Македонија
Доделени наградите за најдобри општествено одговорни практики
Националното Координативно тело за општествена одговорност на претпријатијата и Министерството за економија во средата свечено ги доделија националните награди за општествено одговорни практики на претпријатијата во Македонија спроведени во 2014 година.
За наградите конкурираа 34 претпријатија со вкупно 50 проекти, од кои 10 мали и средни со 13 проекти и 24 големи со 37 проекти, во различни категории на општествена одговорност. Најмногу од претпријатијата (21) конкурираа во категоријата „Вложување во заедницата“, првпат аплицираа девет компании, а најголем дел од оние кои аплицирале – по седум – се од финасискиот и услужниот сектор, додека 91 отсто од пријавените се од Скопје.
Во категоријата „Однос кон вработените“, статуетка за најдобри општествено одговорни практики во 2014 година добија Витаминка од Прилеп и Градежен институт Македонија, за „Етичко управување“ статуетка им беше доделена на Макстил, ЕВН Македонија и Раде Кончар ТЕП, за „Односи на пазарот“ на Комерцијална банка Скопје, за „Заштита на животната средина“ на Цементарница УСЈЕ и Пакомак, за „Вложување во заедницата“ на Даути комерц и Меѓународното училиште НОВА, додека за „Најинвентивна практика“ статуетката ја доби Комерцијална банка за проектот за овозможување услуги за лицата со оштетен вид. Седумнаесет плакети им беа доделени на повеќе големи, мали и средни компании во сите категори: Халкбанк, Некстенс, Гемак Трејд, Фени Индустри – Кавадарци, Пивара Скопје, Охридска Банка, Макстил, Трансмет, Фармахем, Адора Инженеринг, Комерцијална Банка, Окта, ПЗУ Специјална болница Филип Втори, Стопанска Банка АД Скопје, ТИНЕКС-МТ. Новитет годинава беше признанието за најинвентивна практика, кое го доби Комерцијална банка за проектот „За исти права и можности“.
„Целта на Националната награда е да промовира позитивни практики на општествено одговорно делување и да даде инспирација за воведување и натамошно унапредување на општествената одговорност кај претпријатијата во Македонија. Колку сме успеале во тоа говори фактот што во овие осум години претпријатијата пријавија речиси 500 квалитетни општествено одговорни практики, со кои ја покажаа својата посветеност и грижа за општеството и животната средина“, рече министерот за економија Беким Незири.
Тој посочи дека концептот на општествена одговорност станува составен дел на работењето на деловните субјекти во земјава по примерот на европските.
„Со него тие директно ја подобруваат својата конкурентност во глобалната економија, ја зголемуваат додадената вредност на нивните производи и услуги и го подобруваат угледот и имиџот на претпријатијата. Уверен сум дека овој концепт ќе се развива и во иднина со зголемување на бројот на компаниите кои со своето тренспарентно и етичко однесување покажуваат дека нивна цел не е само создавање профит, туку и зачувување на животната средина и унапредување на социјалното милје со што придонесуваат за одржлив развој и просперитет во заедницата во која живеат и работат“, рече Незири.
Најдобрите практитки за 2014, додаде, ќе бидат претстаавени пред домашната јавност и во ЈИЕ во земјите кои покрај Македонија се вклучени во проектот: Романија, Турција, Хрватска, Црна Гора, Србија, и Бугарија.
Првиот секретар и раководител за економија и финасии во Делегацијата на Европската комисија во Македонија, Јаромир Левичек рече дека ЕК веќе седум години е еден од главните поддржувачи на општествено одговорните практики во земјава и додаде дека концептот за општествена одговорност треба да се имплементира во македонскиот образовен систем.
„Агендата за општествено одговорно однесување мора да биде локално фокусирана и да се движи од дното нагоре, со цел да се одговори на потребите за развој“, рече Левичек.
Претседателот на Координативно тело за општествена одговорност на претпријатијата Алексндар Николов посочи дека една од новините годинава е признанието за „најинвентивна практика“ кое, како што рече, се доделува на проектот што има нов пристап кон решавање на одреден општествен проблем или нов пристап кон бизнисот што носи придобивки за засегнатите страни.
„Докажавте дека и во услови на перманентна криза во опкружувањето можете да бидете профитабилни, а истовремено и одговорни кон заедницата и животната средина“, им порача Николов на претпријатијата кои аплицираа за наградата и нагласи дека годинава има извонреден квалитет на пријавените проекти со одлични и оригинални идеи. Тоа, потенцира тој, го направи изборот многу тежок за жири комисијата.
Миле Бошков, претседателот на Бизнис конфедерацијата на Македонија, која годинава е коорганизатор на настанот, истакна дека за нив општествената одговорност е дел од социјалниот дијалог.
„Нашата мисија е општествана одговорност за сите и оставање на печат или отпечаток во целокупното општествено живеење… Компаниите општествената одговорност не ја прават за профит, туку за оставање на отпечаток во општеството, бидејќи останува за иднината, додека луѓето се менуваат. Затоа треба да работиме на тоа што ќе им оставиме за нашите деца во категориите етика, вложување во заеницата, вработените и човечкиот кадар“, рече Бошков.
Организирањето на Националната награда финасиски беше поддржано и од проектот „Општествена одговорност за сите“ (CSR for All). /крај/мф/ап/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Мицкоски: Без одржлива струја нема развој на вештачката интелигенција – градиме гасни интерконектори со две соседни држави
Македонија ги зајакнува преносните линии за електрична енергија и за гас, во однос на вештачката интелигенција. Се гради еден гасен интерконектор со Грција, а почнуваме да градиме гасен конектор што ќе ја поврзе нашата држава Србија, објасни премиерот Христијан Мицкоски на прашања поставени на панелот во Давос кои се однесуваа на вештачката интелигенција и потребните центри за гасови, како и тоа што прави Македонија да привлече странски директни инвестиции наспроти Хрватска и Словенија.
„Во однос на вештачката интелигенција ние ги зајакнуваме нашите преносни линии за електрична енергија но не само за електрична енергија, исто така ги зајакнуваме нашите преносни линии со преносните линии за гас. За центрите за податоци, ви е потребно одржливо би рекол, снабдување со електрична енергија. Значи некој мора да произведе одржливо и сигурно снабдување со електрична енергија за центрите за податоци, за да имаат добри, би рекол одлични перформанси на вештачката интелигенција. Во тој поглед градиме еден гасен интерконектор со Грција, а сега почнуваме да градиме гасен конектор што ќе ја поврзе мојата земја со Србија.
Што значи ова? Ќе го зголемуваме капацитетот на гас до осум милијарди кубни метри годишно. Досега трошиме половина милијарди кубни метри годишно, што значи дека илјадници и илјадници мегавати инсталиран капацитет електрани на гас да снабдуваат нови центри за податоци со електрична енергија. Ова е еден столб на еден пример и целиот институционален ризик го прифаќаме како Влада. Ова е нешто што можеме да им го обезбедиме на инвеститорите како поттик“, рече Мицкоски во Давос.
Во моментов се развиваат три важни проекти за производство на електрична енергија од хидроцентралите во вредност од 2 милијарди евра. Овие проекти, информираше премиерот, не се важни само за Македонија туку и за регионот.
„Сега развиваме три големи проект во однос на производство на електрична енергија од хидроцентрали. Зборуваме за проекти од 2 милијарди евра. Тие проекти се многу важни за нас, не само за производство на електрична енергија, туку тие три проекти се и стратешки важни за нас. Но не само за нас, туку и за регионот во целост.
Зборуваме за три големи брани кои ќе создадат три големи резервоари со многу чиста вода за пиење. Имајќи ги предвид климатските промени, мислам дека регионот ќе има потреба од тие резерви со вода за пиење, со чиста вода за пиење. И двата проекта се дел од каскада што се потпира на една голема река, наречена Црна Река. Низводно од таа каскада имаме најдоброто земјоделско земјиште во Европа, а тој регионот е познат како Тиквешки регион.
Практично сме фокусирани на енергијата, а во исто време имаме и други приоритети. Но веројатно сакате повеќе да зборувате за вештачката интелигенција. Исто сакате да се зборувате за електричната енергија и сите оние проекти кои се поврзани некако со тие две многу важни прашања, не само во мојата земја туку и овде во Давос. Многу пати слушаме од политичарите како зборуваат за вештачката интелигенција. Се прашувам дали сите тие можат да ја разберат суштината на вештачката интелигенција или ја користат вештачката интелигенција како популарен збор, како два популарни збора. Го завршив мојот докторат пред 16,17 години и користев алгоритам на фази логика за контрола на манипулативни роботи. Значи, практично тоа беше почетокот на вештачката интелигенција“, подвлече премиерот на панел дискусијата во Давос.
Економија
(Видео) Мицкоски од Давос: „Бошков Мост“, „Чебрен“ и „Галиште“ ги привлекоа инвеститорите
Премиерот Христијан Мицкоски од Давос соопшти дека имал уште еден успешен ден со бројни билатерални средби и настапи, во рамки на престојот на Светски економски форум.
„Уште еден успешен ден со многу билатерални средби“, изјави Мицкоски, посочувајќи дека денот започнал со средба со Борјана Кришто, по што следеле средби со мултинационални компании кои, како што рече, имаат значајна улога во глобалниот бизнис.
Мицкоски информираше дека имал и успешен панел на кој повторно се разговарало за клучните теми на овогодишниот самит во Давос – вештачката интелигенција, дата-центрите и потребата од зголемено производство на електрична енергија.
„Разговаравме со луѓе кои навистина значат во светот на вештачката интелигенција, фирми кои се водечки во управувањето со дата-центри, но и за предизвиците поврзани со потребата од зголемување на производството на електрична енергија“, изјави премиерот.
Тој додаде дека пред соговорниците ги презентирал и проектите кои за Владата се значајни, а кои опфаќаат производство на електрична енергија, подобрување на преносните капацитети и интерконекторите за електрична енергија и гас.
Мицкоски соопшти дека за прв пат на панелот ги презентирал и клучните проекти кои Владата планира да ги објави во периодот што следи – Бошков Мост, Чебрен и Галиште.
Според него, проектите привлекле големо внимание кај инвеститорите, кои по завршувањето на панелот му пристапиле за размена на контакти и биле поканети да ја посетат земјата. „Убеден сум дека овие проекти ќе бидат успешни, ќе додадат вредност во економијата на Македонија и во квалитетот на живот на македонските граѓани“, изјави Мицкоски.
Тој најави дека престојот во Давос продолжува со уште еден панел и презентација на инвестициските можности на Македонија пред нова група инвеститори, а враќањето во Скопје е планирано за утре.
Економија
НБРМ: Годишен раст од 10,1 отсто на вкупните депозити и од 13,0 проценти на вкупната кредитна поддршка
Анализирано на годишно ниво, вкупните депозити се зголемени за 10,1%, во поголем дел поради растот на депозитите на секторот „домаќинства“, при раст и на депозитите на корпоративниот сектор, соопшти НБРМ.
На годишна основа, вкупните кредити се зголемени за 13,0%, како резултат на растот на кредитите кај двата сектора, со малку поизразен придонес на корпоративниот сектор.
Најновото соопштение за монетарните движења е достапно на: https://www.nbrm.mk/content/statistika/Soopstenija/%D0%9CD/2025/Soopstenie_za_pecat_monetarni_dvizenja_2025_dekemvri_mk.pdf

