Македонија
Ѓубрето од битолските депонии редовна храна на стотина свињи
Стотина свињи редовно се хранат од ѓубрето на битолските депонии близу РЕК-Битола. Според очевидци, тие ја посетуваат депонијата „Мегленци“, јадат и набрзина се оддалечуваат од депониите. Свињите се од битолските локални фарми и одгледувачници од селата во близина, но никој не знае точно чии се и дали инспекциите вршат надзор врз оваа опасна појава, бидејќи истите свињи завршуваат во кланиците и на трпезите на граѓаните. Фотографиите до кои дојде „Макфакс“ се направени пред три дена и најчесто оваа посета на свињите се случува во попладневните часови.

На оваа депонија завршува ѓубрето од Битола, Могила и Новаци, но комуналците не се обврзани да ги спречат и животните да доаѓаат и да се хранат на ѓубриштето. Со оглед на тоа што оваа депонијата е веднаш до РЕК, кој е еден од главните причинители за загадениот воздух во Битолскиот Регион, со чадот од оџаците и смрдеата од депониите се контаминираат и свињите.
За оваа долгогодишна појава во Битолскиот Регион се запознаени надлежните институции и од година во година тие даваат празни ветувања дека ќе преземат нешто и дека околу Битола ќе се направи современа депонија и ќе се спречи опасното разнесување на ѓубрето што го прават кучињата. Одговорност за квалитетот на месото од овие свињи нема кој да понесе бидејќи никој од жителите на Мегленци не знае или, пак, не сака да зборува чии се животните и каде се продаваат.
Оваа депонија и РЕК повеќепати од еколошките здруженија се посочени како еколошки бомби кои систематски ја уништуваат природата и се главен причинител за високата концетрација на штетни ПМ-честички во воздухот во Битола и во околината.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Мицкоски најави построги казни за супермаркетите што го кршат законот: „Ако така продолжат, ќе мора да стават клуч на врата“
Премиерот Христијан Мицкоски оцени дека годишната инфлација ќе се движи околу четири проценти, најавувајќи засилени инспекциски контроли и законски измени со значително повисоки казни за трговските ланци што ги прекршуваат правилата за нефер трговски практики.
Одговарајќи на новинарско прашање, Мицкоски изјави дека ваквите проекции за инфлацијата се присутни веќе со месеци и дека Владата активно делува преку зачестени контроли на инспекциските служби.
„Ќе предложиме законски измени со многу поголеми казни за сите ланци на супермаркети коишто го изигруваат законот за нефер трговски практики. За некои од ланците веќе имаме докази и мислам дека ако така продолжат, ќе мора клуч да стават на врата“, изјави премиерот.
Економија
„Алкалоид“ со бизнис план за 2026: продажба од 361 милион евра и раст на добивката
АЛКАЛОИД АД Скопје во својот Бизнис-план за 2026 година предвидува консолидирани приходи од продажби од околу 361 милион евра, што претставува раст од 7 отсто во однос на очекуваните резултати за 2025 година.
Според планот, 91 отсто од продажбите ќе се реализираат преку профитниот центар Фармација, додека 9 отсто ќе отпаѓаат на Хемија, козметика и билкарство. Компанијата очекува 34 отсто од приходите да бидат остварени на домашниот пазар, а 66 отсто преку извоз.
Планираните финансиски резултати предвидуваат раст од 8 отсто на консолидираната добивка пред финансиските трошоци, даноците и пред амортизацијата (EBITDA), како и раст на консолидираната нето-добивка од најмалку 7 отсто во однос на 2025 година.
Во делот на инвестициите, Алкалоид најавува вложувања од околу 8 отсто од консолидираните приходи, продолжувајќи ја долгорочната инвестициска стратегија, во чии рамки во изминатите две децении се инвестирани повеќе од 250 милиони евра. Фокусот и натаму останува на модернизација на производствените капацитети и усогласување со најсовремените GMP-стандарди.
Бизнис-планот за 2026 година предвидува и зголемување од најмалку 10 отсто на издатоците за истражување и развој, со цел натамошно унапредување на генеричкото и патентираното портфолио на компанијата.
Во рамки на ESG-стратегијата, Алкалоид ќе продолжи со интеграција на еколошките, социјалните и управувачките стандарди во сите сегменти од работењето. Паралелно, компанијата планира околу 50 нови вработувања во 2026 година и натамошни вложувања во човечкиот капитал.
Акциите на Алкалоид остануваат меѓу најликвидните на Македонската берза, со раст на просечната цена од 24 отсто во 2025 година, додека дивидендната политика ќе продолжи во согласност со остварените резултати и инвестициските потреби.
Бизнис-планот за 2026 година е усвоен од Управниот одбор на компанијата на седница одржана на 29 декември 2025 година.
Економија
Зголемени цените во индустријата во ноември
Продажните цени на производителите на индустриски производи на домашниот пазар во ноември 2025 година се зголемени за 0,3 отсто во однос на претходниот месец, соопшти Државниот завод за статистика.
Месечниот раст на цените е забележан кај интермедијарните производи, освен енергија, каде што има зголемување од 0,5 отсто, како и кај трајните производи за широка потрошувачка, кои пораснале за 3,0 отсто.
На годишно ниво, односно во споредба со ноември 2024 година, продажните цени на производителите на индустриски производи на домашниот пазар се зголемени за 4,6 отсто. Во овој период, раст на цените е регистриран кај енергијата за 6,9 отсто, кај интермедијарните производи, освен енергија за 4,2 отсто, како и кај нетрајните производи за широка потрошувачка, каде што е забележано зголемување од 4,4 отсто.

