Македонија
МТСП: Објавен јавен повик за финансирање на социјални услуги во општините
Министерството за труд и социјалната политика објави јавен повик со кој ги повикува општините, во партнерство со даватели на социјални услуги согласно Законот за социјална заштита, да аплицираат за грантови за развој на социјални услуги на локално ниво. Повикот е во рамки на Проектот за подобрување на социјалните услуги, кој го спроведува Министерството за труд и социјална политика со поддршка од Светска банка.
Општините, заедно со давателите на услуги можат да аплицираат со најмногу 1 предлог-проект за следните социјални услуги: Услуги на советување, услуги во домот (помош и нега во домот и лична асистенција), услуги во заедницата (центар за дневен престој за бездомни лица, центар за дневен престој за лица со попреченост, центар за дневен престој за лица со попреченост со индивидуална работа, центар за дневен престој за стари лица, центар за дневен престој за стари лица со активно стареење, центар за рехабилитација, центар за привремен престој на деца кои ќе се затекнат без родителска грижа или како скитаат и деца жртви на злоупотреба, центар за бездомници, центар за жртви на семејно насилство, центар за жртви на родово-базирано насилство и центар за жени жртви на сексуално насилство и силување, центар за жртви на трговија со луѓе, центар за одмена на семејна грижа).
На општините и давателите на услуги кои ќе решат да се пријават на Јавниот повик за добивање грант за развој на социјалните услуги ќе им биде обезбедена директна поддршка за подготовка на документите за апликација на повикот вклучувајќи ги и предлог-проектите во периодот од 22 jули до 25 август 2022 година. Потоа ќе биде извршена евалуација на проектните апликации, а реализацијата на избраните проекти ќе трае 18 месеци по потпишување на договорите за грант, но не подоцна од 30 јуни 2024 година, информираат од министерството.
Појаснуваат дека јавниот повик е дел од Компонента 1 на Проектот за подобрување на социјалните услуги кој има за цел да го зајакне целокупниот систем на социјална заштита и да го подобри обезбедувањето услуги и пристапот кон услугите за постојните корисници на социјалната заштита и за ранливи групи кои во моментов не се опфатени со неа. Активностите се насочени кон промовирање на зголемен пристап до парични надоместоци и услуги за граѓаните, но и креирање нови услуги што ќе овозможи социјално вклучување и зголемена вработливост на социјално ранливите категории и нивна ефективна инклузија во општеството.
Инаку, во рамките на првиот повик за доделување грантови за развој на социјалните услуги на локално ниво, распишан во 2019 година, финансиска поддршка добиле 22 проекти во 27 општини. Најголемиот дел од услугите, поточно 16 биле за помош и нега во домот, 5 се дневни услуги, односно (центар за деца со попреченост, центар за рехабилитација и реинтеграција на лица со попреченост, центар за активно стареење, центар за индивидуален третман) и една услуга е советување. Преку овие услуги досега биле опфатени повеќе од 600 корисници, а дополнителен бенефит е што лицата кои се ангажирани за реализација на овие проекти се од социјално ранливи категории, кои претходно поминаа стручни обуки.
„Овој проект е дел од севкупната социјална реформа која ја спроведува Владата насочена кон намалување на сиромаштијата и зајакнување на човечкиот капитал како основа за сеопфатен развој на општеството. Таа се темели на четири принципи: плурализација, преку која се овозможува вклучување на приватни правни и физички лица и здруженија на граѓани во социјалната заштита; инклузија, односно промена на традиционалниот пасивен, во активен пристап на испорака на социјалната заштита; децентрализација на заштитата и згрижувањето т.е. нивно пренесување од централната власт во единиците на локалната самоуправа и деинституционализација – која има клучно место во новиот Закон за социјална заштита и преку која моделот на гломазни институции се заменува со облици на заштита на корисниците во домови и во заедницата, каде најдобро се препознаваат нивните специфични потреби, а притоа се обезбедува повисок квалитет на услугите“, дополнуваат во соопштението од оваа институција.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Премиерот најави стабилизирање на инфлацијата: „Очекувам да се движиме околу 3 проценти“
Премиерот, Христијан Мицкоски, одговарајќи денеска на новинарско прашање за инфлацијата, изјави дека очекува стабилизирање на ценовните движења во 2024 година.
„Како што веќе кажав во неколку наврати, очекувам инфлацијата оваа година да се стабилизира под 3 проценти“, рече Мицкоски.
„Очекувам месечна негативна динамика, односно опаѓање споредено со лани. Во јануари минатата година имавме т.н. кошничка, па очекувам оваа година да се движиме некаде околу 3 отсто – можеби малку под или малку над – но со јасна негативна тенденција месец за месец.“
Тој додаде дека во следните денови се очекува објавување на параметрите од страна на надлежните институции, и нагласи дека Владата спроведува политики што се во интерес на стандардот на граѓаните:
„Водиме домаќински политики, работиме на консолидација на состојбите. Од хаотична ситуација, распаднати институции и уништен систем, дојдовме до точка каде можеме да кажеме дека сме стабилизирани. Сега е време да ја развиваме Македонија каква што ја посакуваат сите граѓани“, додаде премиерот.
Економија
Угостителите во Македонија за една година ги поскапеа цените за 3,4 проценти
Цените на угостителските услуги во јануари 2026 година се зголемени за 0,2 проценти во однос на претходниот месец.
Во споредба со истиот месец од минатата година, цените се повисоки за 3,4 проценти, сопшти Државниот завод за статистика.
На годишно ниво, односно во 2025 година во однос на 2024 година, цените на угостителските услуги се зголемени за 4,8 проценти.
Во јануари 2026 година, во однос на декември 2025 година, цените по групи се зголемени за: 0,3 проценти кај храна, 0,2 проценти кај алкохолни пијалаци. Кај групите Безалкохолни пијалаци и ноќевања не се забележани промени на цените.
Економија
Владата предложи покачување на платите за администрацијата до 40 отсто, со почетно зголемување од 8 проценти од април
Премиерот Христијан Мицкоски, изјави дека денешната средба со Синдикатот на УПОЗ била конструктивна и дека на маса е предлог за зголемување на платите на административните службеници за 40 проценти во наредниот период.
Во интервју за Дневникот на МРТ, Мицкоски рече дека Владата ги презентирала условите и правилата под кои е подготвена да го реализира процесот на покачување на платите и дека сега се очекува одговор од синдикатите дали го прифаќаат предлогот.
„Денеска имавме состанок со УПОЗ. Ние дадовме понуда, истата онаа понуда за која јас зборував во јавноста. Ги поставивме условите и правилата под кои сме подготвени да го движиме овој процес напред“, изјави Мицкоски.
Тој посочи дека претставниците на УПОЗ и КСС најавиле дека ќе се консултираат со своите раководства и дека во текот на утрешниот ден ќе ја соопштат нивната одлука. Доколку се постигне согласност, според најавите, договорот би бил финализиран во недела, а од понеделник би започнала изработка на примерок на индивидуален синдикален договор.
Мицкоски појасни дека исплатата на зголемените плати би започнала во април, за мартовската плата, со осумпроцентно зголемување на збирот од постојната плата и минималната плата. Истиот модел би се применувал и во 2027 и во 2028 година.
„Тоа значи дека за околу две години и два до три месеци, административните службеници ќе имаат најмалку 40 проценти повисоки плати во споредба со сегашното ниво“, истакна премиерот.

