Македонија
Нови механизми во следењето на енергетскиот пазар

Во четвртокoт пред пошироката јавност беа првпат претставени целите и исходите на Твининг проектот финансиран од Европската Унија, под името „Институционално зајакнување на Регулаторната комисија за енергетика“ (РКЕ)
Овој амбициозен проект што ги здружува напорите на проектните партнери од Македонија и Австрија, е насочен кон исполнување на целта поврзана со поддршка на РКЕ при усогласувањето на својот институционален капацитет со законодавството на Европската Унија од областа на енергетиката, во рамките на временски период од 16 месеци. Првите цели предвидени за досегашната утврдена временска рамка се веќе исполнети, велат организаторите.На почетната работилница за овој проект од јавен карактер, којашто се одржа во Инфо-центарот на ЕУ во Скопје, присуствуваа клучните актери на полето на енергетската политика и регулирањето: на претставниците на РКЕ им се придружија колегите од австрискиот регулаторен орган за енергетика – E-Control, претставници на Делегацијата на ЕУ, домашни и меѓународни институции, енергетски органи, создавачи на политики, академици, регулирани компании, како и претставници на медиумите.„Република Македонија е прва земја во регионот чии проекти се одобрени од Европската комисија и прва земја која на 30 октомври 2007 г. ја потпиша финансиската спогодба, што овозможи користење на средствата од ИПА фондовите“, рече вицепремеирот за економски прашања, Владимир Пешевски. Тој додаде дека проекти од типот како што е овој „придонесуваат за развојот на функционална пазарна економија, подобрување на деловната околина и зголемување на меѓународната конкурентност на стопанството“, од кои ефектите водат кон создавање на трајни вредности и придобивки за сите учесници, што во друга изјава го потврди Лукас Мелка од Делегацијата на ЕУ. Дирк Бушле од Секретаријатот на Енергетската заедница истакна дека: „Регулаторните органи се наши природни сојузници кога станува збор за промовирање на зајакнувањето на енергетските пазари во интерес на сите потрошувачи“. Амбасадорот на Австрија, Алоис Краут, истакна, пак, дека постојат навистина многу сличности меѓу двете земји.Преку воспоставувањето партнерски односи меѓу два органа коишто се активни на исти полиња во различни земји, твининг проектите се особено погодни за постигнување одржливи резултати, нагласи Димитар Петров, претседател на РКЕ, во рамките на неговото обраќање за долгорочните цели на регулирањето во Македонија. Осврнувајќи се токму на овој проект, тој истакна дека: „Проектот несомнено ќе придонесе кон уште поголемо подобрување на капацитетите на РКЕ, особено во однос на следењето на енергетските пазари, лиценцирањето, односите со заинтересираните страни и со медиумите, како и во однос на подобрувањето на внатрешните процедури“. Неговиот колега од австрискиот E Control, Валтер Болц, детално претстави како проектот се вклопува во пошироката слика. „Со воведувањето на третиот енергетски пакет во ЕУ се менува целата регулаторна рамка и тоа порано или подоцна ќе има влијание и врз земјите од Енергетската заедница. Нашиот заеднички твининг проект ќе и’ помогне на РКЕ и во подготовката за таквите идни предизвици“, изјави Болц.Твининг проектот „Институционално зајакнување на Регулаторната комисија за енергетика“ го финансира Европската Унија со вкупен буџет од 600 илјади евра. Проектот заеднички го спроведуваат Агенција за европска интеграција и економски развој (АЕИ), E-Control, aвстриски регулаторен орган за пазарите на електрична енергија и на гас; Регулаторна комисија за енергетика во Македонија; EXAA, австриска енергетска размена; TÜV, австриски институт за стандардизација; како и AGEN-RS, регулаторен орган за енергетика на Република Словенија.Временскиот период утврден за спроведување на Твининг, како што спомнавме претходно изнесува шеснаесет месеци, а од него се очекуваат да даде резултати во воведувањето ефикасен систем за следење на сообразноста со лиценците, со примена кај производството на електрична енергија и на топлинска енергија. Исто така, се очекуваат и значајни резултати во преносот на електрична енергија и природен гас; дистрибуција на електрична енергија, топлинска енергија и природен гас; снабдување, трговија со и прекуграничен пренос (увоз, извоз, транзит) на електрична енергија, како и соодветна обука за системот за следење на сообразноста. Со оваа програм е планирано воспоставувањето механизми за следење на пазарот коишто би гарантирале недискриминација, ефикасна конкуренција, и ефикасно функционирање на пазарот, потоа ревидирање и спроведување на процедурите за управување со квалитетот, со акцент на внатрешните процедури за комуникација, процедурите за архивирање и за управување со документи, како и на внатрешните правила за намалување на ризикот од коруптивно однесување; како и соработка со релевантните заинтересирани страни, зајакнување на мрежата на заинтересирани страни, и подобрување на соработката меѓу РКЕ и релевантните органи на национално, регионално и на европско ниво.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Првите четири банки од земјава впишани во регистарот на Европскиот совет за плаќања – започнува членувањето во СЕПА

Европскиот совет за плаќања (ЕПС) ги впиша првите четири банки од нашата земја – станува збор за три големи и една средна банка – во регистарот на учесници во шемата за кредитни трансфери на СЕПА. Овој важен чекор е резултат на успешно поднесени барања од страна на овие банки, а со тоа официјално започнува и членувањето на нашата земја во СЕПА.
Овие банки ќе започнат со вршење на кредитните трансфери во СЕПА од 6 октомври 2025 година.
Се очекува и останатите осум деловни банки, кои најавија дека ќе поднесат барања во периодот од јуни до август оваа година, ќе бидат впишани во регистарот на ЕПС и ќе започнат со вршење на плаќањата во рамките на СЕПА до 6 октомври.
Да потсетиме, на 6 март 2025 година ЕПС го прифати барањето за членство коешто го достави Народната банка за нашата земја, со што станавме членка на Единствената област за плаќање во евра (СЕПА). Со ова се овозможи приклучување на домашните банки во европските платежни шеми преку кои се извршуваат плаќањата во евра, во географски опсег од 41 земја членка.
Интеграцијата на банките од земјава во европскиот платежен екосистем носи бројни придобивки за граѓаните и за компаниите – пред сѐ побрзи, поефикасни и поевтини прекугранични плаќања во евра, како и поголема економска поврзаност и активност.
Народната банка, како институција којшто ги координираше активностите за членство во СЕПА, останува целосно посветена на процесот на интеграција на банките и ќе продолжи редовно и навремено да ја информира јавноста за постигнатиот напредок.
Економија
Владата: Исплатени се субвенции на 70.000 земјоделци во вредност од повеќе од 9 милијарди денари

Исплатени над девет милијарди денари субвенции на над 70.000 земјоделци.
Владата соопшти дека се врши редовна исплата на субвенциите и со тоа им се дава директна поддршка на земјоделците да продолжат со своето производство.
„За една година, Владата и МЗШВ успеа да ги исплатат заостанатите субвенции на земјоделците за сите категории од 2021, 2022, 2023 година, а се исплаќаат и тековните субвенции. Покрај ова, како Влада успеавме да ги подобриме земјоделските политики и наместо земјоделските производи да се фрлаат, истите сега се откупуваат по пристојни цени од страна на откупувачите. Промените се очигледни. Тие се случуваат. Времето на промените е тука, работиме и ја вреднуваме маката на земјоделците“, велат од владината прес-служба.
Се додава дека оваа Влада е земјоделска и земјоделците после седум години конечно имаат партнер.
Економија
Од полноќ поскап дизел

Од полноќ максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
– Моторен бензин – ЕУРОСУПЕР БС – 95 – 76,00 (денари/литар)
– Моторен бензин – ЕУРОСУПЕР БС – 98 – 78,00 (денари/литар)
– Дизел гориво – ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) – 72,00 (денари/литар)
– Масло за горење – Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) – 70,00 (денари/литар)
– Мазут М-1 НС – 40,928 (денари/килограм)
Малопродажнaта цена на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) се зголемува за 2,00 ден/лит.
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98, на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) и на Мазутот М-1 НС не се менуваат.
Ова се максималните цени на нафтените деривати од 00:01 часот на 21.6.2025 година. Трговците на големо и трговците на мало со нафтени деривати и горива за транспорт можат да ги формираат цените на одделни нафтени деривати и горива за транспорт и пониско од највисоките утврдени цени.