен независен мониторинг, со податоци јавно достапни и редовно доставувани до надлежните органи и до медиумите. Редовните и ненајавените инспекции од страна на надлежните тела не констатираат никакви надминувања на законските лимити“, велат од ТИТАН Усје.
Како членка на Групацијата ТИТАН, компанијата информира дека ги следи меѓународно признатите практики и ESG стандарди, со долгорочна посветеност на заштитата на животната средина, вклучувањето на заедницата и современото корпоративно управување.
Во изминатите 15 години, ТИТАН Усје инвестирала повеќе од 29 милиони евра во одржливо производство и еколошки технологии, а дополнителни три милиони евра се планирани до 2029 година.
Од компанијата посочуваат дека нивни приоритети остануваат партнерствата, благосостојбата на вработените и континуираната поддршка на заедницата.
Економија
Од 1 март 2026 година – побезбедни онлајн плаќања, известува Народната банка
Народната банка ја информира јавноста дека од 1 март 2026 година стапува во сила законската обврска за банките за вршење засилена автентикација на клиентите при извршувањето онлајн плаќања со платежни картички. Засилената автентикација има за цел да обезбеди заштита на паричните средства на граѓаните и на компаниите кај банките преку дополнителни сигурносни проверки на идентитетот на лицето при извршувањето на плаќањата без физичко присуство.
Имајќи предвид дека граѓаните и компаниите имаат сѐ поголема потреба за извршување секојдневни онлајн купопродажби, а со тоа и плаќања преку интернет, заради нивната брзина и практичност, се зголемува и потребата од повисоко ниво на безбедност. Дигиталните напади и обидите за злоупотреба на податоците од картичките стануваат сѐ почести, па затоа се воведува дополнителна проверка на идентитетот на лицето кое го врши плаќањето, велат од Народната банка.
Засилената автентикација му овозможува на клиентот на банката, при плаќање на интернет, покрај внесувањето на податоците од картичката, да даде дополнителна потврда за трансакцијата преку официјална апликација на банката, којашто се инсталира на мобилен телефон и му овозможува безбедно да ги следи своите сметки и да одобрува плаќања. Наместо досегашната потврда со СМС-код, клиентот ќе добие известување преку мобилната банкарска апликација и ќе треба да ја одобри трансакцијата. Потврдата се врши со ПИН за апликацијата, отпечаток од прст или препознавање на лице. Без оваа потврда, плаќањето нема да може да се изврши, дури и ако некој ги има податоците од картичката.
Засилената автентикација како законска обврска за давателите на платежни услуги произлегува од Законот за платежни услуги и платни системи. Таа се воведува постепено во земјава и веќе е во примена при извршувањето онлајн увид во платежните сметки од страна на клиентите, како и при извршувањето плаќања со платежни картички на физичките продажни места или со платни налози преку електронското или мобилното банкарство. Со примената на засилената автентикација и при извршувањето на плаќањата преку интернет, од 1 март 2026 година, се заокружува процесот на усогласување со правилата и стандардите што се применуваат во Европската Унија за безбедно извршување онлајн плаќања.
Со оваа промена се зајакнува довербата во дигиталните плаќања и се унапредува заштитата на корисниците, се додава во соопштението на Народната банка.
Економија
Трипуновски: Со новата Програма воведуваме ред и правична распределба на субвенциите
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски на собраниската говорница истакна дека опозицијата шири паника и дезинформации меѓу македонските земјоделци.
„Во изминатите денови сведочиме на класичен модел на политиканство од страна на опозицијата, наместо дебата, се пласираат лаги и манипулации со цел да се создаде хаос во македонскиот аграр“, истакна министерот.
Тој нагласи дека измените во Програмата за директни плаќања за 2026 година не значат кратење на субвенциите, туку воведување ред и правична распределба на средствата што ги обезбедува државата.
„Целта е финансиската поддршка да заврши кај вистинските земјоделци“, појасни министерот Трипуновски.
„Со измените се предвидува зголемување на минималните прифатливи прагови за користење субвенции. И тоа кај овошните и лозовите насади од 0,2 на 0,5 хектари, додека кај житните култури прагот е зголемен на 0,7 хектари. Во сточарството е предвидено минимум три крави, 30 кози, 30 овци и 30 пчелни семејства“, додаде тој.
Министерот појасни дека овие измени нема да се применуваат веднаш. Земјоделците кои моментално не ги исполнуваат новите услови ќе имаат преоден период од две години за да се усогласат.
„Манипулациите дека малите земјоделци ќе останат без субвенции се неточни. Напротив, даваме време и поддршка за нивен раст и окрупнување, со цел поголема рентабилност и зголемено производство“, истакна тој.
Согласно податоците на Државниот завод за статистика, во делот на примарното земјоделско производство и преработката е евидентиран позитивен биланс, што, како што посочи министерот е дополнителен мотив за реформи во секторот.
Министерот Трипуновски додаде дека една од новините е и обврската најмалку 30% од произведениот род да биде предаден во регистрирани откупни или преработувачки капацитети. Со тоа ќе се спречат злоупотреби од лица кои поседуваат земјиште го даваат под наем, не произведуваат, а користат субвенции.
„Се зајакнува теренската контрола преку вклучување на капацитетите на Државниот инспекторат за земјоделство како поддршка на Платежната агенција. Посебен фокус ќе има кај долгогодишните насади и сточарството“, посочи министерот.
Министерот Трипуновски истакна дека пред и по донесувањето на Програмата, одржани се бројни состаноци со земјоделските здруженија, кои биле информирани за новините и истите ги поздравија.
„Владата останува целосно посветена на развојот на македонскиот аграр“, порача министерот Трипуновски.

